Return to the talk Return to talk

Transcript

Select language

Translated by ALEKSANDAR MITEVSKI
Reviewed by Dimitar Dimitrovski

0:11 Се наоѓам на длабочина од 45 метри во едно нелегално рудaрско окно во Гана. Воздухот е тежок, врел, правлив и тешко се дише. Можам да ги почувствувам испотените тела, кои поминуваат покрај мене во темнината, но не можам да видам ништо друго. Слушам гласови, но окното во суштина е какофонија од луѓе кои кашлаат и камења, кои се кршат со примитивни алатки. Како и другите луѓе, носам ефтина ламба која трепери, прицврстена за мојата глава со еластичен, искинат стегач и одвај ги распознавам мазните дрвени стебла кои го потпираат ѕидот на тесната дупка која е длабока стотици метри. Кога и да ми се лизнеше раката, наеднаш се присетував на еден рудар кој го сретнав неколку дена претходно, кој имаше изгубено рамнотежа и беше паднал многу длабоко во окното.

1:16 Додека зборувам пред вас денес, тие мажи се сè уште длабоко во таа дупка, ризикувајќи го својот живот без плата или некаков надомест и честопати умираат таму.

1:29 Јас успеав да излезам од таа дупка и успеав да си отидам дома, но тие веројатно никогаш нема да излезат бидејќи се во заробеништво.

1:40 Во текот на изминативе 28 години, ги документирав домородните култури во повеќе од 70 држави на шест континенти и во 2009 г. ја имав големата чест да бидам единствениот изложувач на Мировниот самит во Ванкувер. Помеѓу сите неверојатни луѓе, кои ги сретнав таму, сретнав еден поддржувач на „Ослободете ги робовите,“ тоа е невладина организација, посветена на искоренување на современото ропство. Започнавме да зборуваме за ропството и навистина почнав да учам нешто за ропството за кое со сигурност знаев дека постои во светот, меѓутоа не до толкав степен. Откако завршивме со разговорот, се почувствував многу лошо и бев навистина засрамена поради моето незнаење за тој ужас, кој се случуваше во моментов и си помислив, дека ако јас не знам за тоа, тогаш колку многу други луѓе исто така не знаат за ова? Тоа започна да ме копка одвнатре и после неколку недели одлетав до Лос Анџелес за да се сретнам со директорот на „Ослободете ги робовите“ и да му ја понудам мојата помош.

2:44 Така започна моето патешествие во ропството на современиот свет. Чудно, но и претходно сум била во многу од тие места. Некои од нив дури и ги сметав за втор дом. Но, овој пат би ги набљудувала нивните скриени страни.

3:02 Просечната проценка ни кажува дека има повеќе од 27 милиони луѓе, коишто денеска се робови. Тоа е двојно повеќе од луѓето, земени од Африка во текот на целата транс-атлантска трговија со робови. Пред сто и педесет години, еден земјоделски роб чинеше околу три пати повеќе од годишната плата на еден американски работник. Тоа е еднакво на денешни 50.000 долари. Денес, цели семејства можат да бидат поробени со поколенија само поради долг од 18 долари. Зачудувачки, ропството носи заработувачка од повеќе од 13 милијарди долари секоја година во светот.

3:48 Многу луѓе биле измамени преку лажни ветувања за добро образование, подобра работа, а на крај се соочуваат со принудна работа без плата, под закана за насилство и затоа не можат да се оттрнат од таму.

4:04 Во современото ропство станува збор за трговија, на тој начин што производите коишто поробените луѓе ги произведуваат, имаат цена, а луѓето пак служат за еднократна употреба. Ропството постои речиси насекаде во светот и покрај тоа што е нелегално секаде во светот.

