На фотографијава го гледаме Морис Дубу, почесниот постојан секретар на „Л’академи франсез“, Француската академија. Носи раскошна униформа од 68.000 долари, како што ѝ прилега на улогата на Француската академија, која има за задача да носи закони во врска со правилната употреба на францускиот јазик и да го продолжува животот на јазикот. Француската академија има две главни задачи: составува речник на официјалниот француски јазик - во моментов работат на деветтото издание, кое го почнале во 1930 г., а се до буквата „П“. Ја пропишуваат и правилната употреба на јазикот; па според Академијата, она што Французите го нарекуваат „имејл“ треба да биде „куриел“; светската интернет мрежа (анг. World Wide Web) треба да се нарече „глобална пајажина“. Французите мртви ладни ги игнорираат ваквите препораки.
Значи, еден начин за создавање на јазикот е ако го пропише академија. Но, ако размислиме за некој јазик, ќе сфатиме дека ваквата замисла е смешна и дека јазикот произлегува од интеракцијата на човечките умови. Овој факт го потврдува незапирливата промена на јазикот - кога Академијата ќе го заврши речникот, тој веќе ќе биде застарен.
Го потврдуваат и постојаното појавување на сленгот и жаргонот, историската промена на јазиците, појавата на најразлични дијалекти и создавањето нови јазици. Така, со јазикот не се создава или оформува човековата природа, туку тој ни е прозорец кон човековата природа. Работам на една книга во која се надевам дека со помош на јазикот ќе разјаснам неколку особини на човековата природа, како што е когнивната машинерија со која луѓето го концептуализираат светот, како и видовите односи на кои се темели човечката интеракција. Утрово ќе кажам по нешто за секоја од овие особини.
Да почнам со еден технички проблем во јазикот, што ме мачи веќе некое време - се надевам дека ќе ми ја испочитувате страста за глаголите и за нивната употреба. Прашањето е: кои глаголи одат во кои реченици? Глаголот е шасијата на реченицата. Тој е рамката на која се зашрафени другите делови.
Да ве потсетам набрзина на нешто што одамна сте го заборавиле. Со непреодните глаголи, како „вечера“, не може да се употреби директен објект. Се вели „Сем вечераше,“ а не „Сем ја вечераше пицата“. За секој преоден глагол мора да постои објект: „Сем ја искрка пицата,“ а не „Сем искрка“. Има многу вакви глаголи и секој од нив ја обликува реченицата. Па, така, кога објаснуваме како децата учат јазици, кога предаваме јазик на возрасни за да не прават граматички грешки и кога програмираме компјутери за да употребуваат јазик, проблемот е да објасниме каква конструкција е потребна за секој глагол.
На пример, дативот во англискиот. Велиме „Дај му мафин на глувчето,“ предлошки објект, или „Дај му на глувчето мафин,“ датив со два објекта. „Вети ѝ сè на Марија“, „Вети ѝ на Марија сè“, итн. Обете конструкции се можни со стотици глаголи. Детето, возрасниот човек или компјутерот може лесно да заклучи дека глагол што се појавува во конструкцијата „подмет-глагол-нешто-на примачот“ се изразува и со „подмет-глагол-примачот-нешто“. Ваквиот заклучок е практичен, бидејќи јазикот е неограничен и не можете само папагалски да ги повторите речениците што сте ги чуле. За да создавате и разбирате нови реченици, мора да сте способни да генерализирате. Ова би бил пример за генерализација.
За жал, постојат идиосинкратски исклучоци. Велиме „Биф ја возеше колата до Чикаго“, но не и „Биф ја возеше до Чикаго колата“. Велиме „Сал му зададе главоболка на Џејсон“, но „Сал му зададе на Џејсон главоболка“ звучи чудно. Решението е фактот што, иако на прв поглед се слични, овие конструкции не се синонимни. Кога ќе ја погледнете одблиску човечката когниција, ќе забележите фина разлика во значењето на двете реченици. Така, конструкцијата „Дај му X на Y“ соодветствува на мислата „Предизвикај X да оди кај Y“. Од друга страна, „Дај му го Y на X“ соодветствува на мислата „предизвикај Y да го има X“.
Многу настани можат да се протолкуваат на обата начини, како со илузиите при кои една фигура се претопува во позадината, каде или забележувате одреден предмет, а просторот околу предметот ви се губи од свеста, или ги гледате лицата во празниот простор, а предметот ви се губи од свеста. Како овие толкувања се одразуваат на јазикот? Во обата случаи, предметот што го трпи дејството се изразува со директен објект: именката по глаголот. Кога настанот го сфаќате како причинување мафинот да оди некаде, односно му правите нешто на мафинот, тогаш велите „Дај го мафинот на глувчето“. Кога го толкувате како „причини глувчето да има нешто,“ му правите нешто на глувчето, па тоа го изразувате со „Дај му на глувчето мафин“.
