Имам едно прашање за вас: Дали сте религиозни? Ве молам кренете ја раката сега доколку себеси се сметате за религиозна личност. Да видиме, јас би рекол околу три или четири проценти. Не знаев дека имало толку верници на една TED Конференција. (Смеа) Во ред, еве уште едно прашање: Дали се сметате себе си за духовни на било кој начин или форма? Кренете рака. Во ред, тоа се мнозинството.
Мојот говор денеска се однесува на главната причина, или една од главните причини, зошто повеќето луѓе себе си се сметаат за духовни на некаков начин. Мојот денешен говор се однесува на себе-трансценденцијата. Да се биде човек значи дека е сосем нормално понекогаш егото да се стопи. А кога тоа ќе се случи, тогаш чувството е како екстаза и тогаш почнуваме да користиме метафори за да ги опишеме овие чувства. Кажуваме дека сме биле возвишени.
Навистина е тешко да размислуваме за една ваква апстрактна појава без притоа да имаме конкретна метафора. Еве ја метафората што ви ја нудам денес. Мислете за умот како куќа со многу соби, притоа повеќето од нив ни се познати. Но, понекогаш како од никаде се појавува врата, која се отвара кон некакви скалила. Се качуваме по скалите и доживуваме состојба на поинаква свест.
Во 1902 година, големиот американски психолог Вилијам Џејмс пишувал за многуте видови на религиозни доживувања. Собирал и проучувал секаков вид на лични примери. Ги цитирал зборовите на секакви луѓе кои имале мноштво вакви доживувања. Еден од највозбудливите според мене е овој млад човек, Стивен Бредли, имал средба во 1820 година, а мислел дека била со Исус. Еве што кажал Бредли за ова.
(Видео) Стивен Бредли: Мислам дека го видов спасителот во човечка форма околу една секунда беше во собата, со рацете испружени, ми се причини дека ми вели, "Дојди." Следниот ден треперев од среќа. Мојата среќа беше толку голема што сакав да умрам. Повеќе не сакав да бидам на овој свет. Пред да се случи ова, бев многу себичен и сакав сè да биде по мое. Но, сега му посакував сè најдобро на целото човештво и можев, со цело срце, да им простам на најголемите непријатели.
ЏХ: Забележете како Бредлиевото мало, моралистичко его едноставно умира додека се качува по скалилата. На ова повисоко ниво тој станува полн со љубов и прошка. Многуте светски религии пронашле многу начини со цел да им помогнат на луѓето да се искачат по скалилата. Некои го исклучуваат егото преку медитација. Други користат психоделични дроги. Ова е Ацтечки папирус од 16 век кој прикажува човек како јаде псилоцибин печурка и во истиот момент е повлечен од страна на господ нагоре по скалилата. Други користат играње, вртење и кружење за да постигнат себе-трансенденција. Меѓутоа не ви треба религијата за да ве искачи по скалите. Многу луѓе наоѓаат себе-трансценденција во природата. Други пак забораваат за себе на забави.
Но, ова е најчудното место од сите: војна. Толку многу книги за војни го велат истото, дека ништо не ги обединува луѓето толку како војната. Притоа, преку самото обединување се отвора можноста за невообичаени себе-трансцендетни доживувања. Ќе ви пуштам еден извадок од оваа книга напишана од Глен Греј. Греј бил војник во Американската армија во Втората Светска војна. После војната тој интервјуирал многу други војници и пишувал за доживувањата на овие луѓе за време на војната. Ова е клучниот пасус каде што тој ги опишува скалите.
(Видео) Глен Греј: Многу ветерани ќе признаат дека доживувањето на колективен напор за време на битка е главната точка од нивните животи. "Јас" неприметно преминува во "ние," "моето" станува "наше", додека пак индивидуалната вера го губи своето централно значење. Верувам дека ништо друго освен увереноста во бесмртноста прави да себе-жртвувањето во овие моменти биде релативно лесно. Може да паднам, меѓутоа не умирам, бидејќи тоа што е вистинското во мене продолжува да живее во моите другари за кои се откажав од сопствениот живот.
ЏХ: Она што им е заедничко на сите овие случаи е дека егото се чини како да исчезнува, а тоа го чувствуваме како нешто добро и убаво, чувството е многу поразлично од сè друго во нашите нормални животи. Чувството е некако возвишувачко. Оваа идеја дека се движиме нагоре била централна во пишувањето на големиот Француски социолог Емил Диркхајм Диркхајм дури нè нарекувал Homo duplex, или човек на две нивоа. Пониското ниво го нарекувал ниво на световното. Световното е спротивно од светото. Тоа означува она што е обично или секојдневно. Во нашите секојдневни животи ние постоиме како индивидуи. Сакаме да ги задоволиме нашите индивидуални желби. Трагаме по индивидуалните цели. Но, некогаш се случува нешто кое со себе повлекува фазна промена. Единките се обединуваат во тим, во движење или во нација, која што е многу повеќе отколку збирот на нејзините делови.
