Денеска ќе зборувам за секојдневните задоволства. Меѓутоа сакам да започнам со приказна за еден необичен и ужасен човек. Ова е Херман Геринг. За време на Втората светска војна Геринг бил втор командант веднаш позади Хитлер, а воедно и негов назначен наследник. И, исто како и Хитлер, себе си се сметал за колекционер на уметнички дела. За време на Втората Светска Војна тој одел низ Европа и притоа крадел, изнудувал и понекогаш купувал различни слики за својата колекција. Она што навистина сакал е да поседува нешто од Вермер. Хитлер поседувал две вакви слики, а тој немал ниту една. Конечно пронашол трговец со уметнички дела, Холандски трговец со уметнички дела кој се викал Хан ван Мегерен, кој што му продал прекрасно дело од Вермер за цена која што денеска би била 10 милиони долари. Тоа било неговото најомилено уметничко дело.
Втората Светска војна завршила, Геринг бил фатен, му било судено во Нирнберг и конечно бил осуден на смрт. Веднаш после тоа, сојузниците ги пребарале неговите колекции и ги пронашле сликите, па тргнале во потрага по луѓето кои што му ги продале. Холандската полиција отишла во Амстердам и го уапсила Ван Мегерен. Ван Мегерен бил обвинет за предавство, кое што пак било казниво со смрт. После шест недели од затворската казна, Ван Мегерен признал. Меѓутоа тој не го признал предавството. Тој рекол, "Не му продадов големо уметничко дело на тој Нацист. Сам ја насликав, Јас сум фалсификатор." Никој не му поверувал. Потоа рекол, "Ќе докажам. Донесете ми платно и боја, и ќе ви насликам многу подобра слика од Вермер за разлика од онаа што му ја продадов на оној одвратен Нацист. Исто така ми треба алкохол и морфиум, бидејќи само така можам да работам." (Смеа) Му донеле она што барал. Насликал прекрасна слика од Вермер. И потоа тужбите за предавство биле повлечени. Се соочил со поблаго обвинување за фалсификат, добил казна од една година и умрел како херој на Холандскиот народ. Има уште многу да се зборува за Ван Мегерен, но сега сакам да се осврнам на Геринг, кој е прикажан на сликава за време на неговото сослушување во Нирнберг.
Геринг, според сите стандарди, бил ужасен човек. Дури и за Нацист, тој бил ужасен човек. Американските детективи кои го испрашувале го опишале како пријателски психопат. Но веројатно би почувствувале сожалување на неговата реакција кога му кажале дека неговата омилена слика всушност е фалсификат. Според неговиот биограф, "Изгледаше како за прв пат да открил дека постои зло на светот." (Смеа) Набргу после тоа се самоубил. Сепак открил дека сликата, за која што мислел дека е оваа, била всушност оваа. Изгледала идентично, но имала различно потекло, била поинакво уметничко дело.
Не бил само тој шокиран. Откако започнало судењето, Ван Мегерен не престанал да зборува. Се фалел со големите дела кои што сам ги насликал, а кои што им биле препишувани на други уметници. Особено, "Вечерата кај Емаус" која што се сметала како најубаво дело на Вермер, негова најдобра изработка -- доаѓале луѓе од цел свет за да ја видат -- всушност била фалсификат. Не била оваа слика, туку оваа. Кога тоа било откриено, сликата ја изгубила својата вредност и била отстранета од музејот.
Зошто е ова важно? Психолози, зошто потеклото е толку важно? Зошто реагираме толку многу кога ќе дознаеме од каде нешто потекнува? Постои одговор кој што многу луѓе ќе ви го дадат. Многу социолози, како Веблен и Волф ќе кажат дека причината поради која го земаме потеклото толку сериозно е поради тоа што сме снобови, бидејќи сме насочени кон статусот. Помеѓу другите нешта, доколку сакаш да покажеш колку си богат, колку си моќен, секогаш е подобро да поседуваш оригинал отколку фалсификат бидејќи секогаш ќе има помалку оригинали отколку фалсификати. Не се сомневам дека тоа игра одредена улога, но она во што сакам да ве убедам денес е дека нешто друго игра улога. Сакам да ве убедам дека луѓето се, до одреден степен, природно родени есенцијалисти. Поентата ми е дека нашата реакција не зависи од нашиот вид, чувства, или слух. Туку, нашата реакција е условена од нашите верувања, но кои се тие верувања, од каде доаѓаат, од што се направени, каква е нивната скриена природа. Сакам да укажам дека ова е точно, не само за тоа како размислуваме за нештата, туку и како реагираме кон истите.