Значи, прашањето кои глаголи одат во која конструкција, мојот првичен проблем, зависи од тоа дали глаголот се однесува на движење или на промена на сопственост. Кога давате нешто, во исто време причинувате тоа нешто да оди некаде и некој да го поседува тоа нешто. Кога возите кола, причинувате само нештото да оди некаде, зашто Чикаго не може да поседува нешто. Само луѓето поседуваат ствари. А, кога некому му задавате главоболка и тие имаат главоболка, тоа не значи дека вашата главоболка ја вадите од глава и причинувате да отиде кај другиот човек, па да им ја ставите во глава. Доволно е да сте бучни или одвратни, или на некој друг начин да ги боли главата од вас (да им задавате главоболка). Ви дадов пример од мојата секојдневна работа.
Зошто некому би му било гајле? Сметам дека од оваа и од многу слични анализи на стотици англиски глаголи може да извлечеме неколку интересни заклучоци. Како прво, секој пат кога создаваме или изговараме реченица автоматски и потсвесно извршуваме процес со префинета концептуална структура, од кој зависи употребата на јазикот. Ова е еден вид јазик на мислата, односно „умствен јазик“.
Се заснова на непроменлива група концепти, кои обликуваат десетици конструкции и илјадници глаголи, не само во англискиот, туку и во сите други јазици - фундаментални концепти како просторот, времето, причинско-последичните врски и интеракцијата меѓу луѓето, како што е прашањето „кои се средствата и која е целта“? Овие концепти се од рангот категории кои за Емануел Кант беа основната рамка на човечката мисла, и интересно е што изгледа дека нашата несвесна употреба на јазикот ги отсликува овие Кантовски категории - при несвесната употреба, неважни се перцептуалните особини, како бојата, текстурата, тежината и брзината, кои безмалку воопшто не прават разлика во употребата на различни глаголи во различни конструкции.
Згора на тоа, сите конструкции во англискиот не ги употребуваме само буквално, туку и квази-метафорично. На пример, дативната конструкција не се употребува само за пренос на ствари, туку и за метафорички пренос на идеи, како кога ќе кажеме „Ми раскажа приказна на мене“ или „Ми раскажа мене приказна“. „Макс им предаваше шпански на студентите“ или „Макс им предаваше на студентите шпански“. Конструкцијата е сосема иста, но нема ниту мафини, ниту глувчиња. Ништо не се движи. Вака се повикува „метафората на сад“ при комуникацијата, во која идеите се објекти, речениците садови, а комуникацијата е вид испраќање, како кога велиме „да ги искажеме идеите ВО реченица,“ да не се служиме со „празни“ зборови за „пренесување“ идеи до слушателот, кој ја „извлекува“ „содржината“ од нив.
Ваквите изрази се правило, а не исклучок. Тешко е да се најде пример за апстрактен јазик што не се потпира на конкретна метафора. На пример, глаголот „оди“ и предлозите „во“ и „од“ се користат во буквалното, просторно значење: „Гласникот отиде од Париз во Истанбул“. Но, може да се каже и „Биф од болен стана здрав“. Тој не отишол никаде. Можеби цело време бил во кревет, но неговото здравје го замислуваме како точка во просторот на состојбата, што концептуализираме дека е во движење. Или „Состанокот траеше од три до четири“, при што замислуваме дека времето се движи праволиниски. Во тој контекст, фразите „со сила“ и „присили“ ги користиме не само во контекст на физичка сила, како во „Роуз ја отвори вратата со сила,“ туку и во контекст на сила меѓу две лица, како во „Роуз ја присили Седи да замине“, што не мора да значи дека ја турнала, туку дека употребила закана. Исто така, во реченицата „Роуз се присили да си замине“ ни се чини дека во главата на Роуз имало две лица што се натпреварувале меѓу себе.