Диркем го нарекувал ова ниво, ниво на светото бидејќи верувал дека функцијата на религијата е да ги обедини луѓето во групи, во морални заедници. Диркхајм верувал дека сè што нè обединува добива призвук на светост. Откако луѓето ќе се обединат околу некој свет предмет или вредност, тогаш тие ќе работат како тим и ќе се борат за да го одбранат. Диркхајм пишувал за неколку интензивни и колективни емоции кои го постигнуваат ова чудо наречено E pluribus unum, т.е. создавање на група од поединци. Помислете на колективната радост во Британија на денот кога Втората Светска војна заврши. Помислете на колективниот гнев на Тахрир Плоштадот, кога беше соборен диктатор. И помислете на колективната тага во Соединетите Држави која сите ја почувствувавме, која нè обедини, после 11 септември.
Да сумирам што кажавме до сега. Велам дека капацитетот за себе-трансценденција е основна човечка карактеристика. Ја нудам метафората наречена скалила во умот. Велам дека ние сме Homo duplex и овие скалила нè водат од световното ниво нагоре кон нивото на светото. Кога се качуваме по тие скалила, интересот за себеси исчезнува, стануваме едноставно помалку заинтересирани за себе, и чувствуваме дека сме подобри, поблагородни и некако возвишени.
Еве го прашањето за милион долари наменето за социјалните научници како мене: Дали скалилата се карактеристика на нашиот еволуциски дизајн? Дали тие се продукт на природната селекција, како нашите раце? Или пак станува збор за грешка во системот, оваа религиозна работа е само нешто што се случува кога жиците во мозокот ќе се вкрстат, Џил имала инфаркт и како резултат на тоа имала религиозно искуство, дали се работи за грешка?
Многу научници кои ја проучуваат религијата го застапуваат ова гледиште. Новите Атеисти, на пример, велат дека религијата е збир на мемеа, вид на паразитски мемеа, кои влегуваат во нашите умови и нè принудуваат да правиме разни луди религиозни работи, себе-уништувачки работи, како бомбашки самоубиства. После сè, како може да биде добро за нас да заборавиме за самите себе? Како може да биде адаптибилно за било кој организам да ги надмине своите интереси? Дозволете ми да ви покажам.
Во "Потеклото на Човекот," Чарлс Дарвин напишал многу за еволуцијата на моралот, од каде доаѓа, зошто го имаме. Дарвин забележал дека многу од нашите доблести имаат мала корист за самите нас, но тие се од голема полза за нашите групи. Тој пишувал за сценариото во кое две племиња на примитивни луѓе доаѓаат во контакт и натпревар. Тој рекол, "Ако едното племе вклучува голем број на храбри, љубезни и верни членови кои секогаш се спремни да си помагаат и да се бранат едни со други тогаш поголема е веројатноста дека ќе успеат и ќе ги освојат другите." Тој рекол дека "Себичните и непријатните луѓе нема да се обединат, а без обединетост ништо не може да се постигне." Со други зборови, Чарлс Дарвин верувал во групна селекција.
Оваа идеја беше многу контроверзна во последните 40 години, но сепак ќе се врати на голема сцена оваа година, особено после излегувањето на книгата на Вилсон во Април, која дава многу силни аргументи дека ние, и неколку други видови, сме продукт на групна селекција. За ова треба да размислуваме како за селекција на повеќе нивоа.
Размислувајте на овој начин: Имате натпревар кој се одвива внатре и помеѓу групите. Еве една група на момци кои се екипаж на еден тим од колеџ. Внатре во овој тим постои конкуренција. Момците се натпреваруваат едни со други. Најспорите веслачи, најслабите веслачи, ќе бидат исфрлени од тимот. Само неколкумина од овие момци ќе успеат во спортот. Можеби еден од нив ќе стигне до Олимпијада. Значи внатре во тимот, всушност нивните интереси се спротивставени еден против друг. Понекогаш за еден од овие момци ќе претставува предност доколку се обиде да ги саботира другите момци. Можеби ќе го оговара својот главен ривал кај тренерот. Додека тој натпревар се одвива внатре во чамецот, ова натпреварување се одвива помеѓу чамците. Откако ќе ги ставите овие момци во чамец кој се натпреварува со друг чамец, тие повеќе немаат друг избор освен да соработуваат бидејќи сите се во истиот чамец. Можат да победат само доколку вложат напор како тим. Мислам, овие работи звучат банално, меѓутоа тие се длабоки еволуциски вистини.
