Јас сум писател. Пишувањето книги е моја професија, но се работи за повеќе од тоа. Тое е воедно и моја голема животна љубов и фасцинација. Не верувам дека тоа некогаш ќе се смени. Но, неодaмна ми се случи нешто прилично невообичаено во мојот живот и кариера што ме натера да го преиспитам мојот однос кон работата. Она што е чудно е што неодамна напишав книга на мемоари наречена „Јади, моли се, сакај“ која убeдливо, за разлика од моите претходни книги, од некоја причина стана позната во светот и стана голема мега-сензација, интернационален бестселер. Како резултат, каде и да одам сега луѓето се однесуваат кон мене како да сум проколната. Навистина - проколната, проколната! Сега ми приоѓаат, целите загрижени и ми велат: „Зарем не ти е страв дека никогаш нема да го надминеш ова?“ „Зарем не ти е страв дека ќе продолжиш да пишуваш целиот свој живот и, никогаш повеќе нема да создадеш книга за која би се заинтересирал некој на светов, никогаш повеќе?“
Е, ова ми влева доверба. Но, може и да биде полошо, освен што сосема случајно се сеќавам дека пред 20 години, кога бев тинејџер и прв пат почнав да им кажувам на луѓето дека сакам да бидам писател, постојано бев пречекувана од истата исплашена реакција. И луѓето ми велеа: „Зарем не ти е страв дека никогаш нема да бидеш успешна?“ „Зарем не ти е страв дека понижувањето од неуспехот ќе те убие?“ „Зарем не ти е страв дека целиот свој живот ќе го работиш овој занает, но ништо нема да излезе од него и ќе умреш врз еден куп скршени соништа, а во твојата уста ќе го чувствуваш горкиот вкус на неуспехот?“ (Смеење) Коментари слични на овој.
Краткиот одговор на сите овие прашања е: „Да“. Да, страв ми е од сите тие нешта. И од секогаш ми било страв. Страв ми е од уште многу други работи кои луѓето никогаш не би ги погодиле. Како морска трева и други страшни нешта. Но, кога се работи за пишувањето, она за што размислувам во последно време и за што се прашувам е „Зошто?“ Дали ова е разумно? Дали е логично да се очекува од кој било да се плаши од работата за кои тие веруваат дека се ставени на Земјата да ја работат? И што е она кај креативните професии што не прави навистина нервозни за нашето ментално здравје на начин кој не е случај и со другите кариери? На пример, татко ми беше хемиски инженер и не се сеќавам ниту еднаш во 40 години работен стаж некој да го праша дали се плаши да биде хемиски инженер. „Имаш блокада за хемиски инженеринг Џон?“ Тоа воопшто не се случи. Но, искрено, хемиските инженери како група низ вековите, се немаат здобиено со репутација на манично-депресивни алкохоличари. (Смеење)
Нас, писателите, не бие таков глас и не само писателите, туку сите креативни луѓе изгледа дека имаат репутација на ментално нестабилни личности. Треба само да се присетите на мрачната бројка на смртни случаи во 20-тиот век на навистина неверојатни креативни умови кои умреле млади и многу често од својата рака. Па, дури и оние кои буквално не извршиле самоубиство, изгледаат како да се обременети со својата дарба. Пред да почине Норман Милер, во своето последно интервју вели: „Секоја од моите книги убиваше мал дел од мене.“ Неверојатна изјава за своето животно дело. Но, ние не ни трепнуваме кога ќе слушнеме некој како го вели ова бидејќи такви работи слушаме веќе толку долго време и некако, како колектив целосно сме го прифатиле мислењето дека креативноста и страдањето се поврзани и дека уметноста на крајот секогаш води кон патење.
Она што сакам да ги прашам сите тука денес е: „Дали сте сите задоволни со тој став?“ Се чувствувате ли удобно? Бидејќи, доколку само малку размислиме, јас не се чувствувам пријатно со таа претпоставка. Мислам дека е одвратна. Но, мислам и дека е опасна, и не сакам да ја видам како се протега и во наредниот век. Мислам дека е подобро да ги охрабруваме нашите големи и креативни умови да живеат.
