Return to the talk Return to talk

Transcript

Select language

Translated by Cece Kundtz
Reviewed by ALEKSANDAR MITEVSKI

0:11 Сакам да ви раскажам за татко ми. Татко ми има Алцхајмерова болест. Почна да покажува симптоми пред околу 12 години, а официјално дијагноза му беше поставена во 2005. Сега е прилично болен. Му треба помош при јадење, му треба помош за да се облече, не знае каде е или кога е, и ова е многу, многу тешко. Татко ми беше мој херој и мој ментор во поголемиот дел од мојот живот, а минатава декада ја поминав гледајќи го како исчезнува.

0:42 Татко ми не е единствен. Има околу 35 милиони луѓе во светот што живеат со некаков вид на деменција, а до 2030 се очекува таа бројка да се дуплира на 70 милиони. Тоа се многу луѓе. Деменцијата нè плаши. Збунетите лица и тресењето на рацете кај луѓето со деменција, големиот број на луѓе што заболуваат, тоа нè плаши. И поради тој страв, склони сме да направиме една од две работи: Негираме: "Не сум јас, нема никаква врска со мене, никогаш нема мене да ми се случи." Или, одлучуваме дека ќе ја спречиме деменцијата, и никогаш нема нас да ни се случи, затоа што сè ќе направиме како што треба и нема да нè фати. Јас барам трет начин: јас се спремам да добијам Алцхајмерова болест.

1:30 Превенцијата е добра, и јас правам сè за да ја спречам Алцхајмеровата болест. Правилно се хранам, вежбам секојдневно, го одржувам умот активен, истражувањето кажува дека тоа треба да го правите. Но истражувањето исто така покажува дека не постои 100 процентна заштита. Ако чудовиштето ве сака, чудовиштето ќе ве фати. Тоа му се случи на татко ми. Татко ми беше двојазичен професор на колеџ. Хоби му беа шах, бриџ и пишување колумни. (Смеа) И покрај тоа, сепак тој доби деменција. Ако чудовиштето ве сака, чудовиштето ќе ве фати. Посебно ако сте како мене, затоа што Алцхајмеровата болест е наследна. Така да се спремам да добијам Алцхајмерова болест.

2:19 Од она што го научив додека се грижев за татко ми, и од она што го истражив за тоа како е да се живее со деменција, се фокусирам на три нешта во мојата подготовка: Го менувам она што го правам за забава, се трудам да ја зајакнам мојата физичка сила и -- ова е тешкиот дел -- се трудам да станам подобра личност. Да започнеме со хобијата. Кога ќе добиете деменција, станува се потешко и потешко да уживате. Не можете да седнете и да муабетите со старите пријатели, бидејќи не знаете кои се тие. Збунувачки е да гледате телевизија, и често е застрашувачки. А читањето е невозможно. Кога се грижите за некого со деменција, и кога ќе добиете обука, ве обучуваат да ги ангажирате со активности кои им се познати, практични, отворени. Со татко ми тоа беше пополнување формулари. Тој беше професор на државен универзитет; па оттука, знаеше што е документација. Ќе се потпишеше на секоја линија, ќе ја штиклираше секоја коцка, ќе ставеше бројки таму каде што мислеше дека треба да има бројки. Но, тоа ме натера да размислам, што ќе прават со мене моите негуватели? Јас сум ќерка на татко ми. Читам, пишувам, многу размислувам за глобалното здравство. Ќе ми дадат ли академски списанија за да чкртам на маргините? Ќе ми дадат ли табели и графикони за да бојам? Затоа се трудам да научам практични работи. Отсекогаш сум сакала да цртам, па го правам тоа повеќе иако навистина не ме бива. Учам некои основни оригами. Можам да направам одлична кутија. (Смеа) И се учам да плетам, за сега можам да сплетам дамка.

4:03 Но, знаете, не е битно колку ме бива. Битно е тоа што моите раце знаат како се прави. Бидејќи колку повеќе работи ми се познати, колку повеќе има работи кои моите раце знаат да ги прават, ќе има повеќе работи кои ќе ме развеселуваат и ќе ме држат зафатена кога мојот ум веќе нема да биде главен. Велат дека луѓето кои се зафатени се посреќни, полесно е за негувателите да се грижат за нив, а тоа дури може и да го успори развојот на болеста. Тоа мене ми личи на победа Сакам да сум среќна што е можно подолго. Многу луѓе не знаат дека Алцхајмеровата болест всушност има физички симптоми , како и когнитивни симптоми. Го губите осетот за равнотежа, добивате мускулни тремори, и поради тоа луѓето стануваат се помалку подвижни. Се плашат да одат. Се плашат да се движат. Затоа правам вежби кои ќе ја подобрат мојата равнотежа. Вежбам јога и таи чи да ја подобрам равнотежата, па кога ќе почнам да ја губам, сè уште ќе можам да се движам. Вежбам со тегови, за да имам мускулна сила па кога ќе почнам да венеам, ќе имам повеќе време да се движам наоколу.

5:06 И конечно, третото нешто. Се обидувам да станам подобра личност. Татко ми беше љубезен и полн со љубов пред да заболи од Алцхајмер, а љубезен è и полн со љубов и сега. Го гледав како го губи интелектот, смислата за хумор, јазичните способности, но го видов и ова - Ме сака, ги сака моите синови, го сака брат ми и мајка ми и негователите. А таа љубов нè тера да бидеме близу до него, дури и сега. дури и кога е многу тешко. Кога ќе одземете сè што тој научил во овој свет, неговото голо срце сеуште блеска. Јас никогаш не сум била љубезна како татко ми, и никогаш не сум била толку полна со љубов. И сега треба да научам како да бидам таква. Ми треба срце толку чисто што ако е соголено од деменција пак да преживее.

5:53 Не сакам да добијам Алцхајмерова болест. Тоа што сакам е лек во следниве 20 години, доволно брзо за да ме заштити. Но ако дојде по мене, јас ќе бидам спремна. Ви благодарам.

6:05 (Аплауз)