Главниот аргумент против групната селекција отсекогаш била дека, секако, ќе биде убаво да имате група на соработници, но откако ќе имате група на соработници, тие ќе бидат надминати од паразитите, поединците кои ќе ја искористат напорната работа на другите. Да ви го илустрирам ова. Да претпоставиме дека имаме група на мали организми, можат да бидат бактерии, хрчаци; не е важно што, и да претпоставиме дека оваа мала група еволуирала да бидат кооперативни. Тоа е супер. Се хранат, се бранат заедно, работат заедно, создаваат богатство. Како што ќе видите во оваа симулација, како што доаѓаат во контакт тие добиваат поени т.е. растат, и кога ќе ја дуплираат својата големина, ќе видите дека се делат, и на тој начин се размножуваат и популацијата расте.
Но, претпоставете дека еден од нив мутира. Има мутација во генот и еден од нив мутира и притоа станува себичен. Ги искористува другите. И кога зеленото доаѓа во допир со синото, ќе видите како зеленото се зголемува, а синото се смалува. Еве како се одвиваат работите. Почнуваме само со едно зелено, и како што доаѓа во допир добива богатство или поени или храна. И за кратко време, соработувачите се истребени. Паразитите доаѓаат во прв план. Доколку групата не може да го реши паразитскиот проблем тогаш нема да може да ги користи поволностите од соработката и групната селекција нема да може да започне.
Но, има решенија за проблемот со паразитот. Ова не е толку тежок проблем. Всушност, природата го има решено многу, многу пати. Омиленото решение на природата е да ги стави сите во истиот чамец. На пример, зошто митохондријата во секоја клетка има сопствена ДНК, целосно одвоена од ДНК-та во нуклеусот? Тоа е така бидејќи порано тие биле одвоени и слободни живи бактерии потоа се споиле една со друга и формирале еден суперорганизам. На еден или друг начин - можеби едната ја проголтала другата; никогаш нема да дознаеме зошто, но, откако добиле мембрана околу нив, тие заедно биле во иста мембрана, настанала поделба на трудот, на сето богатство, на сите поволности добиени од соработката, остануваат затворени во мембраната и така добиваме суперорганизам.
Ајде да ја пуштиме симулацијата повторно ставајќи го еден од овие суперорганизми во популација на паразити, на манипулатори, на измамници и да видиме што се случува. Суперорганизмот може во основа да добие што ќе посака. Толку е голем, моќен и ефикасен што може да извлече ресурси од зелените, од манипулаторите, измамниците. Набргу целата популација всушност е составена од овие нови суперорганизми. Она што ви прикажав овде понекогаш се нарекува најголемата транзиција во еволуциската историја. Дарвиновите закони не се менуваат, но, сега имаме нов вид играч на теренот и притоа нештата почнуваат да стануваат поинакви.
Оваа транзиција не била еднократен восклик на природата кој се случил само со некои бактерии. Се случил повторно од пред околу 120 или 140 милиони години. кога некои осамени оси почнале да создаваат едноставни, примитивни гнезда, или осила. Откако неколку оси ќе се најделе заедно во исто осило, тие немале избор освен да соработуваат, бидејќи веднаш влегувале во натпревар со другите осила. Најкохезивните осила победувале, исто како што кажал Дарвин.
Овие примитивни оси се претците на пчелите и мравките кои го населиле светот и ја промениле биосферата. Ова се случило повторно, дури и поспектакуларно, во последните половина милион години кога нашите предци станале културални суштества, се собрале околу огништето т.е. логорскиот оган, го поделиле трудот, почнале да си ги сликаат телата, зборувале на засебни дијалекти, и конечно ги обожавале сопствените богови. Откако сите ќе се најделе во исто племе, можеле да ги чуваат предностите од соработката во групата. Така ја создале најмоќната сила што некогаш била присутна на оваа планета, а тоа е човечката соработка, сила за создавање и уништување.
Се разбира, човечките групи се далеку од кохезивни како оние на пчелите. Човечките групи можеби изгледаат како пчели за кратки моменти, но тие имаат тенденција брзо да се растураат. Ние немаме онаква соработка каква што имаат пчелите и мравките. Всушност, честопати, како што видовме во многуте востанија од Арапската Пролет, честопати тие поделби се по религиозни линии. Сепак, кога луѓето ќе се здружат и кога ќе се посветат сите на едно исто движење, тогаш тие можат да поместат планини.