А, во мојот случај, сигурна сум дека би било опасно за мене доколку почнам да одам по тој темен пат на претпоставки, особено кога ќе ги земам во предвид условите во кои се наоѓа мојата кариера во моментов. Работата е што прилично сум млада, имам само 40 години. Во мене се уште има уште четири децении работа. Но, многу е веројатно дека се што ќе напишам од овој момент натаму ќе биде оценувано од страна на светот како она што дошло по неверојатниот успех на мојата последна книга. Ќе бидам искрена, бидејќи тука сите сме пријатели, многу е веројатно дека мојот најголем успех е веќе зад мене. Ох, боже, каква помисла! Токму ваквите мисли ќе го натераат човека да почне да пие џин во 9 часот наутро, а јас не сакам да го правам тоа. (Смеење) Повеќе сакам да продолжам да го работам она што го сакам.
И, така дојдовме до прашањето: „Како?“ После долго размислување, ми изгледа дека за да продолжам да пишувам, треба да создадам некој вид на заштитна психолошка креација. Треба да најдам начин да создадам безбедно растојание помеѓу мене додека пишувам и мојата природна нетрпеливост кон тоа каква ќе биде реакцијата кон напишаното во иднина. Последнава година, додека барав пример како да го направам тоа, барав пример низ вековите и се обидував да најдам други општества за да видам дали можеби тие имале подобра и понормална идеја отколку нас за тоа како да им помогнат на креативните луѓе да се справат со наследниот емоционален ризик од креативноста.
Таа потрага ме доведе до Античка Грција и Стар Рим. Следете ме, бидејќи ќе завртиме еден круг. Но, во Античка Грција и во Стар Рим луѓето не верувале дека креативноста во тоа време доаѓала од луѓето. Луѓето верувале дека креативноста е некој божествен дух кој им доаѓал на луѓето од некој далечен и непознат извор, заради далечни и непознати причини. Грците ги нарекувале овие божествени духови на креативноста „демони“. Сократ верувал дека тој имал „демон“ кој од далеку му ја кажувал мудроста. Римјаните ја имале истата идеја, но тие тој бестелесен креативен дух го нарекувале „гениј“ Ова е прекрасно бидејќи римјаните не верувале дека еден гениј е особено паметна личност. Тие верувале дека генијот е магично, боженствено суштество за кое се верувало дека буквално живее во ѕидовите на уметничките студија, нешто како Доби куќното џуџе, и кое излегува и незабележливо му помага на уметникот со неговата работа давајќи го крајниот резултат.
Одлично! Ете ја далечината за која зборувам таа психолошка креација која ве заштитува од резултатот од вашата работа. И сите знаеле дека ова е начинот на кој работите функционираат. Античкиот уметник бил заштитен од одредени нешта, како на пример, премногу нарцисоидност. Доколку вашата работа е совршена вие не можете да ја понесете целата слава. Сите знаат дека сте имале бестелесен гениј кој ви помагал. Доколку вашата работа пропаднала, вината не е само ваша. Сите знаат дека сте имале лош гениј. Ова е начинот на кој долго време луѓето од Западот размислувале за креативноста.
Потоа се случила Ренесансата и се се сменило, и ни дојде една голема идеја, а таа идеја дозволува човекот да се постави во центарот на универзумот над сите богови и мистерии, и повеќе нема простор за мистични суштества кои ни диктираат од божественото. Со почетокот на рационалниот хуманизам луѓето почнале да веруваат дека креативноста целосно потекнува од внатрешноста на индвидуата. И за прв пат во историјата ги слушате луѓето како зборуваат за некој уметник како да е гениј, а не дека има гениј.