Оттука, сакам да укажам дека задоволството е сложено -- и ова не важи само за повисоките нивоа на задоволство како што е уметноста, туку и навидум наједноставните задоволства се под влијание на нашите верувања за скриените суштини. Еве да ја земеме како пример храната. Дали ќе го јадете ова? Паа, добар одговор е, "Зависи. Што е?" Некои од вас би го јаделе доколку е свинско, а не телешко. Некои од вас би го јаделе доколку е телешко, а не свинско. Малкумина од вас би го јаделе доколку е од стаорец или човек. Некои од вас би го јаделе само доколку е чудно обоено парче од тофу сирење. Тоа не е толку изненадувачко.
Но, она што е поинтересно е дека неговиот вкус ќе зависи најмногу од тоа што вие мислите дека јадете во моментот. Една демонстрација за ова беше направена со мали деца. Како ќе ги натерате децата не само да јадат повеќе моркови и да пијат млеко, туку и да чувствуваат поголемо задоволство од тоа што јадат моркови и пијат млеко -- да мислат дека имаат подобар вкус? Едноставно е, ќе им кажете дека се од МекДоналдс. Тие веруваат дека храната од МекДоналдс е повкусна, а тоа ги води кон тоа да ја доживеат како повкусна.
Како ќе ги натерате возрасните навистина да уживаат во вино? Многу е едноставно: налејте го од скапо шише. Постојат повеќе, можеби стотици истражувања кои покажуваат дека доколку веруваш дека пиеш скап пијалок, истиот ќе има подобар вкус за тебе. Ова неодамна беше направено во едно невролошко истражување. Ги внесуваат луѓето во магнетна резонанца, и додека лежат таму, преку цевка, пијат вино. Пред нив на екран се наоѓа информација за виното. Сите, се разбира, пијат од истото вино. Но доколку веруваш дека пиеш нешто скапо, делови од мозокот поврзани со задоволството и награда светнуваат како Божикна елка. Не само што кажувате дека повеќе уживате, дека повеќе ви се допаѓа, туку навистина го доживувате поинаку.
Или еве да речеме сексот. Ова се стимули кои што ги користев во некои од моите истражувања. И доколку едноставно им ги покажете овие слики на луѓето, ќе ви кажат дека ова се прилично атрактивни луѓе. Но, колку ќе бидат привлечни за вас, колку многу сексуално или романтично ќе ве допрат, најмногу зависи од вашето мислење во што гледате. Веројатно мислите дека сликата од лево е машко, а онаа на десно е женско. Доколку излезе дека не е така, сепак тоа ќе има големо значење. (Смеа) Исто така ќе има значење доколку излезе дека е многу помлад/а или многу постар/а од колку што вие мислите. Ќе има значење доколку откриете дека личноста во која што гледате со страст е всушност маскирана верзија на вашиот син или ќерка, вашата мајка или татко. Сознанието дека некоја личност ви е роднина, вообичаено го убива либидото. Еден од охрабрувачките наоди од психологијата на задоволството е дека привлечноста не се состои само во физичкиот изглед. Личноста ви изгледа поубаво доколку ви се допаѓа. Токму поради ова сопружниците од среќните бракови мислат дека нивниот сопруг или сопруга изгледаат многу подобро отколку што другите мислат.
Особено драматичен пример за ова доаѓа од еден вид на невролошко растројство познато како Капграсов синдром. Капграсовиот синдром е растројство каде што имате специфична делузија. Оние кои што страдаат од Капграсов синдром веруваат дека луѓето кои што тие ги сакаат најмногу на светот се заменети со совршени дупликати. Честопати, последиците од Капграсовиот синдром се трагични. Имало случаи во кои што луѓето ги убиваат своите сакани а притоа верувајќи дека убиваат натрапник. Меѓутоа, има еден случај каде што Капграсовиот синдром имал среќен крај. Ова било забележано во 1931. "Еден истражувач опишува жена со Капграсов синдром која што се жалела на нејзиниот слабо надарен и сексуално несоодветен љубовник." Меѓутоа тоа било пред да заболи од Капграсов синдром. После заболувањето, "Среќна изјавила дека открила оти тој поседува двојник кој што бил богат, витален, згоден и аристократ." Се разбира, станувало збор за истиот човек, но таа го доживувала на поинаков начин.
Како трет пример, земете ги во предвид продуктите за широка потрошувачка. Една причина поради која можете да сакате нешто е неговата корисност. Чевлите можете да ги облечете; можете да играте голф со голф палките; додека изџвакана мастика не ви врши никаква работа. Меѓутоа секој од овие три објекти имаат вредности кои се поголеми и подалекусежни за разлика од она што можат да го направат за вас врз основа на нивното минато. Голф палките биле поседувани од страна на Џон Кенеди и биле продадени за 750 000 долари на аукција. Мастиката била џвакана од страна на поп звездата Бритни Спирс и била продадена за неколку стотици долари. Всушност, постои растечки пазар за делумно изедена храна од луѓето кои ни се омилени. (Смеа) Чевлите се можеби највредни од се друго. Според една непотврдена изјава, еден Саудиски милионер понудил 10 милиони долари за овој пар чевли. Тие се оние кои беа фрлени кон Џорџ Буш на прес-конференција во Ирак пред неколку години.
