Денес, ќе ве однесам на пат околу светот во 18 минути. Јас работам во САД, но да започнеме на другиот крај од мапата во Кјото, Јапонија, каде што живеев со едно јапонско семејство додека ја спремав дисертацијата пред 15 години. Свесна бев дека ќе се соочам со културни разлики и недоразбирања, но искрснуваа кога најмалку очекував.
Уште првиот ден, отидов во ресторан, и си нарачав шолја зелен чај со шеќер. По кратка пауза, келнерот рече, „Но не се става шеќер во зелен чај.“ „Знам“, реков. „Свесна сум за ова. Ама јас си сакам благ чај.“ Како одговор, уште пољубезно ми го кажа истото. „Ама не се става шеќер во зелениот чај.“ „Сфаќам“, реков, „дека Јапонците не пијат зелен чај со шеќер. Ама јас би сакала да ставам шеќер кога пијам зелен чај.“ (публиката се смее) Изненаден од мојата упорност, келнерот го викна менаџерот. Набрзо, по долга дискусија, конечно дојде менаџерот и ми рече, „Жал ми е. Немаме шеќер.“ (публиката се смее) Па, бидејќи не можев да пијам чај каков што сакав, си нарачав кафе, а келнерот веднаш ми го донесе. На тацната забележав две пакетчиња шеќер.
Тоа што не успеав да си набавам шолја благ зелен чај не се должеше на обично недоразбирање. Се работи за една фундаментална разлика во нашите поимања за изборите. Според мојата американска перспектива, кога еден муштерија бара нешто бидејќи го претпочита, муштеријата има право да биде услужен. Американскиот начин, според Бургер Кинг, е „вашиот начин,“ бидејќи, како што вели и Старбакс, „среќата се крие во вашите избори.“ (публиката се смее) Ама од јапонска перспектива, должност им е да ги заштитат тие што не знаат, (публиката се смее) во овој случај, неупатениот туѓинец, да направи погрешен избор. Да бидеме искрени: чајот што го сакав беше несоодветен според културните стандарди, и тие даваа сé од себе за да ми го обелат образот.
Американците веруваат дека го постигнале врвот во правењето избори. Мислат дека начинот на кој тие го перцепираат правењето избор е соодветен со некоја вродена и универзална потреба за избор кај сите луѓе. За жал, нивните верувања се засновани на претпоставки што не се вистинити во многу земји, во многу култури. Понекогаш дури и не се вистинити во самите граници на Америка. Би сакала да ги продискутирам овие претпоставки и проблемите кои ги предизвикуваат. И така, се надевам дека ќе почнете да размислувате за вашите погрешни претпоставки и како вашето потекло ви ги обликувало.
Прва претпоставка: ако изборот се однесува на тебе, ти си тој што треба да го направи. Тоа е единствениот начин да се осигурате дека вашите приоритети и интереси ќе се земат предвид. Тоа е клучот за успехот. Во Америка, изборот го прави самата индивидуа. Луѓето мора самите да прават избори, понекогаш и да одат против светот, без разлика што сакаат или препорачуваат другите луѓе. Тоа се вика „да си бидеш верен на себеси.“ Но, дали на сите индивидуи им одговара ваквиот пристап до изборот? Марк Лепер и јас изведовме неколку студии во кои го баравме одговорот на ова прашање. Во една студија, што ја изведовме во јапонскиот кварт во Сан Франциско, донесовме седум, осум и девет годишни Англо и Азиско-Американски дечиња во лабораторијата и ги поделивме на неколку групи.
Кога влезе првата група, ги поздрави г-ца Смит, која им покажа шест купа анаграми и сложувалки. Децата требаше да одберат кој куп анаграми ќе го решаваат. Дури и требаше да одберат со кој маркер ќе ги запишат одговорите. Кога влезе втората група дечиња, ги донесовме до истата соба, им ги покажавме истите анаграми, но овој пат г-ѓа Смит им кажа кои анаграми да ги решат и со кои маркери да ги запишат одговорите. А кога влезе третата група, им кажавме кои анаграми и маркери им ги одбрале мајките. (публиката се смее) Всушност, децата на кои им кажавме што да прават, без разлика дали г-ѓа Смит или нивните мајки, требаше да ја прават истата активност, што ја правеа и нивните другарчиња од првата група, кои слободно одбираа.