4:28 Во Индија и Непал ми покажаа печки за печење на тули. Таа чудна и страшна глетка беше како прошетка во древен Египет или во „Пеколот“ на Данте. При температура од 54 степени, мажи, жени, деца, цели семејства всушност, беа прекриени со дебел слој на прашина додека механички редеа тули врз своите глави, по 18 наеднаш и ги носеа од врелите печки до камионите кои се наоѓаа на стотици метри одалеченост. Умртвени од монотонијата и истоштеноста, тие работат тивко, извршувајќи ја оваа задача одново и одново 16 или 17 часа дневно. Немаше паузи за храна, немаше паузи за пиење вода, а поради тешката дехидрација, уринирањето беше сведено на минимум. Топлината и правот беа толку многу продорни што фотоапаратот стана прежежок, дури и за да го допрам и престана да работи. На секои 20 минути требаше да трчам до џипот за да ја чистам опремата и да ја ставам под клима уред, да ја оживеам; и додека седев таму, си помислив, дека мојот фотоапарат добива многу подобар третман отколку овие луѓе.

5:48 Кога се вратив кај печките, сакав да заплачам, но аболиционистот кој беше до мене веднаш ме зграпчи и рече: "Лиза, немој. Само немој овде." Тој многу јасно ми објасни, дека покажувањето емоции е многу опасно на едно такво место, не само за мене, туку и за нив. Не можев да им понудам директна помош. Не можев да им дадам пари, ништо. Не бев граѓанин на таа држава. Можев да им ја влошам и така лошата ситуација во која веќе се наоѓаа. Морав да се потпрам на „Ослободете ги робовите“ кои за нивно ослободување се бореа преку правни механизми и верував дека ќе успеат во тоа. Што се однесува до мене, морав да почекам до дома за навистина да ја почувствувам мојата болка.

6:39 На Хималаите налетав на деца, кои носеа камења со километри по планински терен до камионите, коишто чекаа на патот. Големите камени плочи беа потешки од самите деца кои ги носеа, а ги носеа обесувајќи ги на своите глави со помош на рачно изработени рамки од стапови и јажиња и искината ткаенина. Тешко е да се набљудува нешто толку измачувачко. Како можеме да влијаеме врз нешто толку ужасно, а коешто е толку широко распространето? Некои од нив дури и не знаат дека се робови, луѓе коишто работат 16, 17 часа дневно без плата, бидејќи вака им поминувал целиот нивен живот. Немаат со што да го споредат. Кога овие селани застанаа за својата слобода, робовласниците им ги запалија сите нивни куќи. Мислам, овие луѓе немаа ништо, и беа толку исплашени, што сакаа да се откажат, но жената од центарот ги убеди да настојуваат а аболиционистите им помогнаа да изнајмат сопствен каменолом, така што, тие сега ја работат истата макотрпна работа, но работат за себе, им се плаќа за тоа и исто така тие се слободни.

7:59 Трговијата со луѓе е нешто на кое често помислуваме, кога ќе слушнеме за ропството во светот и поради оваа глобална свесност, ме предупредија дека ќе биде опасно да работам безбедно во оваа индустрија.

8:11 Во Катманду, бев придружувана од жени, коишто претходно и самите биле секс робинки. Тие ме однесоа надолу по едни тесни скали коишто водеа до еден валкан, слабо осветлен подрум. Тоа не беше јавна куќа, само по себе. Повеќе изгледаше на ресторан. Кабинските ресторани, како што се познати во трговијата, се места за присилна проституција. Секој од нив има мали, приватни соби, каде робовите, жени, заедно со мали момчиња и девојчиња, некои од нив едвај седумгодишни, се присилувани да ги забавуваат клиентите, притоа поттикнувајќи ги да купуваат повеќе храна и алкохол. Секоја собичка е мрачна и валкана, означена со број кој е обоен на ѕидот, и притоа се поделени со шперплоча и завеса. Работниците овде честопати претрпуваат трагични сексуални злоставувања во рацете на нивните клиенти. Додека стоев во темнината, почувствував еден брз и силен страв и во тој момент можев само да си претпоставам, какво е чувството да бидеш заробен во тој пекол. Имав само еден излез: скалите од каде што влегов. Немаше заден излез. Немаше големи прозорци за да се прекачиш. Овие луѓе немаа никаков излез и додека зборуваме за една ваква тешка тема, важно е да се каже дека ропството, вклучително и трговијата со луѓе, исто така ја има и во „нашиот двор.“