Погледнете ги луѓето на овие фотографии што ви ги покажав. Дали мислите дека се таму за да задоволат некој личен интерес? Или пак трагаат по заеднички интерес, кое што пак бара да заборават за себе и едноставно да станат дел од целината?
Во ред, тоа беше мојот Говор изведен на стандарден TED-овски начин. Сега ќе го претставам истиот Говор уште еднаш во три минути на еден посликовит начин.
(Видео) Џонатан Хајт: Ние луѓето имаме многу видови на религиозни доживувања, како што објаснил Вилијам Џејмс. Еден од најчестите е качување по тајните скалила и заборавање за себе. Скалилата нè носат од доживувањето на животот како световен или обичен нагоре кон доживување на животот како светост, или како длабоко поврзан. Ние сме Homo duplex, како што кажал Диркхајм. Ние сме Homo Duplex бидејќи сме еволуирале преку селекција на повеќе нивоа, како што кажал Дарвин. Не сум сигурен дека скалилата се адаптација а, не системска грешка, но доколку се адаптација, тогаш импликациите се длабоки. Ако се адаптација, тогаш сме еволуирале за да бидеме религиозни.
Не мислам дека сме еволуирале за да влегуваме во огромни организирани религии. Тие работи се настанати од неодмана. Туку, поентата ми е дека сме еволуирале да гледаме светост секаде околу нас и да се здружуваме со другите во тимови околу одредени свети предмети, луѓе и идеи. Поради ова политиката е толку многу племенска. Политиката е делумно световна, делумно се однесува на сопствен-интерес, но исто така се однесува на светоста. Станува збор за здружување со другите како би се постигнале морални идеи. Се работи за вечната борба помеѓу доброто и злото, и ние сите веруваме дека сме во добриот тим.
И најважно, доколку скалилата се вистински, тие го објаснуваат постојаното и занемарено незадоволство од модерниот живот. Бидејќи човечките битија се, до одреден степен, колективни суштества како пчелите. Ние сме пчели. Излеговме од осилото за време на Просветлувањето. Ги растуривме старите институции и им донесовме слобода на обесправените. Ослободивме огромна креативност и создадовме огромно богатство и удобност.
Денеска летаме наоколу како индивидуални пчели насладувајќи и се на слободата. Но, понекогаш се прашуваме: Дали ова е сè што постои? Што треба да правам со мојот живот? Што недостасува? Она што недостасува е дека ние сме Homo duplex, но, модерното, секуларно општество е изградено за да ги задоволи нашите пониски потреби. Навистина е удобно овде долу на пониското ниво. Дојди, седни во мојот домашен центар за забава.
Еден голем предизвик во модерниот живот е да се пронајде скалилото во целиот овој хаос и потоа да се направи нешто добро и благородно откако ќе се искачиш на врвот. Ја гледам оваа желба кај моите студенти на Универзитетот во Вирџинија. Сите тие сакаат да пронајдат кауза или мисија на која целосно ќе се посветат. Сите тие го бараат своето скалило. А, тоа ми дава надеж бидејќи луѓето не се само себични.
Повеќето луѓе копнеат да ја надминат ништожноста и да станат дел од нешто поголемо. Ова ја објаснува неверојатната соодветност на оваа едноставна метафора создадена приближно пред 400 години. "Ниту еден човек е остров сам за себе. Секој човек е дел од континентот, дел од копното."
You can share this video by copying this HTML to your clipboard and pasting into your blog or web page. This video will play with subtitles.
You either have JavaScript turned off or have an old version of the Adobe Flash Player. To view this rating widget you
need to get the latest Flash player.
If your browser allows only "trusted sites" to execute Javascript, you should add the "googleapis.com" domain to your whitelist to allow our Flash detection to work properly.
Got an idea, question, or debate inspired by this talk? Start a TED Conversation, or join one of these:
Психологот Џонатан Хајт поставува едноставно, но сепак тешко прашање: зошто бараме себе-трансенденција? Зошто се обидуваме да се изгубиме самите себе? Водејќи нè низ науката за еволуцијата преку групна селекција, тој предлага еден провокативен одговор.
Jonathan Haidt studies how -- and why -- we evolved to be moral. By understanding more about our moral roots, his hope is that we can learn to be civil and open-minded. Full bio »
Translated into Macedonian by ALEKSANDAR MITEVSKI
Reviewed by Dejan Spaseski
Comments? Please email the translators above.
19:20 Posted: Jan 2012
Views 1,286,474 | Comments 1172
18:42 Posted: Sep 2008
Views 1,576,309 | Comments 595
21:28 Posted: Mar 2008
Views 604,683 | Comments 415
Just follow the guidelines outlined under our Creative Commons license.
This comment will be attributed to . Not ? Sign Out.