Значи, јас сум жена со хронична шизофренија. Имам поминато стотици денови во психијатриски болници. Можев да завршам поминувајќи најголем дел од мојот живот во некое болничко одделение, но мојот живот не се одвиваше така. Всушност, успеав да не стапнам во болница речиси три декади. Најверојатно, остварување на кое сум најгорда. Тоа не значи дека повеќе немам никакви психијатриски потешкотии. Откако дипломирав на Правниот факултет на Јеил и откако за првпат се вработив како правник, мојот аналитичар од Њу Хевн, д-р Вајт, ми најави дека ќе ја затвора ординацијата во рок од 3 месеца, неколку години пред моето планирано заминување од Њу Хевн. Вајт ми беше од огромна помош и помислата дека ќе си оди ме скрши.
Мојот најдобар пријател Стив, чувствувајќи дека нешто ептен не чини, полета кон Њу Хевн за да биде со мене. Сега ќе цитирам нешто од моите записи: „Ја отворив вратата од мојот стан. Стив подоцна ми кажа дека ниту една од моите претходни психотични епизоди, не можела да го подготви за она што го видел тој ден. Цела недела или повеќе едвај имав јадено. Бев грозна. Одев како со дрвени нозе. Лицето ми изгледаше и го чувствував како маска. Го запердив целиот стан, па така среде бел ден, станот беше во речиси потполн мрак. Воздухот беше засмрден, собата во хаос. Стив, кој е адвокат и психолог, имаше третирано многу пациенти со тешка ментална болест, а до овој ден, рече, јас бев најлошото што некогаш го видел. „Здраво“, реков. И се вратив на каучот, каде некое време седев молчејќи. „Ти благодарам што дојде, Стив. Се распаѓа светот, зборот, гласот. Кажи им на часовниците да запрат. Време е. Дојде времето.“ „Вајт си заминува“, изусти тмурно Стив. „Турната сум во гроб. Ситуацијата е гроб“, се жалев. „Гравитацијата ме влече надолу. Уплашена сум. Кажи им да си одат.“
Додека бев млада, бев сместена во психијатриска болница во три наврати, на подолги периоди. Моите лекари ме дијагностицираа со хронична шизофренија и ми ја дадоа прогнозата „сериозно.“ Значи, во најдобар случај, се очекуваше да живеам во дом и да работам ниско-платени работи. За среќа, реално, не ме снајде таа сериозна прогноза. Наместо тоа, јас сум редовен професор по право, психологија и психијатрија на Универзитетот на Северна Каролина на Гоулд Правниот Факултет, имам многу блиски пријатели и имам еден сакан сопруг, Вил, кој е со нас овде денеска.
(Аплауз) Ви благодарам. Тој е дефинитивно ѕвездата на моето шоу.
Сакам со вас да споделам како се случи тоа и исто така да ви го опишам моето психотично дожиување. Побрзав да кажам дека е мое доживување, бидејќи секој станува психотичен на свој начин.
Да започнеме со дефиницијата за шизофренија. Шизофренијата е болест на мозокот. Нејзина основна карактеристика е психозата т.е. тоа што не сте во контакт со реалноста. Заблудите и халуцинациите се обележја на оваа болест. Заблудите се фиксирани и погрешни верувања кои што не реагираат на докази, а халуцинации се лажни сензорни доживувања. На пример, кога сум психотична често ја имам заблудата дека сум убила стотици илјади луѓе со моите мисли. Понекогаш ја имам идејата дека ќе се случат нуклеарни експлозии во мојот мозок. Во некои прилики, имам халуцинации, еднаш се завртев наоколу и видов човек со кренат нож. Замислете си дека имате кошмар додека сте будни.
Често, говорот и мислењето стануваат дезорганизирани до точка на неразбирливост. Под лабави асоцијации се подразбира поврзување зборови коишто можеби се слични но немаат смисла и ако зборовите доволно се измешаат, тоа се нарекува „салата од зборови.“ Во спротивност од она што мислат многу луѓе, шизофренијата не е исто што и растројство на повеќекратни личности или подвоена личност. Шизофреничниот ум не е поделен, туку скршен на парчиња.
Секој има видено бездомник, запуштен, веројатно слабо нахранет, како стои пред деловна зграда и си мрмори сам на себе или вика. Оваа личност веројатно има некоја форма на шизофренија. Но шизофренијата се јавува низ широкиот спектар од социоекономскиот статус и има луѓе кои се со оваа болест, а се професионалци со полно работно време и големи одговорности. Пред неколку години, одлучив да го запишам моето доживување и мое лично патување и денеска сакам со вас да споделам нешто повеќе од таа приказна за да ви го пренесам погледот одвнатре.