9:42 Илјадници луѓе се заробени во земјоделството, во рестораните, во домашен притвор и уште на многу други места. Неодамна, Њујорк Тајмс објави дека помеѓу 100.000 и 300.000 американски деца секоја година се продаваат за сексуални услуги. Тоа се случува околу нас. Едноставно не го забележуваме.

10:11 Текстилната индустрија е друг пример на кој ни текнува кога ќе слушнеме за робовскиот труд. Посетив села во Индија, каде цели семејства се поробени во трговијата на свила. Ова е семеен портрет. Црно офарбаните раце се на таткото, додека пак сините и црвените раце се на неговите синови. Тие мешаат боја во овие големи буриња, и ја потопуваат свилата во течноста се до нивните лакти, но бојата е отровна.

10:45 Преведувачот ми го раскажа нивното минато.

10:48 „Немаме слобода,“ велеа тие. „Сепак, се надеваме, дека ќе можеме да ја напуштиме оваа куќа еден ден и дека ќе отидеме на друго место, кадешто ќе ни плаќаат за бојадисувањето.“

11:03 Се проценува, дека повеќе од 4 000 деца се поробени на Езерото Волта, најголемото вештачко езеро во светот. Кога пристигнавме, набрзина разгледав. Најпрвин ми личеше на семејство во чамец, кое лови риби, двајца постари браќа, неколку помали деца, тоа има смисла нели? Грешка. Сите тие беа поробени. Децата ги земаат од нивните семејства ги препродаваат и им се губи трагата, а потоа ги принудуваат да работат бескрајни часови на овие чамци на езерото, дури иако не знаат да пливаат.

11:41 Ова мало дете има осум години. Тоа трепереше, кога нашиот чамецот му се приближи, исплашено дека ќе го прегазиме во неговото мало кану. Беше исплашено дека ќе се преврти во водата. Во голите гранки на дрвјата потопени во езерото Волта, често се заплеткуваат риболовните мрежи, а изморените, исплашени деца ги фрлаат во водата, за да ги отплеткаат. Многу од нив се дават.

12:08 Колку што се сеќаваше, тој бил принуден да работи на езерото. Исплашен од својот господар, тој не бегал и бидејќи целиот живот сурово се однесувале кон него, на истиот тој начин, тој ги третирал помладите робови со коишто управуваше.

12:26 Овие момчиња ги сретнав во пет часот изутрината, кога ја фрлаа последната мрежа, но тие работеа уште од 1 часот по полноќ во студената и ветровита ноќ. Важно е да се каже, дека овие мрежи тежеа повеќе од половина тон тогаш кога се полни со риба.

12:45 Сакам да ви го претставам Кофи. Кофи беше спасен од едно риболовно село. Го сретнав во засолништето, каде „Ослободете ги робовите“ ги рехабилитираа жртвите на ропство. Тука тој се бања на кладенецот, сипувајќи големи кофи вода врз главата, и прекрасната вест е дека додека јас и вие зборуваме денеска, Кофи повторно е со неговото семејство и она што е уште подобро, на семејството му дадоа алатки со кои ќе заработуваат за живот и со кои ќе ја осигураат безбедноста на децата. Кофи е отелотворување на можноста. Што ќе постане тој бидејќи некој се заложил за него и му го променил животот?

