Пред околу 10 години, се нафатив да предавам глобален развој на студенти во Шведска. Тоа се случи откако поминав околу 20 години истражувајќи го проблемот со гладот во Африка во соработка со некои африкански институции, па од мене се очекуваше да разбирам по нешто од светот. И така, почнав со предавање на предметот „Глобално здравство“ на нашиот медицински универзитет, на институтот Каролинска. Но, кога ќе добиете таква можност, ве фаќа малку трема. Си мислев, овие студенти на кои треба да им предавам,всушност доаѓаат со највисоки оценки кои можат да се добијат во Шведскиот високообразовен систем -- и затоа, веројатно веќе знаат се што јас би им предавал. Затоа, им направив мал тест кога првпат дојдоа. Едно од прашањата од кои јас научив многу беше: „Која има највисока стапка на смртност на деца од следните парови држави?“
И државите ги ставив заедно, така што во секој пар, едната држава да има двојно поголема стапка на смртност од другата. Со ваква значајна разлика, можноста за случајна грешка е минимална. Нема да ве тестирам и вас сега, но највисоко е Турција, потоа Полска, Русија, Пакистан и Јужна Африка. И ова беа резултатите од Шведските студенти. Тестот ми даде прилично големо ниво на доверба и бев среќен. 1.8 точни одговори од можни 5. Тоа значи дека имаше простор за професор по меѓународно здравство, (смеа) и за мојот курс.
Но, ја разбрав вредноста на моето откритие, една доцна вечер, дури го составував мојот извештај од тестирањето. Покажав дека најдобрите Шведски студенти знаат статистички значително помалку за светот од шимпанзата. (смеа) Бидејќи шимпанзата ќе погодеа барем половина од прашањата ако ги наградев со две банани. Тие би биле во право во половина од случаите.
Но, студентите погодија помалку од пола. Проблемот што требаше да го решам не беше незнаење, туку погрешна претстава што студентите веќе ја имаа.
Направив и едно неетичко истражување на професорите на институтот Каролинска (смеа) кој што ја доделува Нобеловата награда за медицина, и погодија отприлика исто колку и шимпанзите. (смеа) Тогаш сфатив дека навистина постоеше потреба да искомуницираме за податоците околу случувањата во светот.
Го изработивме овој софтвер кој го прикажува тоа на следниот начин: секој круг овде претставува една земја. Оваа земја овде е Кина. Ова е Индија. Големината на кругот претставува број на жители, а на оваа оска овде го ставив наталитетот. Кога моите студенти ќе го погледнат светот, и ќе ги прашам: „Какво е всушност вашето мислење за светот?“ Најпрвин открив дека учебникот во најголем дел беше застарен. (смеа) Тие тие одговорија, „Светот е сеуште ’ние’ и ’тие’. „Ние“ е западниот свет, а „тие“ се земјите во развој. „А што всушност подразбирате под западен свет?“ ги прашав. „Па, тоа е долг живот во мали семејства, а неразвиениот свет е краток живот во големи семејства.“
Ова е она што што можам да го прикажам тука. Го ставам наталитетот тука: број на деца по жена, едно, две, три, четири, се до 8 деца по жена. Имаме многу добри податоци од околу 1962 година за големината на семејствата во сите држави. Грешката е незначителна. Тука ја ставам очекуваната должина на животот, од 30 години во некои држави се до 70 години. 1962 година, гледаме една група држави овде. Тоа се индустријализираните земји, и тие имале мали семејства и долг живот. А овие се земјите во развој: тие имале бројни семејства и релативно краток живот. Сега, да видиме што се случило од 1962 година до сега. Сакаме да ја видиме промената. Дали студентите се во право? Дали сеуште има два типа на држави? Или можеби се случило земјите во развој да имаат помалубројни семејства и да живеат овде? Или можеби имаат подолг живот и живеат овде горе?