Со оваа процедура, можевме да се осигураме дека децата во сите три групи работеа на истата активност, што беше полесно за ние да правиме споредби. Ваквите мали разлики во начинот на кој им ја зададовме активноста резултираа со големи разлики во нивната изведба. Англо-Американците, решија два и пол пати повеќе анаграми кога требаше самите да ги одберат, во споредба со тие дечиња за кои бираа г-ца Смит или мајките. Без разлика на тоа кој бирал, ако задачата им беше одбрана од друг, имаа послаба изведба. Всушност, некои од дечињата беа засрамени кога им кажавме дека се консултиравме со мајките. (публиката се смее) Едно девојче по име Мери рече, „Како тоа, сте ја прашале мајка ми?“
Од друга страна, Азиско-Американските деца имале најдобра изведба кога верувале дека мајките одбрале за нив, потоа кога самите бирале, и имале најлоша изведба кога изборот го правела г-ца Смит. Едно девојче по име Нацуми дури и се приближи на г-ца Смит на одење, ја потегна за сукњата и ја праша „Ќе може ли да и кажете на мама дека ја послушав?“ Првата генерација дечиња биле под силно влијание на нивните родители-емигранти кога станува збор за правењето избори. За нив, изборот не бил само начин да се дефинира и реализира нивната индивидуалност, туку начин да се создаде заедница и хармонија преку покорување на изборите направени од луѓето на кои им верувале и ги почитувале. Ако имале концепт да си останат доследни на себеси, тогаш тоа себеси, најверојатно, не се состои од една индивидуа, туку од цел колектив. Успехот за нив значел задоволување на важните луѓе а и задоволување на сопствените желби. Или, би можеле да речеме дека желбите на индивидуата биле обликувани од желбите на другите.
Претпоставката дека најдобро бираме кога сами бираме, како индивидуи, држи вода кога индивидуата е јасно еманципирана од другите. Кога, наспроти ова, двајца или повеќе индивидуи ги гледаат нивните избори и последиците како интимно поврзани, тогаш тие може да го зголемат нивниот успех така што изборот ќе го гледаат како колективен чин. А да инсистираме тие самите да одберат може лошо да влијае и на нивната изведба и на нивните врски. Сепак тоа е она што го бара американската парадигма. Таа ни остава малку простор за меѓузависност или разбирање на индивидуалните мани. Таа бара сите на изборот да гледаме како приватен и себе-дефинирачки чин. Луѓето што пораснале со таа парадигма ја перцепираат како мотивирачка. Но, погрешна е претпоставката дека сите уживаат во притисокот да прават избори сами.
Третата претпоставка на американското гледиште на изборите е отприлика вака. Колку повеќе избор имаш, поверојатно е дека ќе го одбереш најдоброто. И така Волмарт има 100 000 различни производи, Амазон има 27 милиони книги, а Match.com има - колку таму? 15 милиони потенцијални партнери. Сигурно ќе го најдете вистинскиот. За да ја тестираме оваа претпоставка, ќе се префрлиме во источна Европа. Таму, ги интервјуирав луѓето кои живееле во поранешни комунистички држави, и се соочиле со предизвикот да се префрлат во подемократски и капиталистички општества. Едно од најинтересните откритија не дојде од одговор на прашање, туку од еден прост гест на гостопримство. Кога дојдоа учесниците на интервјуто им понудив неколку пијалоци, Кока Кола, диетална Кока Кола, Спрајт, поточно, седум вида пијалоци.
За време првата сесија, која се одвиваше во Русија, еден од учесниците даде коментар што ме запрепасти. „А, па нема врска. Сé е тоа газиран сок. Тоа е само еден избор.“ (мумла) Толку ме изненади коментаров, па оттогаш почнав на сите учесници да им ги нудам овие седум сока. И ги прашував, „Колку избори гледате тука?“ Цело време, тие овие седум различни сока ги перцепираа не како седум избори, туку како еден избор: газиран сок или никаков сок. Кога додадов и џус и вода на овие седум сока, учесниците ги перцепираа како само три избора - џус, вода и газиран сок. Споредете го ова со приврзаноста на многу Американци, не само кон одреден вкус на сок, туку и кон одреден бренд. Знаете, истражувањата покажуваат дека не можеме да направиме разлика меѓу Кока кола и Пепси. Ама секако, и вие и јас си знаеме дека Кока кола е подобриот избор.
