Ова е чудесната приказна: Започнува пред околу 40 години, кога моите родители дојдоа во Канада. Мајка ми замина од Најроби, Кенија. Татко ми дојде од мало село во близина на Амритсар, Индија. Тука пристигнаа во доцните шеесети години. Се сместија во мрачно предградие на околу еден час источно од Торонто. И започнаа нов живот. Го посетија својот прв забар, го изедоа својот прв хамбургер, ги родија своите деца. Мојата сестра и јас пораснавме овде, и имавме мирни и среќни детства. Имавме блиско семејство, добри пријатели, мирна улица. Пораснавме земајќи ги здраво за готово многу од работите кои моите родители не ги гледале за такви додека тие растеле -- работите како што е секогаш да има струја во нашиот дом, како и тоа да има училишта преку патот, и болници подолу низ улицата, сладолед да се продава веднаш позади куќата... Ние пораснавме, и созреавме. Јас одев во средно училиште. Матурирав. Се отселив од куќата на моите родители, најдов работа, си најдов и девојка, се смирив -- и сфаќам оти звучи како лоша сапуница или песна од Цветанка Ласкова.
Но, животот беше прилично добар. Животот беше прилично добар. 2006 беше одлична година. Под јасното сино небо во јули, во винскиот регион на Онтарио, се оженив, во присуство на 150 пријатели и членови од семејството. 2007 беше одлична година. Дипломирав и отидов на патување со двајцата најблиски пријатели. Еве една фотографија со мене и мојот пријател Крис, на брегот на Пацификот. Ние всушност видовме фоки низ прозорецот од автомобилот, и застанавме за да направиме брза фотографија со нив, а потоа ги „блокиравме“ со нашите огромни глави. (Смеење) Вие баш и не можете да ги видите фоките на брегот, но глетката беше да останеш без здив, верувајте ми.
2008 и 2009 беа малку потешки години. Знам дека беа потешки и за многу други луѓе, не само за мене. Прво, вестите беа толку тешки. И се’ уште се такви, а беа и порано, но кога ќе отворевтe весник, кога ќе го вклучевте телевизорот, се’ беше за топењето на поларните капи, војни што беснеат низ светот, земјотреси, урагани, и економија што се ниша на работ на колапсот, а на крајот и колабираше, оставајќи многу од нас без работа, без домови, без пензии, без нашите приходи за живот. 2008, 2009 беа навистина тешки години за мене и поради друга причина. Имав многу лични проблеми во тоа време. Мојот брак не одеше најдобро, само се оддалечувавме еден од друг се’ повеќе и повеќе. Еден ден мојата сопруга се врати од работа и собра храброст, низ многу солзи, да направи многу искрен муабет. Ми призна „Не те сакам повеќе.“ И тоа беше една од најболните работи што некогаш сум ги слушнал, и секако ми го скрши срцето, а само еден месец подоцна слушнав уште понеубава и потрогателна вест.
Мојот пријател, Крис, кого пред малку го видовте на фотографијата, се борел со ментална болест веќе извесно време. За оние од вас чии животи биле допрени од ваков случај, знаете каков предизвик е тоа. Зборував со него преку телефон во 10:30 во неделата навечер. Зборувавме за ТВ емисијата што ја гледавме таа вечер. А, во понеделникот наутро, дознав дека него повеќе го нема. За жал, тој си го одзел животот. Тоа беше навистина тешко време.
И додека тие темни облаци ме опкружуваа, мене навистина ми беше многу тешко да мислам на било што убаво. Си реков дека навистина морам да најдам начин, некако да се фокусирам на нешто позитивно. Па така, кога се вратив од работа една вечер, го вклучив компјутерот, и креирав една малечка веб страница која ја нареков 1000awesomethings.com. Се обидував да се потсетам себеси на едноставните, универзални, мали задоволства кои сите ние ги сакаме, но едноставно не зборуваме многу за нив - нештата како келнерите и келнерките кои го дополнуваат вашиот филџан со бесплатно кафе без прашање, како кога седиш на првата маса од каде ќе започнат да служат вечера на некоја венчавка, како кога ќе облечеш топла долна облека тукушто извадена од машината за сушење, и кога касиерката ќе отвори нова линија на каса во продавницата а ти си прв во редот - дури и ако беше последен во редот пред другата каса, сега само се премести овде.