Да видиме. Да го запреме светот тогаш. Ова се официјални податоци од Обединетите Нации кои што се достапни. Одиме. Гледате ли овде? Ова е Кина, се движи кон подобро здравство тука, подобрувајќи се. Сите Латино-Американски држави се движат кон помали семејства. Овие жолтите се Арапските земји, и тие имаат побројни семејства, но ... не, подолг живот, но не и побројни семејства. Африка се овие зелените долу. Сеуште остануваат таму. Ова е Индија. Индонезија се движи прилично брзо. (смеа) Во 1980тите овде, го гледаме Бангладеш сеуште заедно со африканските земји онде. Но сега, Бангладеш - тоа е чудо што се случило во 1980тите: Имамите почнале да промовираат планирање на семејството. И тие доаѓаат тука горе. А во 1990тите има ужасна епидемија на сида која што го намалува животниот век на африканските држави а сите други, доаѓаат тука горе, каде што имаме долг животен век и малубројни семејства, и имаме комплетно нов свет. (аплауз)
Да направиме директна споредба помеѓу Америка и Виетнам. 1964: Америка има малубројни семејства и долг животен век; Виетнам имал многубројни семејства и краток животен век. И се случува следното: податоците за време на војната во Виетнам покажуваат дека и покрај воените жртви, сепак има подобрување на животниот век. До крајот на годината, се почнало со планирање на семејството во Виетнам, и тие се придвижиле кон помалубројни семејства. Америка тука горе се движи кон подолг животен век, задржувајќи ја бројноста во семејствата. И во 1980тите, се откажуваат од комунизмот и поаѓаат кон пазарно општество, и се движи брзо. И денес, во Виетнам имаме иста големина на семејствата и ист животен век во 2003 година, како што имала Америка во 1974та, кога завршила војната. Мислам дека сите ние, доколку не ги погледнеме податоците, ја потценуваме огромната промена што се случила во Азија, која што пред се била општествена промена, пред воопшто да ја забележиме економската промена.
Да погледнеме сега уште еден начин на кој може да ги прикажеме податоците за приходите во светот. Овде се прикажани приходите на луѓето во светот. Еден долар, 10 долари, 100 долари на ден. Денес не постои процеп помеѓу богатите и сиромашните. Тоа е мит. Има мала грбка тука, но луѓе има распределени насекаде по оската. И ако погледнеме како завршува овој приказ -- приходите -- ова се 100 проценти од светските годишни приходи. И најбогатите 20%, зафаќаат околу 74%. А најсиромашните 20%, зафаќаат околу 2%. И ова е доказ дека концептот „земја во развој“ е под знак прашање. Кога мислиме на хуманитарна помош, мислиме на тоа дека овие луѓе тука, им помагаат на овие луѓе тука. Но најголем број од населението се наоѓа тука во средината, и тие сега имаат 24% од светските примања.
Сме го чуле ова и во поинаква форма. Кои се всушност овие? Каде се различните земји? Можам да ви ја покажам Африка. Ова е Африка. 10% од светскoто население, најголемиот дел од нив -- сиромашни. Ова се државите од организацијата за светска економска соработка и развој (OECD) - богатите земји. Ексклузивниот клуб на Обединетите Нации. И тие се тука на оваа страна. Го приметувате ли пресекот помеѓу нив и Африка? Ова е Јужна Америка. Таму има се, од најсиромашни, до најбогати. И на тоа можеме да ги додадеме источна Европа, источна Азија, јужна Азија. И како тоа изгледа ако се вратиме назад во времето, на пример во 1970та? Таму гледаме поголем процеп. И гледаме дека најсиромашните живееле во Азија. Светскиот проблем тогаш бил сиромаштијата во Азија. Сега, ако пуштиме светот да се движи напред, ќе видите дека додека бројот на населението расте, стотици милиони Азијати излегуваат од сиромаштијата, додека некои други пак влегуваат во сиромаштија, и ова е сликата што ја имаме денес. И најдобрата прогноза од Светската Банка е дека ќе се случи ова, и нема да имаме поделен свет. Најголемиот број луѓе ќе бидат во средината.