Мора да ви кажам дека, ова била огромна грешка. Мислам дека да му дозволите на некого, на една обична личност, да верува дека таа е инструментот, основата и изворот на сета божествена, креативна, непозната и вечна мистерија е само малку поголема одговорност која ја ставате врз кревката човечка психа. Тоа е исто како да побарате од некого да го проголта сонцето. Тоа целосно го изобличува егото и создава неверојатни очекувања кон достигнувањата. Мислам дека овој притисок ги убива уметниците во последните 500 години.
Доколку ова е точно, а јас мислам дека е, прашањето е: „Што сега?“ Можеме ли ова да го направиме поинаку? Можеби да се вратиме кон некои подревни разбирања за односот помеѓу луѓето и креативната мистерија. Можеби не можеме. Можеби не можеме да избришеме 500 години рационална мисла за само еден говор од 18 минути. Најверојатно има луѓе и во оваа публика кои би поставиле научно разумни сомнежи за постоењето на самовили кои ги следат луѓето и ги прскаат со самовилски прашок нивните дела. Не очекувам дека ќе се согласите со мене за ова.
Но, прашањето кое сакам да го наметнам е: „Зошто да не?“ Зошто да не размислуваме на ваков начин? Ова е подеднакво разумно како и се што сум слушнала до сега како обид за објаснување на лудата каприциозност на креативниот процес. Тоа е процес кој, секој оној кој се обидел да создаде нешто, во овој случај сите присутни, знае дека не секогаш е рационален. Всушност, некогаш може да биде потполно паранормален.
Неодамна имав средба на која ја запознав неверојатната американска поетеса Рут Стоун, која сега е во своите 90-ти, но е поетеса целиот свој живот. Таа ми кажа дека додека растела во Вирџинија и работела на полињата ја чувствувала и слушала песната како доаѓа кон неа од далечината. Таа вели дека се слушало како громогласен воздушен воз. Доаѓало кон неа тркалајќи се низ полињата и таа можела да го почувствува бидејќи земјата под нејзините нозе се тресела. Знаела дека во тој момент треба да направи само едно нешто а според неа тоа е „да трча како луда“. И трчала како луда кон куќата додека песната ја брка и целта била таа да стаса до парче хартија и молив доволно брзо за да во моментот кога ќе помине низ неа таа да може да ја фати и запише на листот хартија. Понекогаш не била доволно брза така што трчала и трчала, но не успевала да стигне до куќата и песната би поминала низ неа, а таа ќе ја пропушти. Таа велеше дека песната продолжувала да се движи низ полињата барајќи, како што велеше таа „некој друг поет“. Но, имало и моменти кога, овој дел никогаш не го заборавив, таа велеше дека имало моменти кога за малку ќе и избегала. Таа трча кон куќата и бара парче хартија кога песната поминува низ неа, а таа го зграпчува моливот во моментот кога песната поминува низ неа и тогаш ја испружала другата рака и успевала да ја фати песната. Ја фаќала песната за опаш и ја влечела наназад, внатре во своето тело за цело време шкртајќи по хартијата. Во овие моменти песната се појавувала на хартијата совршена и недопрена, но наопаку, од последниот до првиот збор. (Смеење)
Кога го слушнав ова си реков: „Ова е неверојатно! Мојот креативен процес е подеднакво ист.“ (Смеење)
Мојот креативен процес воопшто не е таков. Јас не сум каналот! Јас сум магарето и начинот на кој сакам да работам е да станувам секој ден во исто време и да се препотувам и да работам и да поминувам низ процесот на чуден начин. Но, дури и во мојата напорна работа и јас некогаш се имам допрено до таа појава. Верувам дека и голем дел од вас го направиле тоа. Дури и во мене се родиле идеи дојдени од извор кој не можам да го посочам. А, што е тоа нешто? Како да се поистоветиме со него на начин кој нема да ни го одземе умот туку, може да не одржи здрави?