Следнава епизода се случи во седмата недела од мојот прв семестар од мојата прва година на Јеил на Правниот факултет. Цитирам од моите записи: „Моите двајца колеги, Ребел и Вал и јас се договоривме да се сретнеме во библиотеката на Правниот факултет во петок навечер за да работиме заедно на меморандумската задача. Но не стигнавме многу далеку кога јас почнав да зборувам бесмислено.
’Меморандумите се посети,‘ Ги информирав. ’Тие имаат одредена поента. Поентата е на твојата глава. Пет велеше така. Некој те имаш ли убиено?‘ Ребел и Вал ме погледнаа како на нив или на мене да ми беше фрлена ладна вода во лицето. 'За што зборуваш, Елин?' 'Оф, знаете, како и обично. Кој е што, што е кој, рај и пекол. Ајде да се качиме на кровот. Рамна површина е. Безбедно е.' Ребел и Вал ме следеа и се прашуваа што навлегло во мене. ’Ова сум вистинската јас,‘ изјавив, мавтајќи со рацете над глава. И потоа, доцна во една петочна ноќ, на кровот од Правниот Факултет на Јеил, почнав да пеам и притоа не беше тивко. 'Дојди до сончевите грмушки на Флорида. Сакаш да играш?' 'На дрога си?' еден праша. 'Надувана си?' 'Надувана? Јас? Нема шанси, без дрога. Дојди до сончевите грмушки на Флорида, каде има лимони, каде што прават демони.' 'Ме плашиш,' еден од нив рече, а Ребел и Вал се вратија во библиотеката. Згрчив раменици и тргнав по нив.
Таму внатре, ги прашав моите колеги дали ги имале истите доживувања, зборовите да им скокаат наоколу како во мојот случај. 'Мислам дека некој ги инфилтрирал моите копии од случаите,' реков. 'Мораме да го затвориме зглобот. Не верувам во зглобови, но сепак тие ти го држат телото во целина."' -- Ова е пример за лабави асоцијации -- „Конечно се вратив назад во мојата спална соба, и кога стигнав, не можев да се смирам. Главата ми беше преполна со бучава, преполна со портокалови дрвја, правни меморандуми кои не можев да ги напишам и масовни убиства за кои знаев дека јас ќе бидам одговорна. Седејќи на креветот, се нишав напред-назад, мрморејќи во страв и изолација.“ Оваа епизода доведе до мојата прва хоспитализација во Америка. Имав две претходно во Англија.
Продолжувам со записите: „Следното утро отидов до канцеларијата на мојот професор за да го замолам да ми даде уште време за меморандумската задача, и започнав да мрморам неразбирливо како и претходната вечер и најпосле тој ме однесе до собата за итни случаи. Откако пристигнав таму, некој кој ќе го викам само ’докторот‘ и неговиот цел тим на силеџии навалија, ме кренаа во воздух и ме треснаа на еден метален кревет со толкава јачина што видов ѕвезди. Потоа ми ги врзаа нозете и рацете за металниот кревет со дебели кожни ремени. Од мојата уста излезе еден звук кој никогаш го немав слушнато претходно: нешто помеѓу стенкање и врискање, едвај човечко и чист ужас. Потоа звукот се врати пак, излегуваше некаде длабоко од мојот стомак и силно ми го стругаше грлото.“ Овој инцидент резултираше во хоспитализација против моја волја. Една од причините која ја понудија докторите за моето хоспитализирање против моја волја беше дека јас сум „сериозно онеспособена.“ За да го поткрепат ова гледиште, во мојот график запишаа дека сум неспособна да си ја извршувам домашната задача. Се прашував што значи тоа во остатокот од мојот престој во Њу Хевн. (Смеа)
Следната година, поминувам пет месеци во психијатриска болница. Понекогаш, поминував се до 20 часа во механички пранги, рацете врзани, рацете и нозете врзани, рацете и нозете врзани со мрежа цврсто врзана околу моите гради. Никогаш не удрив никого. Никогаш не повредив некого. Никогаш не се заканив директно. Доколку никогаш не сте биле врзани, можеби имате една многу безопасна слика за искуството. Тоа воопшто не е безопасно.