И полека, со време, почнав да си го подобрувам расположението. Мислам, 50,000 блогови се креираат секој ден.® Мојот блог беше еден од тие 50,000. И, никој не го читаше, освен мајка ми. Иако, морам да признаам дека посетеноста скокна за 100 проценти кога таа ја препрати адресата од блогот на татко ми. (Смеење) Се возбудив навистина кога почнав да добивам по десетина посети дневно. Потоа и уште повеќе - кога почнаа двоцифрени посети, па стотици, па илјадници посети, а потоа - милиони! Блогот почна да станува се’ поголем, попознат. Тогаш добив телефонски повик, и гласот од другата страна на линијата кажа: „Штотуку ја добивте наградата за најдобар блог во светот.“ Јас... као - ова е тотално зезање! (Смеење) (Аплауз) Во која африканска држава сакате да ги префрлам моите пари? (Смеење) Но, испадна дека: се качив во авион и завршив со прошетка по црвен тепих заедно со Сара Силверман, Џими Фалон и Марта Стјуарт! Се качив на бината и ја примив Webby наградата за Најдобар Блог. А, изненадувањето, самото изненадување беше уште поголемо кога се вратив во Торонто, и, кога во моето поштенско сандаче 10 литературни агенти ме чекаа за да разговараме како сето ова да го преточиме во книга. Брз скок до следната година и „Книгата за страшно добрите нешта“ ("The Book of Awesome") е број еден на најдобро продаваните книги цели 20 седмици!
Реков дека сакам да направам три работи со вас денеска. Реков дека сакам да ви ја раскажам чудесната приказна, сакав да ги споделам со вас трите С од „страшно“ добро. и сакав да завршам со една убава мисла. Па, да зборуваме за тие три „С“. Во изминатите неколку години немав многу време за навистина да размислам убаво. Но, во последно време имав можност да се навратам на случувањата и да се запрашам: Што е тоа што во изминатите неколку години ми помогна да ја изградам мојата веб страница, но, исто така, и самиот да растам и да се градам? И ги сумирав овие нешта, за мене лично, како трите „С“. Тоа се Ставот, Свесноста и Својственоста. Би сакал да кажам по некој збор за сите.
Па, така, ставот: Видете, сите ќе добиеме по некоја сопка, и по некоја планина за искачување. Никој од нас не може да ја предвиди иднината, но знаеме една работа за неа и тоа е - дека нема да се случува плански. Сите ние имаме светли моменти, големи денови и гордости насмевки за матура, дипломска, за танцот на таткото со ќерката на нејзината венчавка, и здравите бебиња кои врескаат во породилиштето, но помеѓу овие светли моменти, ние ќе доживееме и падови и тешкотии. Тажно е, и не е пријатно да се зборува за тоа, но сопругот можеби ќе те напушти, можеби девојката ќе те изневери, главоболките можеби се посериозни одошто мислеше, или кучето може да го удри автомобил на улицата. Тоа не е убава мисла, но децата можат да се вплеткаат со лоши друштва или да направат лоши работи. Мајка ти може да се разболи од рак, а татко ти да стане злобен. И има моменти во животот кога ќе те фрлат во бунарот со грчеви во стомакот и празно срце. И кога таквите лоши вести ќе се истурат врз тебе, и ќе ги впиеш како сунгер, навистина се надевам дека чувствуваш дека имаш два избора.© Еден - можеш да се превиткуваш од болка да тагуваш и очајуваш засекогаш, или Два - да тагуваш и потоа да се соочиш со иднината со нови и трезни очи. Да се има одличен став значи да се избере втората опција, да се избере, без разлика колку е тешко, без разлика колку е силна болката, да изберете да се движите напред со мали чекори, но сигурно, во иднината.