Најдобар современ начин за како јас да го направам тоа е музичарот Том Вајтс кого го интервјуирав пред неколку години за напис во списание. Зборувавме за ова а знаете дека поголемиот дел од својот живот Том е олицетворение на измачуваниот современ модерен уметник кој се обидува да ги контролира и доминира овие креативни импулси кои не се контролираат кои се внатре во нас.
Но, како што стареел почнал да се смирува и еден ден додека возел по автопатот во Лос Анџелес се случила пресвртница за него. Тој возел брзо и одеднаш слушнал мал дел од некоја мелодија која доаѓаа во неговата глава недостижно и нејасно, како што тоа најчесто го прави инспирацијата и тој сака да ја има, прекрасна е, тој копнее по неа, но нема како да ја добие. Нема парче хартија ниту молив, нема ниту на што да ја сними.
Почнува да ја чувствува старата нетрпеливоста како расте во него и си мисли: „Ќе ја изгубам песната“ а потоа ќе бидам прогонуван од неа засекогаш. Не сум доволно добар и не можам да го направам ова“. И наместо да паничи, тој едноставно застанал. Го прекинал тој ментален процес и направил нешто сосема ново. Погледнал кон небото и рекол: „Извини, зарем не гледаш дека возам?“ (Смеење) „Ти личи ли дека во моментов можам да запишам некоја песна?“ „Доколку сакаш да постоиш врати се во подобро време кога ќе можам да се погрижам за тебе. Во спротивно, денес оди и пречи му на некој друг. Оди и пречи му на Леонард Коен.“
После ова целиот негов работен процес се сменил. Не работата, таа се уште била подеднакво мрачна. Туку процесот и тешката нетрпеливост која го обвивала била ослободена во моментот кога го извлекол генијот од него каде предизвикувал само неволји, и го испуштил онаму од каде што дошол и сфатил дека оваа не мора да биде интимно и измачувачко нешто туку дека може да биде невообичаена, прекрасна и бизарна соработка еден вид на разговор помеѓу Том и чудната појава која не е баш Том.
Откако ја слушнав оваа приказна почна да се менува начинот на кој работев, а веќе еднаш и ме има спасено. Оваа идеја ме спаси додека бев среде пишувањето на „Јади, моли се, сакај“ и паднав во една од оние јами од очај во кои сите ние паѓаме кога работиме на нешто што оди тешко и ќе поченеме да си мислиме дека ќе биде катастрофа, ова ќе биде најлошата книга напишана до сега. Не само лоша, туку и најлошата книга напишана воопшто. Почнав да си мислам дека треба да се откажам. Но, тогаш се сетив на Том како зборува со празниот воздух и се обидов и јас. Ја кренав главата од ракописот и своите коментари ги упатив кон празниот агол на собата. Гласно реков: „Слушни ме. и двајцата знаеме дека доколку оваа книга не е совршена нема да биде сосема по моја вина, нели? Можеш да видиш дека давам се од себе, немам што повеќе да дадам. Па, доколку сакаш да биде подобро мора да го исполниш својот дел од договорот. Но, доколку него направиш тоа можеш да одиш по ѓаволите. Јас ќе продолжам да пишувам бидејќи тоа ми е работа. И би сакала да се забележи дека денеска јас се појавив на моето работно место.“ (Смеење)
Бидејќи... (Аплауз) на крајот работите стојат вака: пред многу векови во пустините на северна Африка луѓето се собирале на танцови под месечината исполнети со духовен танц и музика кои траеле се часови, се до изгрејсонце. Тие биле прекрасни бидејќи оние кои танцувале биле професионалци и биле неверојатно добри. Но од време на време, многу ретко, нешто се случувало и еден од изведувачите влегувал во транс. Знам дека знаете за што зборувам бидејќи знам дека сите некогаш сте го виделе ваква изведба. Изгледа како времето да запрело, а играчот стапнува низ некаков портал и не прави ништо поразлично од она што го правел 1000 ноќи претходно, но се се поклопува. И одеднаш тој не изгледа дека е само обичен човек. Тој е огреан од внатре и одоздола и целиот е облеан со божественост.