Вториот заклучок е дека нашата способност еден настан да го замислиме на два различни начини, како во „да причини нешто да отиде кај некого“ и „да причини некој да има нешто“, е основна особина на човековата мисла за која многу се дискутира, при што несогласувањето не е толку во фактите, колку што е во начинот на кој тие треба да се протолкуваат. Неколку примери: „да прекине бременост“ наспроти „да убие фетус“, „грутка клетки“ наспроти „неродено дете“, „да се изврши инвазија на Ирак“ наспроти „да се ослободи Ирак“, „да се прераспредели богатството“ наспроти „да се конфискува заработката“. И најреално гледано, треба сериозно да се земе предвид дека во огромен дел нашите изрази за апстрактни настани се засноваат на конкретна метафора. Самата човечка интелигенција така се смета за збир концепти, како што се предмети, простор, време, причинување и намера, кои се корисни за еден општествен вид што се потпира на знаење, а чија еволуција лесно може да се замисли, како и процес на метафорична апстракција, со кој првичната концептуална содржина, простор, време и сила, ја отстрануваме од овие концепти и ги применуваме во нови, апстрактни домени, со што видот што еволуирал да може да се справи со камења, алатки и животни, сега може да концептуализира математика, физика, право и други апстрактни домени.
Реков дека ќе зборувам за два прозори во човековата природа. Првиот е когнитивната машинерија со која го концептуализираме светот, а сега ќе кажам по нешто за видовите односи на кои се темели човековата општествена интеракција, повторно низ призма на јазикот. Ќе започнам со загатката на индиректите говорни чинови. Сигурно повеќето од вас го гледале филмот „Фарго“. Можеби се сеќавате на сцената во која еден полицаец го запира возилото на киднаперот, му ја бара возачката дозвола на возачот, а возачот го вади паричникот од кој се наѕира банкнота од 50 долари. И вели „Мислев можеби ќе го средиме ова тука, во Фарго“, што сите, дури и публиката, го толкуваат како завиен поткуп. Ваквиот вид индиректен говор е многу чест во јазикот. На пример, при учтивите молби, ако некој рече „Ако можеш да ми го подадеш сосот, би било супер“, знаеме точно што сака да каже, иако концептот што се изразува е прилично бизарен.
„Сакаш ли да се качиш горе и да ми ги видиш резбите?“ Мислам дека повеќето луѓе сфаќаат каква намера се крие тука. И слично на тоа, ако некој рече „Колку убава продавница имате. Би било навистина штета да ѝ се случи нешто“, (Смеа) тоа го разбираме како завиена закана, а не хипотетизирање за можностите. Па, загонетката е зошто поткупот, учтивите молби, барањата и заканите се толку често завиени? Никој не прелажува никого - и двете страни знаат што точно кажал говорителот, а слушателот знае дека говорителот знае дека слушателот знае дека говорителот знае, итн. Значи, што се случува?
Мислам дека клучната идеја е дека јазикот е еден вид преговарање за односи, а постојат неколку типа човечки односи. Антропологот Алан Фиск има изготвено многу важна таксономија, во која односите, повеќе или помалку, се делат на заедница, што функционира на принципот „Што е мое е твое, што е твое е мое“, како што размислува едно семејство, на пример, доминанција, што се потпира на принципот „Немој да си играш играчки со мене“, реципроцитет: „На ти го, дај ми го“, и сексуалност: во бесмртните зборови на Коул Портер, „Ајде да бркаме работа“.
За типовите односи може да се преговара. Иако има стандардни ситуации, во кои важи едно од овие размислувања, тие може да бидат развлечени и проширени. На пример, заедницата најприродно се користи во рамките на семејството и пријателите, но може да се користи при обидот да се пренесе менталитететот на споделување во групи што обично не би го применувале. На пример, во братствата или братски организации, во сестринствата, во изразите како „семејството на човекот“, каде сакате луѓето што не се во крвно сродство да употребат тип врска што обично се користи за блиски роднини.
Но, кога има дискрепанци, односно кога едното лице користи еден тип врска, а друго лице друг, може да биде непријатно. На пример, би било непријатно самите да си се послужите со шкампа од чинијата на шефот. Или, ако гостинот што сте го поканиле на вечера по вечерата извади паричник и понуди да ви плати, повторно ситуацијата ќе биде многу непријатна. Во помалку драстичните случаи, сè уште се водат еден вид преговори. На пример, на работното место, честопати има тензија во однос на тоа колку вработеното лице може да се дружи со шефот, да му или да ѝ се обраќа на „ти“. Ако меѓу двајца пријатели постои реципроцитетна врска, како при продавање кола, познато е дека ова може да предизвика тензија или непријатност. Во една љубовна врска, преминот од пријателство кон секс е озлогласен по тоа што предизвикува најразлични непријатности, како и сексот на работното место, при што конфликтот меѓу доминантната и сексуалната врска го нарекуваме „сексуално малтретирање“.