Секоја недела во САД, се проценува дека еден до тројца луѓе умираат во пранги. Тие се дават, ги вдишуваат повраќаниците, се гушат, имаат срцеви удари. Не е јасно дали користењето на механички ограничувања всушност спасува или одзема животи. Додека се подготвував да напишам статија за Правниот весник на Јеил во врска со механичките ограничувања, се консултирав со еден еминентен професор по Право кој воедно беше и психијатар, и рече дека потполно се согласува дека ограничувањата се деградирачки, болни и застрашувачки. Ме погледна на еден познат начин и рече: „Елин, ми се чини дека не разбираш: Овие луѓе се психотични. Тие се поразлични од мене и тебе. Тие не ги доживуваат ограничувањата како нас.“ Немав храброст во тој момент да му кажам не, ние не сме толку различни од него. Не сакаме да нè врзуваат за кревет и да не оставаат да страдаме со часови исто како што и тој не би сакал. Всушност, до многу неодамна, и сигурна сум дека некои луѓе сеуште веруваат во ова гледиште, дека ограничувањата им помагаат на психијатриските пациенти да се чувствуваат безбедно. Никогаш не сум сретнала психијатриски пациент којшто се согласува со ова гледиште. Денес, сакам да кажам дека сум многу ЗА психијатрија, но ПРОТИВ употреба на сила. Сметам дека силата не е ефикасна како третман и мислам дека употребата на сила е нешто ужасно што можете да и го направите на една личност со ужасна болест.
Конечно, дојдов во Лос Анџелес за да предавам на Универзитетот на Јужна Калифорнија на Правниот Факултет Со години ги одбивав лекарствата, правејќи многу, многу обиди да ги избегнам. Чувствував дека ако можам да успеам без лекарства, ќе можам да докажам дека после сè не сум ментално болна, тоа беше катастрофална грешка. Моето мото беше помалку лекови, помалку дефектност. Мојот аналитичар од Л.А., Др. Каплан, ме поттикнуваше едноставно да ги земам лековите и да продолжам со животот, но јас одлучив дека сакам уште еднаш да се обидам да ги оставам. Цитирам од текстот: „Започнав со намалување на лекарствата и за кратко време започнав да ги чувствувам ефектите. Откако се вратив од патување во Оксфорд, одлетав во канцеларијата на Каплан, отидов право во ќошот, клекнав долу, си го покрив лицето и почнав да се тресам. Насекаде околу мене имаше злобни суштества со накострешени боцки. Или ќе ме исечат на мали парчиња или ќе ме натераат да јадам врел јаглен. Каплан подоцна рече дека сум се ’превиткувала од агонија.‘ Дури и во оваа состојба, којашто тој прецизно ја опиша како акутно и напредно психотична, одбив да земам повеќе лекарства. Мисијата сеуште не е завршена.
Веднаш после средбата со Каплан, отидов да се видам со Др.Мардер, експерт за шизофренија којшто беше задолжен за нус појавите од лекарствата. Тој имаше впечаток дека имам блага психотична болест. Еднаш во неговата канцеларија, седнав на неговиот кауч, се свиткав, и почнав да мрморам. ’Експлозии на глави и луѓе се обидуваат да убијат. Ќе биде ли во ред ако ви ја направам лом канцеларијата?‘ ’Треба да си заминеш ако сметаш дека ќе го направиш тоа,‘ рече Мардер. ’Во ред. Малку. Пламен на мраз. Кажи им да не ме убиваат. Кажи им да не ме убиваат. Што сум згрешила? Стотици илјадници со мисли, пресек.‘ ’Елин, дали сметаш дека си опасна за себе или за другите? Мислам дека треба да бидеш во болница. Можам да те испратам веднаш и целата работа може да биде многу дискретна.‘ ’Ха, ха, ха. Ми нудиш да ме ставиш во болници? Болниците се лоши, тие се луди, тие се тажни. Треба да си подалеку од нив. Јас сум Бог, или порано бев.‘“ Во тој дел од текстот, каде реков „Јас сум Бог, или порано бев,“ маж ми додаде една фуснота. Рече, „Даде отказ или те отпуштија?“ (Смеа) „’Давам живот и го одземам истиот. Прости ми, бидејќи не знам што правам.‘
Конечно, потлекнав пред пријателите и сите ме убедија да земам повеќе лекарства. Повеќе не можев да ја негирам вистината и не можев да ја променам. Ѕидот кој што ме дели мене, Елин, професор Сакс, од онаа луда жена хоспитализирана со години во минатото е срушен.“
Оваа болест вели дека јас не треба да бидам овде, но тука сум. Тука сум, мислам, поради три причини: Прво, имав одличен третман. Четири-пет дена неделно имав психоаналитичка психотерапија со децении и континуирана и одлична психофармакологија. Второ, имам многу блиски членови од семејството и пријатели кои ме знаат и ја знаат мојата болест. Овие врски му дадоа смисла на мојот живот и длабочина и тие исто така ми помогнаа да си го насочам животот и покрај симптомите. Трето, работам во едно изразито поддржувачко работно место на USC Правниот Факултет. Ова место не само што ми ги задоволува потребите туку и широко ги прифаќа. Исто така, местото е многу интелектуално стимулирачко и ми го окупира умот со сложени проблеми и ова се покажа дека е најмоќната и најсигурна одбрана против мојата ментална болест.