А, кога ова се случувало во тоа време, луѓето знаеле што е тоа, го нарекувале по своето име. Се фаќале за раце и почнувале да викаат: „Алах, Алах, Господ, Господ.“ Тоа е Господ. Една интересна историска забелешка. Кога Маврите го нападнале југот на Шпанија, со себе го земале овој обичај и со текот на вековите изговорот се сменил од „Алах, Алах“ во „Оле, оле“ кое се уште се слуша во коридите и при играње фламинго. Во Шпанија, кога некој уметник ќе направи нешто невозможно и магично, „Алах, оле, оле, прекрасно, браво.“ неверојатно, но еве еден мал дел од Господ. Што е добро, бидејќи тоа ни е потребно.
Но, наредното утро следува чудниот дел за самиот танчер, кога ќе се разбуди и ќе открие дека е вторник во 11 часот наутро, а тој повеќе не е дел од Господ. Тој е само смртник со болежливи колена, и можеби никогаш нема да се искачи на тие височини. И можеби никој повеќе нема да го извикува името господово додека тој се врти и што треба сега тој да прави со остатокот од својот живот? Ова е тешко. Ова е едно од најболните согледувања во креативниот живот. Но, можеби не мора да биде толку полно со страдање доколку од самиот почеток не ни верувате дека најневеројатниот дел од вас доаѓа од вас самите. Доколку верувате дека ви се само позајмени од некој незамислив извор за еден мал дел од вашиот живот за да ги предадете на некој друг кога вие ќе завршите. Доколку размислуваме на ваков начин, работите почнуваат да се менуваат.
Јас почнав да размислувам вака и вака размислувам во последниве неколку месеци додека работам на книга која наскоро ќе биде објавена како опасно, страшната и предолго очекуваната следбеничка на мојот чудесен успех.
А, она што треба да си го повторувам на себе си кога ќе почнам да паничам, е дека не треба да се плашам. Не се обесхрабрувај. Само врши си ја својата работа. Продолжи да се појавуваш за твојот дел без оглед за што се работи. Доколку твојата работа е да танцуваш, тогаш танцувај. Доколку божествениот гениј доделен на твојот случај барем само за момент реши да покаже мал призрак од чудесиите преку твоите напори, тогаш „Оле!“ А, доколку тоа не се случи, сепак танцувај. И „Оле!“ и покрај се. Јас верувам во ова и мислам дека мора да го пренесеме. „Оле!“ и покрај се. само затоа што поседувате проста човечка љубов и тврдоглавост да продолжите да се појавувате.
You can share this video by copying this HTML to your clipboard and pasting into your blog or web page. This video will play with subtitles.
You either have JavaScript turned off or have an old version of the Adobe Flash Player. To view this rating widget you
need to get the latest Flash player.
If your browser allows only "trusted sites" to execute Javascript, you should add the "googleapis.com" domain to your whitelist to allow our Flash detection to work properly.
Got an idea, question, or debate inspired by this talk? Start a TED Conversation.
Елизабет Гилберт зборува за невозможните работи кои ги очекуваме од уметниците и генијалците - и ја споделува својата радикална идеја, наместо реткоста да се „биде“ генијалец, е дека сите ние „поседуваме“ генијалност. Ова а забавен, личен и зачудувачки трогателен говор.
The author of 'Eat, Pray, Love,' Elizabeth Gilbert has thought long and hard about some large topics. Her latest fascination: genius, and how we ruin it. Full bio »
Translated into Macedonian by Irena Dijanisieva
Reviewed by Marko Marcevski
Comments? Please email the translators above.
22:52 Posted: Apr 2008
Views 969,224 | Comments 117
19:24 Posted: Jun 2006
Views 16,575,890 | Comments 3006
09:26 Posted: Jun 2011
Views 871,457 | Comments 2392
Just follow the guidelines outlined under our Creative Commons license.
This comment will be attributed to . Not ? Sign Out.