13:33 Додека се возевме по еден пат во Гана со партнерите од „Ослободете ги робовите,“ еден колега аболиционист на мотор наеднаш забрза до нашиот џип и ни чукна на прозорецот. Ни рече да го следиме по еден валкан пат кој водеше во џунглата. На крајот од патот, нè извади од колата, и му кажа на возачот веднаш да си замине. Потоа покажа кон една одвај забележлива патека и рече: „Тоа е патот, тоа е патот. Одете.“ Движејќи се, ги тргавме лозите настрана коишто го блокираа патот и после еден час пешачење, видов дека патеката е поплавена од неодамнешните дождови, па затоа, го кревав фотоапаратот над глава како што одевме понатаму, бидејќи водата веќе ми беше до гради. После два часа пешачење, патчето ненадејно заврши на една чистинка и пред нас имаше многу дупки, кои беа со големина на фудбалско игралиште, и сите беа полни со робови, коишто работеа. Многу жени имаа деца кои им беа прицврстени за грб, додека тие го промиваа златоносниот песок, движејќи се во водата загадена со жива. Живата се користи во прочистителниот процес.

14:54 Овие рудари се робови во едно рударско окно во друг дел од Гана. Кога излегуваа од окното, тие беа жива вода од сопствената пот. Се сеќавам дека ги гледав во изморените и крвави очи, бидејќи многу од нив под земја беа и по 72 часа. Јамите се со длабочина до 90 метри, а тие со себе носат тешки вреќи со камења, коишто подоцна ќе бидат транспортирани до друга област, каде камењата ќе бидат дробени, за да може да се извлече златото.

15:29 На прв поглед, местот за дробење изгледа како да е полно со силни мажи, но кога погледнавме одблизу, видовме некои несреќници кои работеа по страните, а исто така и деца. Сите се жртви на повреди, болести и насилство. Всушност, многу е веројатно дека овој мускулест човек ќе заврши како овој овде, погоден од туберкулоза и труење со жива само после неколку години.

16:06 Ова е Мануру. Кога татко му починал, неговиот чичко го продал за да работи со него во рудниците. Кога чичко му починал, Мануру го наследил неговиот долг што и понатаму го принудило да остане роб во рудниците. Кога го сретнав, тој работеше во рудниците од 14 години, а повредата на ногата, која ја гледате овде е како резултат на несреќа во рудникот, толку тешка, што лекарите велат дека треба да му биде ампутирана. Како капак на сè, Мануру има и туберкулоза, но и покрај тоа, тој е принуден да работи секој ден во оваа рударска јама.

16:47 И покрај тоа, тој сонува дека ќе биде ослободен и дека ќе се образува со помош на локалните активисти, како што се „Ослободете ги робовите,“ и токму таквата решителност, наспроти многу малите шанси, е она што ме исполнува со стравопочит.

17:11 Сакам да фрлам светлина врз ропството. Додека работев на полето донесов многу свеќи со мене и со помошта на мојот преведувач, им кажав на луѓето кои ги фотографирав дека сакам да ги расветлам нивните приказни и нивната судбина, а кога не беше опасно за нив и за мене, ги направив овие слики. Тие знаеа, дека нивната слика ќе биде видена од вас насекаде низ светот. Сакав тие да знаат, дека ќе сведочиме за нив и дека ќе направиме сè што можеме за да им помогнеме да си го променат животот. Вистински верувам, дека ако едни со други се гледаме како еднакви човечки битија, тогаш ќе биде многу тешко да се толерираат злосторствата налик на ропството. Ова не се фотографии на проблеми. Тоа се фотографии на луѓе, вистински луѓе, како вас и мене, кои ги заслужуваат истите права, достоинство и почит во своите животи. Нема ден, а да не мислам на овие многубројни, убави, малтретирани луѓе, што имав голема чест да ги сретнам.

18:32 Се надевам, дека овие фотографии ќе побудат сила

18:35 во оние кои ги гледат, во луѓето како вас и се надевам дека силата ќе запали оган и дека тој оган ќе фрли светлина врз ропството, бидејќи без таа светлина, ѕверот наречен ропство ќе продолжи да живее во сенките.

18:55 Многу ви благодарам.

18:57 (Аплауз)