Дури и со сето ова - одличен третман, прекрасно семејство и пријатели, поддржувачка работна средина - не зборував јавно за мојата болест сè до пред некое извесно време, а тоа е така поради тоа што стигмата против менталните болести е толку моќна што не се чувствував безбедна доколку знаеја луѓето. Доколку не слушнавте ништо друго денес, ве молам слушнете го ова: Не постојат „шизофреничари.“ Постојат луѓе со шизофренија и овие луѓе можат да бидат вашата сопруга, вашето дете, можат да бидат вашиот сосед, вашиот пријател, можат да бидат вашиот соработник.
Дозволете ми да споделам неколку завршни мисли. Треба да инвестираме повеќе средства за истражување и третман на менталните болести. Колку подобро ги разбереме овие болести, толку подобри третмани ќе обезбедиме и колку се подобри третманите коишто ги имаме, толку поголема нега ќе им пружиме на луѓето и нема да мораме да користиме сила. Исто така, мораме да престанеме да ги криминализираме менталните болести. Национална трегедија и скандал е тоа што Окружниот затвор на Л.А. е најголемата психијатриска установа во САД. Американските затвори се полни со луѓе кои страдаат од тешки ментални болести и многу од нив се таму бидејќи никогаш не добиле соодветен третман. Можев лесно и јас самата да завршам таму или на улиците. Една порака до забавната индустрија и до печатот: Во целост, завршивте прекрасна работа борејќи се против стигмата и предрасудите од различни видови. Ве молам, продолжете да ни прикажувате карактери во вашите филмови, претстави, колумни кои страдаат од тешки ментални болести. Претставувајте ги со симпатии и претставувајте ги со сето богатство и длабочина на нивното искуство како луѓе, а не како дијагнози.
Неодамна, еден пријател ми постави прашање: Ако имаше пилула којашто во моментот ќе ме излечи ако ја испијам, дали би ја испила? На поетесата Рајнер Марија Рилке и беше понудена психоанализа. Таа ја одби, велејќи, „Не ми ги одземајте ѓаволите, бидејќи и ангелите може да ми избегаат.“ Мојата психоза, од друга страна пак, е буден кошмар во кој моите ѓаволи се толку страшни што сите мои ангели веќе се побегнати. Па дали би ја зела пилулата? Уште веднаш. Со тоа, не сакам да ме видат како некој кој жали за животот кој сум можела да го имам ако не бев ментално болна, ниту пак барам сожалување од другите. Наместо тоа сакам да кажам дека човечноста што сите ние ја споделуваме е поважна отколку менталната болест која можеби не ја споделуваме. Оние од нас кои страдаат од ментална болест го сакаат истото што и сите други: со зборовите на Зигмунд Фројд, „да работат и да љубат.“
You can share this video by copying this HTML to your clipboard and pasting into your blog or web page. This video will play with subtitles.
You either have JavaScript turned off or have an old version of the Adobe Flash Player. To view this rating widget you
need to get the latest Flash player.
If your browser allows only "trusted sites" to execute Javascript, you should add the "googleapis.com" domain to your whitelist to allow our Flash detection to work properly.
Got an idea, question, or debate inspired by this talk? Start a TED Conversation.
„Ќе биде ли во ред ако ви ја направам лом канцеларијата?“ Ова е прашањето кое Елин Сакс еднаш му го поставила на својот доктор, а тоа не било шега. Правник, во 2007 Сакс излезе со нејзината приказна за шизофренија, болест контролирана со лекови и терапија, но сепак постојано присутна. Во овој моќен говор, таа од нас бара кон луѓето со ментална болест да гледаме јасно, чесно и сочувствително.
Elyn Saks asks bold questions about how society treats people with mental illness. Full bio »
Translated into Macedonian by ALEKSANDAR MITEVSKI
Reviewed by Dimitar Dimitrovski
Comments? Please email the translators above.
22:18 Posted: Oct 2007
Views 522,612 | Comments 198
04:14 Posted: Jun 2011
Views 441,935 | Comments 241
05:51 Posted: Jun 2011
Views 774,425 | Comments 208
Just follow the guidelines outlined under our Creative Commons license.
This comment will be attributed to . Not ? Sign Out.