Се разбира, ова е логаритамска скала, но нашиот концепт на раст во економијата е раст преку проценти. Гледаме на тоа како можност за процентуален раст. Ако го сменам ова и наместо тоа одберам бруто приход по глава на жител, и ги претворам овие индивидуални податоци во регионални податоци за бруто домашен производ, и ги донесам регионите тука доле, големината на кругот е сешуте број на жители. Тука се земјите од OECD, тука е Африка под Сахара, а арапските земји се тука, кои припаѓаат и на Африка и на Азија, и ги ставаме одделно, и може да ја прошириме оваа оска, и може да и дадам нова димензија тука, со додавање на социјалните вредности тука, преживеани деца. Сега, ставам пари на оваа оска, и веројатност за децата да останат живи тука. Во некои држави, 99.7% од децата остануват живи до 5 годишна возраст. Во некои други, само 70%. И тука, веќе се гледа процеп меѓу OECD, Јужна Америка, Источна Европа, Источна Азија, Арапските земји, Јужна Азија и Африка под Сахара. Зависноста е многу силна меѓу преживеаните деца и парите.
Но, дозволете ми да ја поделам Африка. Здравјето е тука, а подоброто здравје е тука горе. Можам да ја поделам Африка на нејзините држави. И кога ќе ја поделам, големината на секој круг претставува број на жители во таа држава. Сиера Леоне таму доле. Маурициус таму горе. Маурициус беше првата држава што го отвори пазарот и беше во можност да го продава својот шеќер. Можеа да го продаваат својот текстил исто како и луѓето од Европа и Северна Америка.
Има огромни разлики во Африка. Гана е тука во средината. Во Сиера Леоне, хуманитарна помош. Тука во Уганда, помош за развој. Тука, време е за инвестиции, тука, може да се оди на одмор. Тоа е огромна варијација во самата Африка која ретко кој ја гледа. Најчесто ги изедначуваме државите. Можам да ја поделам и Јужна Азија тука. Индија е големиот круг во средина. Но, има огромна разлика меѓу Авганистан и Шри Ланка. Можам да ги поделам арапските земји. Какви се тие? Иста клима, иста култура, иста религија. Огромна разлика. Дури и меѓу соседите. Јемен - граѓанска војна. Обединети арапски емирати - пари, пари кои сосема добро биле подеднакво распределени и добро искористени. Тоа се разликува од митот. А тука се вклучени и сите деца на работниците од странство кои се во земјата. Податоците се најчесто подобри отколку што мислиме. Повеќето луѓе велат податоците се лоши. Постои мала можност за грешка, но разликите може да се видат тука: Камбоџа, Сингапур. Разликите се многу поголеми од можноста за грешка во податоците. Источна Европа: долгогодишно социјалистичко стопанство, но после 10 години излегуваат многу поразлични. И тука е Јужна Америка. Денес не мора да одиме во Куба за да најдеме здрава држава во Јужна Америка. За некоја година, Чиле ќе има помала стапка на смртност на деца од Куба. И тука ги гледаме земјите од OECD со висок приход.
И ја гледаме целосната слика на светот, која горе-долу изгледа вака. И ако ја погледнеме, како изгледа -- светот во 1960та, почнува да се движи. 1960. Ова е Мао Це Тунг. Тој донесува здравје во Кина. И потоа умира. И потоа доаѓа Денг Хсиаопинг и донесува пари во Кина, и со тоа ги враќа повторно во игра во светски рамки. Видовме како се движат државите во различни насоки, но малку е тешко да се најде држава која ја опишува целосната слика на светот. Би сакал да ве вратам назад во 1960та. Би сакал да направам споредба на Јужна Кореја која се наоѓа тука, со Бразил, кој е тука. И би сакал да ја споредам Уганда која е тука. И сега можам да пуштам да се движи напред.. И може да се види како Јужна Кореја бележи многу брз развој, додека Бразил е многу поспор.