Второто „С“ е за свесноста. Обожавам да се дружам со три-годишници. Го обожувам начинот како тие го гледаат светот, бидејќи го гледаат за прв пат. Обожувам како тие зјапаат во бубалката која поминува по плочникот. Го обожувам начинот како со отворена уста ја гледаат својата прва безбол игра со широко отворени очи и безбол ракавица на раката, впивајќи го звукот од ударањето со палките, крцкањето на кикириките и мирисот на виршлите. Обожувам како со часови тие берат цветови во дворот и ги прават убав букет за празничната трпеза. Го обожувам начинот како тие го гледаат светот, бидејќи го гледаат светот за прв пат. Да се има смисол за свесност значи да го прифатиш детето во себе. Затоа што сите еднаш бевме тригодишници. Тоа тригодишно момченце е се’ уште дел од тебе. Тоа тригодишно девојченце е се’ уште дел од тебе. Тие се внатре во нас. И да се биде свесен, значи да се сеќаваме дека се’ што сме виделе еднаш сме го виделе за прв пат. Така, се случило еднаш за прв пат да поминете само на зелено светло на семафорите по патот до дома од работа. Имало еднаш прв пат и на тоа кога сте поминале покрај отворена врата на пекарницата и сте го почувствувале мирисот на свежо испечен леб, или прв пат кога сте извлекле 50 денари од џебот што некогаш сте ги заборавиле таму и сте рекле „Си најдов пари.“
Последното „С“ е за својственоста /автентичноста/. И, за ова, сакам да ви раскажам кратка приказна. Да се вратиме во 1932 година, кога, на фарма за кикирики во Џорџија се роди момченцето Рузвелт Гриер. Рузвелт, или Роузи, Гриер, како што луѓето го викале, растеше и порасна во над 130 кгр тежок и над 180 см висок одбрамбен играч на NFL. Тој е со бројот 76 на оваа фотографија. Овде на фотографијата е заедно со остатокот од „страшната четворка“. Ова беа четворица момци од тимот „L.A. Rams“ во шеесетите на кои не би сакале да им се спротивставите. Тие беа цврсти рагби играчи кои го работеа тоа што го сакаа, што беше кршење глави и изместување на рамења на теренот. Но, Роузи Гриер имаше уште една страст. Во длабочината на својата душа, тој, исто така, го сакаше везењето. Го сакаше плетењето. Тој има кажано дека тоа го смирувало, го релаксирало, му помогнало да го надмине стравот од летање, а му помогнало и да запознае девојки. Така тој има кажано. Тој толку многу го сакал везењето, што кога се повлекол од NFL, започнал да се зачленува во клубови. Дури издал и книга под наслов „Везење за мажи од Роузи Гриер“. (Смеење) (Аплауз) Одлична насловна страница. Ако забележувате, тој всушност го везе на гоблен сопственото лице.
Она што го обожувам во оваа приказна е тоа дека Роузи Гриер е толку својствена/автентична личност. И дека тоа всушност значи својственост. Тоа е бидеш ти, да бидеш свој, и да бидеш ОК со тоа. Јас мислам деак кога сте свои го следите своето срце, и се наоѓате себеси на места во ситуации и разговори кои ги сакате и во кои уживате. Запознавате луѓе со кои ви се допаѓа да разговарате. Одите на местата за кои сте сонувале. И секако го следите своето срце, чувствувајќи се исполнети. И, тоа се трите „С“.
За мојата завршна мисла, сакам да ве вратам на доаѓањето на моите родители во Канада. Не знам какво би било чувството да се дојде во туѓа земја кога си во своите дваесетти години. Не знам, бидејќи никогаш не сум го направил тоа. Но можам да замислам дека за тоа е потребно да се има цврст став. Можам да замислам дека е потребно да се биде свесен за својата околина и да се ценат малите чуда кои ги запознаваш во својот нов свет. И мислам дека би требало да бидеш навистина свој, да бидеш навистина искрен со себе си со цел да го издржиш сето она на што си изложен.
Би сакал сега да го прекинам мојот говор за некои десетина секунди, бидејќи не добивате многу можности во животот за да направите нешто како ова, а, моите родители седат во првиот ред. Па, сакав да ги замолам, ако не им пречи, да станат. И, само сакав да ви кажам „Благодарам“.
Кога растев, мојот татко обожаваше да ми ја кажува приказната за неговиот прв ден во Канада. Тоа е одлична приказна; она што се случило е следното: слегол од авионот на аеродромот во Торонто, и бил пречекан од непрофитна група, за која сум сигурен дека ја води некој што е во оваа просторија. (Смеење) Оваа непрофитна група организирала голем ручек за добредојде за сите нови доселеници во Канада. Мојот татко кажува дека слегол од авионот и отишол на овој ручек, а таму имало голема маса. Имало леб, мали краставички, маслинки, мали лукчиња. Имало ролувана мисирка, шунка, бифтек, и мали коцки сирење. Имало сендвичи со туна и сендвичи со салата од јајца, како и сендвичи со салата од лосос. Имало лазања и ѓувеч, чоколадни слатки и торти, и - пити, многу, многу пити. И, кога татко ми ја кажува приказната, тој вели, „Најлудото нешто е тоа што, пред тој ден, јас немав видено ништо од сето тоа на масата, освен лебот.“ (Смеење) „Не знаев што беше со месо, а што вегетаријанска храна; јас јадев маслинки со пита.“ (Смеење) „Не ми се веруваше што се’ има овде.“