Како е ова поврзано со јазикот? Јазикот, како општествена интеракција, мора да задоволи два услови. Мора да ја пренесете конкретната содржина, што повторно нè навраќа на метафората на садот. Сакате да го изразите поткупот, заповедта, ветувањето, барањето итн., но, исто така, треба и да преговарате и да ја одржувате врската што ја имате со другото лице. Сметам дека решението е во тоа што го користиме јазикот на две нивоа: буквалното, кое воспоставува најсигурна врска со слушателот, додека содржината што се имплицира, она што очекуваме слушателот да го прочита меѓу редови, му овозможува на слушателот да протолкува нешто што во дадениот контекст е најрелевантно, а што може да биде почеток на промена во односот.
Најпростиот пример за ова е учтивата молба. Ако молбата ја изразите со условна реченица, „Ако го отвориш прозорот, баш ќе биде супер“, иако содржината е заповедна, со самото тоа што не го користите заповедниот начин, се однесувате како да не сте во доминантна врска, при што претпоставувате дека другото лице ќе ве послуша. Од друга страна, ептен сакате да го добиете сосот. Ако ова го изразите со исказ „ако-тогаш“, ќе ја пренесете пораката без да оставите впечаток дека строите некого.
Според мене, ова функционира на посуптилен начин за сите завиени говорни чинови, во кои има и можноста за одбивање: поткуп, закани, предлози, барања, итн. Ова може да се разгледува на следниов начин. Да замислиме што би се случило ако јазикот се користи само буквално. Можете да го разгледувате ова во рамките на матрицата за добивка од теоријата на игри. Замислете дека сте киднаперот кој сака да го поткупи полицаецот. Постои голем ризик и ако полицаецот е нечесен, и ако полицаецот е чесен. Ако не го поткупите полицаецот, ќе добиете сообраќајна казна, или, во случајот на „Фарго“, и нешто пострашно - без оглед дали полицаецот е чесен или нечесен: ништо не се става на коцка, ништо не се добива. Во тој случај, ќе има крајно сериозни последици. Од друга страна, ако му понудите поткуп, а полицаецот е нечесен, придобивката ви е огромна - си одите слободни. Ако полицаецот е чесен, следи тешка казна, односно ве апсат за поткуп. Значи, ситуацијата е многу напната.
Од друга страна, со индиректен јазик, ако искажете завиен поткуп, нечесниот полицаец може да го протолкува како поткуп, при што придобивката ви е ослободувањето, а чесниот полицаец не може да ве обвини дека сте го поткупиле, па добивате само една неважна сообраќајна казна. Значи, и во обата случаи вие сте во ќар. Сметам дека на сличен начин може да ја анализираме и потенцијалната непријатност при барањето сексуален однос, како и другите случаи во кои има можност за одбивање. Мислам дека со ова се потврдува нешто што дипломатите одамна го знаат. Имено, нејасноста на јазикот воопшто не е баг или несовршеност, туку веројатно е јазична особина, која ја користиме во наша корист во општествените интеракции.
Да резимирам: јазикот е заедничка човечка креација и ја одразува човековата природа. Преку начинот на кој ја концептуализираме реалноста, преку начинот на кој градиме врски еден со друг, како и преку анализа на различните каприци и сложености на јазикот, мислам дека ни се отвора прозор кон начинот на кој функционираме. Ви благодарам многу.
You can share this video by copying this HTML to your clipboard and pasting into your blog or web page. This video will play with subtitles.
You either have JavaScript turned off or have an old version of the Adobe Flash Player. To view this rating widget you
need to get the latest Flash player.
If your browser allows only "trusted sites" to execute Javascript, you should add the "googleapis.com" domain to your whitelist to allow our Flash detection to work properly.
Got an idea, question, or debate inspired by this talk? Start a TED Conversation.
Во ексклузивно интервју за промоција на новата книга „Како мислиме“, Стивен Пинкер го разгледува начинот на кој јазикот го изразува она што го мислиме и како со зборовите што ги избираме кажуваме многу повеќе од она што сме го наумиле.
Linguist Steven Pinker questions the very nature of our thoughts -- the way we use words, how we learn, and how we relate to others. In his best-selling books, he has brought sophisticated language analysis to bear on topics of wide general interest. Full bio »
Translated into Macedonian by Jane Bozinovski
Reviewed by Biljana Dijanisieva
Comments? Please email the translators above.
19:15 Posted: Sep 2007
Views 1,227,138 | Comments 504
02:15 Posted: Jun 2008
Views 322,317 | Comments 65
22:01 Posted: Jan 2007
Views 974,249 | Comments 293
Just follow the guidelines outlined under our Creative Commons license.
This comment will be attributed to . Not ? Sign Out.