Ако повторно се вратиме назад, тука, и направиме да оставаат траги каде што се движат, уште еднаш може да видите дека брзината на развојот е многу многу различна, и државите се движат отприлика со истата стапка како парите и здравјето, но се гледа дека земјата може многу побрзо да напредува ако најпрвин е здрава, отколку ако најпрвин е богата. И за да го прикажеме тоа, ќе ги погледнеме Обединетите Арапски Емирати. Тие почнуваат како земја богата со природни ресурси. Ја продадоа нафтата, зедоа многу пари, но, здравјето не се купува во супермаркет. Во здравјето мора да се инвестира. Децата мора да се пратат во училиште. Мора да се обучат здравствени работници. Да се образова народот. Шекиот Сајед го направи сето ова на релативно добар начин. И покрај пониската цена на нафтата, успеа да ја донесе земјата тука горе. Па, гледаме поунифициран изглед на светот, каде што сите земји ги користат своите пари на подобар начин отколку во минатото. Сега, ако ги погледнеме средните вредности на податоците, тие изгледаат вака.
Ова е опасно, да се користи средната вредност, бидејќи има големи разлики и внатре во самата земја. Така, ако погледнам овде, ќе видиме дека Уганда денес е она што Јужна Кореја била во 1960та. Но, ако ја поделам Уганда може да се забележи голема разлика внатре. Ова се квинтилите на Уганда. Најбогатите 20% се овде. Најсиромашните се овде долу. Ако ја поделам Јужна Африка, ќе излезе ова. Ако одам долу и го погледнам Нигер, каде што имаше ужасен глад, во последно време е вака. Најсиромашните 20% од Нигер се тука, а најбогатите 20% во Африка се тука, а ние сеуште зборуваме дека треба да ги решиме проблемите во Африка. Се што постои на овој свет, постои и во Африка. И затоа не може да се разговара за еднаков пристап до лекови за сида за овој квинтил горе применувајќи ја истата стратегија како овде долу. Развојот на светот мора да биде прилагоден на контекстот, и воопшто не е релевантно да се зборува за развој на регионално ниво. Мора да бидеме многу подетални. Откривме дека овој пристап е многу интересен за студентите.
И уште поинтересен би бил за политичарите и корпорациите кои би сакале да ги следат промените во светот. Но, зошто ова не се случува? Зошто не ги користиме податоците кои веќе ги имаме? А постојат податоци и во Обединетите Нации, и во државните статистички служби, во универзитетите и другите невладини организации. Тоа е затоа што податоците се скриени во базите на податоци. Интернетот е тука, но сеуште не сме го искористиле ефикасно.
Сиве информации кои ги видовме за промените во светот не се од бесплатни извори. Постојат некои интернет страни слични на оваа, нели, но треба некој да се погрижи за нив, а и луѓето бараат пари за да ги погледнете, ставаат глупави лозинки и повторно даваат досадни статистики. (смеа)(аплауз)
Таквиот пристап не може да функционира. Што е потребно? Ги имаме податоците. Не ни требаат нови податоци. Имаме прекрасни дизајнерски алатки, и се раѓаат се повеќе и повеќе такви. Затоа, отпочнавме непрофитен проект кој го нарековме - поврзување на податоците со дизајнот - го нарекуваме Gapminder („внимавач на процепот“), име кое го позајмивме од Лондонското метро, каде што ве предупредуваат, „внимавајте на процепот (меѓу возот и станицата кога се симнувате од возот)“. Затоа мислевме дека Gapminder е соодветно. И почнавме да пишуваме софтвер кој ќе ги поврзува податоците. И не беше премногу тешко. Работевме неколку години и ги подготвивме анимациите. Со овој софтвер можете да анализирате и сопствени податоци. Ги ослободуваме податоците од О.Н., од неколку нивни организации.