За модерните Американци кои се многу повеќе изложени на повеќе опции и повеќе реклами поврзани со можности отколку кој било во светот, изборот не е само за тоа кои се туку и за тоа кој е производот. Да го комбинираме ова со претпоставката дека повеќе избори е секогаш подобро, и ете ви група луѓе за кои секоја мала разлика значи и така и секој избор значи нешто. Но, за источно Европејците, ненадејната достапност до сите овие потрошувачки производи на пазарот беше апокалипса. Се удавија во избори пред да можат да кажат дека не знаат да пливаат. Кога ги прашаа, „Кои зборови и слики ги поврзувате со изборот?“ Грегори од Варшава рече. „Ох, јас го асоцирам со страв. Имам недоумици. Навикнат сум да немам избор.“ Бохдан од Киев рече, како одговор на прашањето што мисли за новиот потрошувачки пазар, „Премногу е. Не ни треба сé што ни нуди.“ Еден социолог од Варшавската агенција за анкети објасни, „Постарата генерација скокна од ништо на премногу избор околу нив. Не им дадоа шанса да научат како да реагираат.“ И Томаш, млад Полјак рече, „Не ми требаат дваесет вида гуми за џвакање. Не велам дека не сакам никаков избор, но многу од изборите се вештачки.“
Всушност, многу од изборите се помеѓу нешта што и не се баш различни. Вредноста на изборот зависи од нашата способност да ги перцепираме разликите помеѓу опциите. Американците цел живот вежбаат да играат „најди ја разликата.“ Тие ова го вежбаат од многу мала возраст и веруваат дека секој човек мора да се роди со оваа способност. Всушност, иако сите луѓе делат основна потреба и желба за правење избори, не сите го гледаме изборот на истите места или до ист степен. Кога некој не може да увиди како еден избор се разликува од друг избор, или кога има премногу избори за споредување, процесот на бирање може да ве збуни и исфрустрира. Наместо да правиме подобри избори, ние сме преплавени со избор, па некогаш и се плашиме од изборот. Изборот веќе не ни нуди можности, туку нé ограничува. Не означува ослободување, туку загушување со незначајни ситници. Со други зборови, изборот може да се развие во спротивно на сé што претставувал во Америка кога им се наметнува на оние кои се недоволно подготвени за тоа. Но, не само другите луѓе од други места го чувствуваат притисокот од сé поголемиот избор. Американците и самите откриваат дека неограничениот избор изгледа попривлечен теоретски отколку во пракса.
Сите имаме физички, ментални и емоционални ограничувања што ни оневозможуваат да го процесираме секој избор со кој се соочуваме, дури и во продавница, а не пак за текот на нашите животи. Неколку мои студии покажаа дека кога на луѓето им даваш 10 или повеќе опции кога прават избор, носат полоши одлуки, без разлика дали се однесува на здравство, инвестиција, и други критични области. Сепак, многу од нас веруваат дека треба сами да ги правиме сите избори и дури и повеќе да бараме.
Ова ме носи до третата, можеби и најпроблематична претпоставка: „Никогаш не смеете да му речете не на изборот.“ За да го преиспитаме ова, да се вратиме во САД а потоа да скокнеме „преку барата“ до Франција. Блиску до Чикаго, на една млада двојка, Сузан и Даниел Мичел, требаше да им се роди првото бебенце. Веќе имаа избрано име за девојчето. Барбара, по баба и. Една вечер, кога Сузан беше во седмиот месец на бременоста, доби грчеви и набрзина ја однесоа во брза помош. Детето се роди со Царски рез, но Барбара имала церебрална аноксија, губиток на кислород во мозокот. Бидејќи не можела да дише сама, ја ставиле на вентилатор. По два дена, докторите на фамилијата Мичел ѝ дале избор. Или на Барбара да ѝ ги тргнат цевките, по што би умрела за неколку часа, или да ја одржуваат жива, во кој случај би умрела сепак за неколку дена, а ако преживела, сепак би била во постојана вегетативна состојба, без да може да оди, зборува или стапи во интеракција со други. И што направиле? Што би направил секој родител?