Оваа привлечност кон објектите не е случај само за објектите од славните луѓе. Секој од нас, повеќето луѓе, имаме нешто во нашиот живот кое што е буквално незаменливо, кое што има вредност поради неговото минато -- можеби вашиот свадбен прстен, можеби бебешките чевли на вашето дете -- кое што доколку го изгубите, веќе нема да можете да го вратите назад. Можете да најдете нешто што е слично или нешто што ги побудува истите чувства кај вас, но не можете да го вратите истиот објект. Со моите колеги Џорџ Њуман и Жил Дизендрук, се обидовме да дознаеме каков вид на фактори и каков вид на минато се важни за објектите кои што луѓето ги сакаат. Во еден од нашите експерименти, ги замоливме луѓето да наведат позната личност која што ја обожаваат, жива личност која што тие ја обожаваат.
Еден од одговорите беше Џорџ Клуни. Потоа ги прашавме, "Колку многу би платиле за џемперот на Џорџ Клуни?" Одговорот е достоен -- повеќе одошто би платиле за чисто нов џемпер или џемпер кој што му припаѓал на некој кој што не го обожавате. Потоа прашавме друга група на испитаници -- им дадовме поинакви ограничувања и поинакви услови. На пример, на едни луѓе им кажавме, "Види, можеш да го купиш џемперот, меѓутоа не смееш да кажеш на никому дека го поседуваш, а исто така не смееш да го продаваш." Ова ја намалува неговата вредност, сугерирајќи дека тоа е една од причините поради која ни се допаѓа. Меѓутоа уште поголем ефект предизвикува доколку им кажете на луѓето, "Види, можеш да го продадеш, можеш да се фалиш со него, но пред да дојде во твои раце, претходно ќе биде темелно испран." Ова предизвикува огромен пад не неговата вредност. Како што рече жена ми, "Ги нема повеќе вошките од Клуни."
Ајде да се вратиме на уметноста. Би сакал нешто од Шагал. Ја сакам работата на Шагал. Доколку на крајот од конференцијата сакате да ми подарите нешто, можете да ми купите нешто од Шагал. Меѓутоа, не сакам фалсификат, дури и ако не можам да ја забележам разликата. Тоа не е поради тоа, или не е едноставно бидејќи сум, сноб и сакам да се фалам дека поседувам оригинал. Туку, бидејќи сакам нешто што има специфично минато. Кога станува збор за уметничките дела, минатото има посебна улога. Филозофот Денис Датон во неговата одлична книга "Уметнички инстинкт" вели дека, "Вредноста на уметничкото дело е вкоренета во претпоставката за човечкиот чин кој стои во позадина на неговото создавање." Ова може да ја објасни разликата помеѓу оригиналот и фалсификатот. Тие можеби изгледаат исто, но имаат различно минато. Оригиналот е вообичаено производ на креативен чин, фалсификатот не е. Мислам дека овој пристап може да ги објасни разликите помеѓу уметничките вкусови.
Ова е дело од Џексон Полок. Кој од овде ја сака работата на Џексон Полок? Добро. За кого не претставуваат ништо посебно? Едноставно не ви се допаѓа. Нема да судам кој е во право, но ќе дадам една емпириска изјава за интуициите на луѓето, а тоа е дека, доколку ви се допаѓа работата на Џексон Полок, поголема е веројатноста, за разлика од луѓето на кои не им се допаѓа, да верувате дека овие дела тешко се создаваат, дека е потребно многу време и труд и креативна енергија. Намерно го користам Џексон Полок како пример бидејќи постои еден млад американски уметник кој што слика многу слично на стилот на Џексон Полок, и нејзината работа вредеше многу десетици илјади долари -- најмногу поради тоа што таа е многу млад уметник.
Ова е Марла Олмстед која што најголем дел од своите дела ги направи кога имаше три години. Она што е интересно за Марла Олмстед е тоа што нејзиното семејство направи грешка поканувајќи ја телевизиската програма 60 Минути II кај нив дома за да ги снимаат нејзините слики. Во емисијата кажаа дека нејзиниот татко ја подучувал. Кога ова излезе на телевизија, вредноста на нејзините дела падна на нула. Тоа беа истите уметнички дела, физички, меѓутоа нивното минато беше сменето.