Некои земји прифаќаат нивните податоци да излезат во светот, но она што навистина ни треба е функција за пребарување по податоците. Функција за пребарување каде што ќе може да ги ископираме податоците во формат погоден за пребарување. И што ни одговараат кога ќе ги посетиме и ќе им го побараме ова? Направив антропологија на главните статистички единици. Сите велат, „Тоа е невозможно. Не може да се направи. Нашите податоци се со специфични детали, и не може така лесно да се пребарува како по други податоци. Не може да ги дадеме податоците бесплатно на студентите и претприемачите насекаде низ светот.“ Но, тоа е она што ние би сакале да го видиме зар не? Податоците се овде долу. И би сакале да видиме како од нив изникнуваат цветови на интернет. И една од најбитните работи е да се направат подгодни за пребарување, за потоа луѓето да можат да користат различни алатки за дизајн и анимација користејќи ги тие податоци. И имаме добри вести за вас. Добрата вест е дека новиот раководител на секторот за статистика при О.Н. не вели дека е невозможно. Тој само вели, „Ние не може да го направиме тоа.“ (смеа) А тој е прилично умен човек, зар не? (смеа)
Па, може да очекуваме доста податоци во годините што претстојат. Ќе може да ја погледнеме распределбата на приходите во сосем ново светло. Ова е распределбата на приходите во Кина во 1970та. Ова е распределбата во Америка 1970та. Скоро и да нема пресек. Скоро и да нема пресек! И што се случи? Што се случи е следното: Кина се развива, веќе не е толку изедначена, и доаѓа овде над Америка. Скоро како дух над неа а? (смеа)
Малку е страшно. Но, навистина мислам дека е битно да ги имаме сите овие информации. Навистина треба да ги видиме. И наместо да го гледаме ова, би сакал да завршам со приказ на корисниците на интернет (по 1000). Со овој софтвер релативно лесно пристапуваме до околу 500 променливи од сите држави. Потребно е малку време ова да се смени, но на оските може да ја поставите секоја променлива што би сакале да ја имате. И она што би требало да се случи е податоците бесплатно да се објават, да се прилагодат за пребарување, и со уште еден клик, да се претстават графички, каде што веднаш ќе бидат разбирливи. На статистичарите не им се допаѓа ова, бидејќи велат дека тоа нема да биде одраз на реалноста. Мора да имаме статистички, аналитички методи. Но ова е корисно за поставување хипотези.
Сега завршувам со светот. Тука почнува интернетот. Бројот на корисници на интернет расте. Ова се приходите по глава на жител. Ова е нова технологија која доаѓа, и која неверојатно се поклопува со економиите на државите. Токму затоа е битно да профункционира идејата „компјутер за 100 долари“. Но, тоа е убава тенденција. Изгледа како светот да е се поунифициран нели? Овие држави не се развиваат само во економијата и ќе биде интересно да се следат со текот на времето, како што би сакал да можете и вие, користејќи ги сите слободно достапни податоци. Ви благодарам многу. (Аплауз)
You can share this video by copying this HTML to your clipboard and pasting into your blog or web page. This video will play with subtitles.
You either have JavaScript turned off or have an old version of the Adobe Flash Player. To view this rating widget you
need to get the latest Flash player.
If your browser allows only "trusted sites" to execute Javascript, you should add the "googleapis.com" domain to your whitelist to allow our Flash detection to work properly.
Got an idea, question, or debate inspired by this talk? Start a TED Conversation.
Никогаш не сте виделе податоци презентирани на ваков начин. Драматично, налик на спортски водител, мајсторот за статистика Ханс Рослинг ги разбива митовите за таканаречените „земји во развој“.
In Hans Rosling’s hands, data sings. Global trends in health and economics come to vivid life. And the big picture of global development—with some surprisingly good news—snaps into sharp focus. Full bio »
Translated into Macedonian by Dragan Bocevski
Reviewed by Zdravko Smilevski
Comments? Please email the translators above.
18:57 Posted: Jun 2007
Views 2,159,541 | Comments 221
16:51 Posted: May 2008
Views 429,019 | Comments 118
17:56 Posted: Aug 2010
Views 1,346,011 | Comments 248
Just follow the guidelines outlined under our Creative Commons license.
This comment will be attributed to . Not ? Sign Out.