Во една студија што ја изведов со Симона Боти и Кристина Орфали, интервјуиравме Американски и Француски родители. Сите ја преживеале истата трагедија. Во сите случаи, биле остранети цевките, и новороденчињата умреле. Но, има голема разлика. Во Франција, докторите биле тие кои решавале дали и кога се отстрануваат цевките, додека во САД, крајната одлука зависела од родителите. Се запрашавме: дали ова влијае на начинот на кој родителите ја преболуваат загубата на нивните сакани? Откривме дека влијае. Дури и една година подоцна, повеќето од американските родители изразувале негативни емоции, во споредба со француските родители. Француските родители најчесто велеле, „Ноа беше овде кратко време, ама многу нé научи. Ни даде нова животна перспектива.“
Американските родители најчесто велеле, „Што ако? А што ако?“ Еден родител рекол, „Се чувствувам како намерно да ме измачуваа. Како ме натераа тоа да го направам?“ А друг родител рече, „Се чувствувам како да сум земал учество во погубување.“ Но кога американските родители ги прашале дали би преферирале докторите да ја донесат одлуката, сите рекле, „Не.“ Не можеле ни да замислат да го препуштат тој избор на некој друг, дури и ако тој избор придонел да се чувствуваат фатени во стапица, виновни, лути. Во неколку случаи, тие дури биле и клинички депримирани. Овие родители не можеле да замислат да го препуштат тој избор на некој друг, бидејќи тоа би било спротивно на сé што ги учеле и сé што верувале за моќта и целта на изборот.
Во нејзиниот есеј, „Белиот албум,“ Џоан Дидион пишува, „Сами си кажуваме приказни за да преживееме. Го толкуваме она што го гледаме, го бираме тоа што ни одговара од неколкуте избори. Целосно живееме со наметнатата наративна линија на раштркани слики, на идеи со кои сме се научиле да ја замрзнеме менливата фантазмагорија што е нашето вистинско искуство.“ Приказната која Американците ја кажуваат, приказната на која се заснова американскиот сон е приказната на неограничен избор. Оваа приказна ветува многу: слобода, среќа, успех. Ви го дава светот на дланка и ви вели, „Можете да имате било што, сé.“ Тоа е прекрасна приказна, и сфаќам зошто не сакаат да ја раскажат поинаку. Но, кога ќе погледнете одблиску, почнувате да ги гледате дупките, и почнувате да сфаќате дека приказната може да биде раскажана на многу различни начини.
Американците често се обидувале да ги распространат нивните идеи за изборот, и веруваат дека ќе бидат, или треба да бидат, пречекани со отворени срца и умови. Но книгите по историја и дневните вести ни кажуваат дека ова не секогаш функционира. Фантазмагоријата, вистинското искуство кое се обидуваме да го разбереме и организираме преку приказна, варира од едно до друго место. Не постои една приказна која одговара на потребите на сите и секаде. Дури и самите Американци би им користело ако вклучат нови перспективи во нивната приказна, која им ги водела изборите многу долго време.
Роберт Фрост еднаш рекол дека, „Поезијата е изгубена во преводот.“ Со ова сака да каже дека сé што е убаво и трогателно, и ни дава нова перспектива, не може да се искомуницира на оние кои зборуваат различен јазик. Но Џозеф Бродски рекол дека, „Поезијата се раѓа во преводот,“ и предлага дека преводот може да биде креативен и преобразувачки чин. Што се однесува до изборот, можеме многу да добиеме ако се вклучиме во многуте преводи на приказните. Наместо да замениме една приказна со друга, можеме да научиме од многуте верзии кои постојат и оние кои допрва ќе бидат напишани. Без разлика од каде сме и која е вашата приказна, сите имаме одговорност да се отвориме кон пошироки сфаќања за можностите на изборот, и за сфаќањето на изборот. И ова воопшто не нé води кон морален релативизам кој парализира. Напротив, ова нé учи кога и како да реагираме. Нé носи многу поблиску до реализирање на целосниот потенцијал на изборите, да инспирираат и да ни дадат надеж за постигнување на слободата што ни ја ветува изборот но не секогаш ни ја носи. Ако се научиме да зборуваме едни со други, дури и преку превод, тогаш може го сфатиме изборот со сета негова чудна природа, сложеност, и неверојатна убавина.