Кога имав пет години, татко ми ме носеше заедно со него кога купуваше од продавницата. И ќе зјапаше зачуден во малите налепници на овошјето и зеленчукот. Ќе кажеше, „Погледни, ти се верува ли дека овде имаат манго од Мексико? Овде имаат јаболко од Јужна Африка. Ти се верува ли дека ги добиле урмите од Мароко?“ И тој се чуди, „Знаеш ли ти каде воопшто се наоѓа Мароко?!“ А јас ќе кажев, „Јас имам 5 години. Јас не знам каде сум сега. Дали е ова A&P маркетот?" И тој би рекол, „И јас не знам каде е Мароко, ама ајде да видиме.“ И тогаш, би ги купиле урмите, и би отишле дома. Би го земале атласот од полицата, и би го прелистувале се’ дури не би ја нашле мистериозната земја. И тогаш, татко ми ќе кажеше, „Ти се верува ли дека некој овде се качувал на дрво, ги берел овие нешта, ги ставал во камион, ги довезол до пристаништето и потоа ги испратил со брод преку Атлантскиот океан, па потоа ги ставил во друг камион и ги довезол дури до малата пиљарница веднаш до нашата куќа за да ни ги продадат за 25 центи?“ Јас ќе кажев, „Не ми се верува.“ Тој ќе кажеше, „Ни мене не ми се верува. Нештата се чудесни. Има толку многу работи за кои треба да се радуваме.“
Кога ќе престанам да мислам за тоа, тој е апсолутно во право; има навистина толку многу работи за кои треба да се радуваме. Ние сме единствениот вид на единствениот камен што дава живот во целиот универзум за кој сме свесни, кој е способен да искуси толку многу од тие чудесни нешта. Мислам, ние сме единствени кои имаме архитектура и земјоделие. Ние сме единствени кои имаме накит и демократија. Имаме авиони, автопати, ентериерен дизајн и хороскопски знаци. Имаме модни списанија, правиме домашни забави. Можете да гледате хорор филм со чудовишта. Можете да отидете на концерт и да слушате гитари. Имаме книги, шведски маси и радио бранови, невести и забавни паркови. Можете да спиете во чиста постелнина. Можете да одите на кино и да добиете добри места за седење. Можете да го почувствувате мирисот на свежо испечен леб, да се шетате по дождот, да правите конфети, или да дремнете кога не би требало.
Го имаме сето тоа, но имаме само 100 години да уживаме во него. И тоа е тажниот дел. Касиерите во вашата продавница, настојникот во фабриката, дечкото што ќе ве „шлепа“ до дома по автопатот, телемаркетерот кој ќе ви се јави за време на вечерата, секој наставник кој сте го имале, секој кој се разбудил покрај вас, секој политичар во секоја држава, секој актер во секој филм, секој човек во вашето семејство, секој кого го сакате, секој во оваа просторија и вие ќе биде мртов за 100 години. Животот е толку убав, а ние имаме само кратко време да ги доживееме и уживаме во малите нешта и кратките мигови кои го прават толку убав. И тој момент е токму сега, и, тие мигови одбројуваат, тие мигови се минливи.
Никогаш нема да бидете млади како што сте сега. И затоа јас верувам дека ако го живеете својот живот со одличен и цврст Став, избирајќи да се движите напред секогаш кога животот ќе ви зададе удар, живеејќи со чувсто за Свесност за светот околу вас, прифаќајќи го детето во себе и забележувајќи ги тие мали радости кои го прават животот убав и со тоа што ќе бидете Свои, автентични, со тоа што ќе прифатите да бидете тие што сте и да бидете ОК со тоа. дозволувајќи да ве води срцето и ставајќи се себе си во ситуации и искуства кои ве прават среќни, тогаш, мислам оти ќе живеете живот што е богат и исполнет и мислам дека живете чудесен живот.
You can share this video by copying this HTML to your clipboard and pasting into your blog or web page. This video will play with subtitles.
You either have JavaScript turned off or have an old version of the Adobe Flash Player. To view this rating widget you
need to get the latest Flash player.
If your browser allows only "trusted sites" to execute Javascript, you should add the "googleapis.com" domain to your whitelist to allow our Flash detection to work properly.
Got an idea, question, or debate inspired by this talk? Start a TED Conversation, or join one of these:
Блогот на Нила Пасрича, "1000 Awesome things", ги слави едноставните животни задоволства, од бесплатното кафе до чистата постелнина. Во овој искрен говор одржан за време на конференцијата TEDxToronto, тој открива 3 тајни (сите започнуваат на буквата „С“) кои ќе доведат кон навистина чудесно живеење.
Neil Pasricha uses the power of blogging to spread a little optimism each day about the awesome things that make life worth living. Full bio »
Translated into Macedonian by Dragana Mitrovikj
Reviewed by ALEKSANDAR MITEVSKI
Comments? Please email the translators above.
23:42 Posted: Jul 2008
Views 1,513,383 | Comments 162
20:54 Posted: Nov 2007
Views 2,007,054 | Comments 309
17:39 Posted: Jun 2010
Views 1,166,757 | Comments 338
Just follow the guidelines outlined under our Creative Commons license.
This comment will be attributed to . Not ? Sign Out.