Се насочив кон визуелната уметност, меѓутоа сакам да дадам два примера од музиката. Ова е Џошуа Бел, многу познат виолинист. Новинарот од Вашингтон Пост, Џин Веингартен, одлучи да го вклучи во еден храбар експеримент. Прашањето е: Колку луѓето ќе го сакаат Џошуа Бел, музиката на Џошуа Бел, доколку не знаат дека го слушаат Џошуа Бел? Така, Џошуа Бел со својата виолина од еден милион долари отишол во метрото на Вашингтон D.C. застанал во еден ќош за да види колку пари може да заработи. Еве еден кратка снимка од ова. (Музика од виолина) После 45 минути тој заработил 32 долари. Не е лошо. Но, не е ниту добро. Очигледно за навистина да уживате во музиката на Џошуа Бел, мора да знаете дека го слушате Џошуа Бел. Тој всушност заработи дополнителни 20 долари, но нив не ги рачунаше. Дојде една жена -- се гледа на крајот од снимката -- таа доаѓа. Го слушала неколку недели претходно, во Конгресната Библиотека за време на еден екстравагантен настан. Таа е зачудена од фактот што тој стои овде во метрото. И’ паѓа жал за него. Вади од својата чанта 20 долари и му ги подава.
Вториот музички пример е модернистичката композиција од Џон Кејџ, "4'33"." Како што многумина од вас знаат, ова е композиција во која пијанистот седнува на клупата, го отвара пијаното и седи и не прави ништо четири минута и 33 секунди -- период на тишина. Луѓето имаат различни мислења за ова. Но, она на што сакам да укажам е дека ова можете да го купите од Ај Тјунс. (Смеа) За долар и деведесет и девет центи, можете да ја слушате таа тишина, која што е различна од другите видови на тишина.
До сега зборував за задоволството, но сакам да укажам дека се’ што кажав до сега, исто така важи и за болката. Како размислуваш за твоето моментално доживување, твоите верувања за неговата суштина, влијае врз тоа колку боли. Еден убав експеримент беше спроведен од Курт Греј и Ден Вегнер. Студенти од Харвард беа прикачени на машина за електрични шокови. Им дадоа серија од болни електрични шокови. Имаше серии од пет болни шокови. На половина им е кажано дека шоковите им ги задава некој од соседната соба, но дека тој од соседната соба не знае дека задава шокови на некој друг. Не постои злобна намера, тие само притискаат копче. Првиот шок е оценет како многу болен. Вториот шок е помалку болен, бидејќи се навикнувате веќе. Третиот опаѓа, четвртиот, петиот. Болката се намалува. Во другата група, им е кажано дека човекот од другата соба намерно им задава шокови -- знае дека задава шокови на некому. Првиот е пеколно болен. Вториот исто како претходниот, и третиот и четвртиот и петиот. Повеќе боли доколку веруваш дека некој намерно те повредува.
Најекстремниот пример за ова е дека во некои случаи, болката во вистинските услови може да се претвори во задоволство. Луѓето имаат една интересна карактеристика често пати да сакаат болка која е на ниско ниво во контролирани услови и притоа им причинува задоволство -- како кога јадеме лути пиперчиња и возењата на ролер костер. Наравоучението е убаво сумирано од поетот Џон Милтон која напишал, "Умот е место за себе, и во себе може да направи рај од пекол, пекол од рај."
You can share this video by copying this HTML to your clipboard and pasting into your blog or web page. This video will play with subtitles.
You either have JavaScript turned off or have an old version of the Adobe Flash Player. To view this rating widget you
need to get the latest Flash player.
If your browser allows only "trusted sites" to execute Javascript, you should add the "googleapis.com" domain to your whitelist to allow our Flash detection to work properly.
Got an idea, question, or debate inspired by this talk? Start a TED Conversation.
Зошто повеќе сакаме оригинална слика отколку копија? Психологот Пол Блум вели дека луѓето се есенцијалисти -- дека нашите верувања за историјата на одреден предмет влијаат врз тоа како го доживуваме истиот, не само како илузија, туку како длабока карактеристика на задоволството (и болката).
Paul Bloom studies our common-sense understanding of the world -- how we know what we know, why we like what we like. Full bio »
Translated into Macedonian by ALEKSANDAR MITEVSKI
Reviewed by Dragana Mitrovikj
Comments? Please email the translators above.
15:33 Posted: Nov 2010
Views 969,739 | Comments 362
17:33 Posted: Jan 2011
Views 1,640,311 | Comments 478
15:38 Posted: Mar 2009
Views 1,205,430 | Comments 99
Just follow the guidelines outlined under our Creative Commons license.
This comment will be attributed to . Not ? Sign Out.