Ви благодарам. Шина, има еден детаљ во вашата биографија што не го напишавме во програмата. Но досега сигурно сите овде сфатиле. Вие сте слепа. И претпоставувам сите се прашуваат: Како ова влијае на вашата студија за изборот, бидејќи изборот е активност што многумина ја асоцираат со визуелна перцепција како што е естетиката, бојата и слично?
Па, интересно што прашавте, бидејќи едно од нештата што е интересно кога сте слепи е дека добивата различна перспектива кога го набљудувате начинот на кој тие што гледаат прават избори. И како што спомнавте, многу од изборите се визуелни. Да, па - како што претпоставувате се фрустрирам од тие избори како што е каков лак да ставите, бидејќи морам да се потпрам на туѓата помош. И не можам да се решам. Еднаш бев во козметички салон, и се обидував да се решам меѓу две нијанси на розово. Едната се викаше „Балетанки“. А другата „Слатка“. (публиката се смее) И ги прашав дамите што да одберам. Едната жена ми рече, „Дефинитивно, „Балетанки“. „А, како изгледа?“ „Епа, тоа е елегантна нијанса на розово.“ „Добро, супер.“ А другата жена ми рече да го одберам „Слатка“. „А како изгледа?“ „Тоа е гламурозна нијанса на розово.“ И ги прашав, „А како да ги разликувам? Во што се разликуваат?“ И ми рекоа, „Епа, едното е елегантно, а другото е гламурозно.“ Добро, сфатив. И двете беа едногласни дека ако би можела да ги видам, би можела и да ги разликувам.
И се прашував дали и на двете им влијаело името или пак нијансата на бојата. И решив да направам експеримент. Па ги земав двете шишенца лак за нокти во лабораторијата, и ги тргнав етикетите. И донесов жени во лабораторијата, и ги прашав, „Кое би го одбрале?“ 50 % од жените ме обвинија дека сум ги изиграла, и сум ставила иста боја лак за нокти во двете шишенца. (публиката се смее) (aплауз) И тогаш започнав да се прашувам „Кој е тука изиграниот?“ А пак, жените кои можеа да ги разликуваат, кога немаше етикети, го бираа „Слатка“, а кога имаше етикети, го бираа „Балетанки.“ Што се однесува до мене, ружата која поинаку се вика најверојатно и различно изгледа а можеби и различно мириса.
You can share this video by copying this HTML to your clipboard and pasting into your blog or web page. This video will play with subtitles.
You either have JavaScript turned off or have an old version of the Adobe Flash Player. To view this rating widget you
need to get the latest Flash player.
If your browser allows only "trusted sites" to execute Javascript, you should add the "googleapis.com" domain to your whitelist to allow our Flash detection to work properly.
Got an idea, question, or debate inspired by this talk? Start a TED Conversation.
Шина Ијенгар проучува како правиме избори - и како се чувствуваме за направените избори. На ТЕДГлобал, таа зборува и за едноставните избори (Кока Кола наспроти Пепси) и за некои посложени, и го споделува нејзиното истражување кое открило некои изненадувачки ставови за нашите одлуки.
Sheena Iyengar studies how people choose (and what makes us think we're good at it). Full bio »
Translated into Macedonian by Gjurgica Ilieva
Reviewed by Dejan Spaseski
Comments? Please email the translators above.
17:30 Posted: Sep 2006
Views 2,567,962 | Comments 290
19:37 Posted: Sep 2006
Views 3,398,611 | Comments 729
33:38 Posted: Dec 2008
Views 1,373,145 | Comments 181
Just follow the guidelines outlined under our Creative Commons license.
This comment will be attributed to . Not ? Sign Out.