Во 17-от век, една жена по име Џулијана Тофана имала многу успешен бизнис со парфеми. Го водела повеќе од 50 години. Завршило некако ненадејно кога била погубена -- (Смеа) -- бидејќи убила 600 мажи. Гледате, парфемот не бил многу добар. Всушност, бил потполно безмирисен, безбоен и без вкус, но како отров, бил најдоброто што можело да се купи, па така жените се дружеле со неа за да ги убијат своите мажи.
Се испоставува дека трујачите биле ценета, но и застрашувачка група, бидејќи е прилично тешко да отруете едно човечко суштество. Причината за тоа лежи во фактот што ние имаме вграден детектор за отрови. Ова може да го видите дури кај новороденчињата. Ако сакате да го направите тоа, може да земете неколку капки од некоја горчлива или кисела супстанца, и ќе го видите ова лице, испружениот јазик, збрчканиот нос, како да се обидуваат да се ослободат од она што е во нивната уста. Кога ќе станеме возрасни оваа реакција наречена одвратност добива нови димензии, а реакцијата повеќе не се однесува само на тоа дали ќе бидеме отруени, туку и на тоа дали постои закана од физичка контаминација од некаков извор. Но неверојатно е тоа што лицето останува слично. Реакцијата добива пошироки димензии и не само што нè штити од физички загадувачи, туку постојат сè повеќе докази кои говорат дека, всушност, оваа емоција наречена одвратност, влијае врз нашите морални верувања и дури врз нашите длабоки политички убедувања.
Зошто е ова вака? Овој процес можеме да го разбереме преку минимално разбирање на емоциите генерално. Значи основните човечки емоции, оние емоции кои ги споделуваме со останатите човечки битија, постојат бидејќи нè мотивираат да правиме добри работи и не ни дозволуваат да правиме лоши работи. Па така, генерално, тие се добри за нашето преживување. Земете ја емоцијата страв на пример. Не ни дозволува да правиме нешта кои се навистина, навистина ризични. Оваа фотографија направена пред неговата смрт - (Смеа) - всушност е... - Не, една причина поради која е интересна оваа фотографија е бидејќи повеќето луѓе не би го направиле ова, а ако го направат, не би биле живи за да раскажуваат, бидејќи стравот веднаш би се активирал кога ќе видат предатор. Исто како што стравот нè заштитува, така и одвратноста се чини дека ја врши истата функција, со тоа што одвратноста нè заштитува, не од нештата што би можеле да нè изедат или од височините, туку од нештата кои би можеле да нè отрујат, или кои би можеле ни пренесат болест и да нè разболат. Една од карактеристиките на одвратноста којашто ја прави интересна емоција е леснотијата со која можеме да ја предизвикаме, всушност многу полесно за разлика од другите основни емоции и затоа ќе ви покажам дека преку неколку слики веројатно ќе ви предизвикам одвратност. Свртете се на другата страна. Ќе ви кажам кога да погледнете. (Смеа)
Мислам, го гледате секој ден, така? Ама ајде. (Смеа)
Добро, свртете се, ако не гледавте.
Овие слики веројатно кај многу од вас во публиката предизвикаа голема згрозеност, но ако не гледавте, ќе ви кажам за другите нешта коишто им беа прикажани на луѓето низ светот со цел да се предизвика гадење кај нив, работи како измет, урина, скапано месо. Логично е да стоиме настрана од овие нешта, бидејќи во спротивно тие би можеле да нè заразат. Всушност, самиот болен изглед или чудните сексуални акти, се исто така нешта кои ни предизвикуваат голема одвратност.
Дарвин веројатно бил еден од првите научници кој систематски ги проучувал човечките емоции, и тој посочил на универзалната природа, јачината и важноста на одвратноста. Ова е една анегдота од неговите патувања во Јужна Америка.
„Во Огнената земја еден домородец со неговите прсти ми го допре месото додека јадев...... и покажа мала згрозеност, додека пак јас почувствував апсолутно гадење поради тоа што храната ми ја допре еден гол дивјак - (Смеа) - иако неговите раце не изгледаа валкани.“ Тој подоцна напишал, „Во ред е, некои од моите најдобри пријатели се голи дивјаци.“ (Смеа)
Излезе дека оваа осетливост не е карактеристична само за старомодните британски научници. Неодамна имав прилика да зборувам со Ричард Докинс за еден документарец и имав можност да му предизвикам гадење повеќепати. Ова ми е омиленото.
Ричард Докинс: „При нашата еволуција во прв план биле додворувањето и сексот, кои се поврзани со длабоко всадени емоции и реакции кои е тешко да се искоренат преку ноќ.“
Дејвид Пизаро: Она што ми се допаѓа кај ова видео е тоа што на професорот Докинс всушност му се згади. Се тргаше назад и му се гадеше, моравме да го повториме три пати и сите три пати му се згади. (Смеа) Навистина му се згади. Си помислив дека ќе поврати врз мене.
Една од карактеристиките на одвратноста, сепак, не е само нејзината универзалност и јачина, туку и фактот што функционира преку асоцирање. Така, кога едно одвратно нешто ќе допре нешто чисто, токму тоа чисто нешто ни станува одвратно, а не обратно. Поради тоа, асоцирањето е многу корисна стратегија доколку сакате да убедите некого дека некој предмет, личност или пак цела социјална група е одвратна и треба да биде избегнувана. Токму ова филозофот Марта Назбаум го истакнува во следниов цитат: "И така низ историјата, одредени одвратни особини -- лигавоста, лошиот мирис, лепливоста, трулоста, мрснотијата -- постојано и непрестано биле поврзувани со..... Евреите, жените, хомосексуалците, недопирливите, луѓето од ниската класа -- сите тие биле претставувани како да се извалкани од нечистотиите на телото." Дозволете да ви покажам неколку моќни примери за начинот на кој е користено ова во текот на историјата. Ова доаѓа од една Нацистичка читанка за деца објавена во 1938: "Погледнете ги овие луѓе! Вошливите бради, гнасните, испакнати уши, мрсната облека... Евреите честопати имаат непријатен мирис на пот. Доколку имате добар нос, би можеле да ги намирисате Евреите." Помодерен пример доаѓа од луѓето кои се обидуваат да нè убедат дека хомосексуалноста е неморална. Ова доаѓа од еден анти-геј вебсајт, каде што велат дека гејовите "заслужуваат смрт поради нивните одвратни сексуални дејанија." Тие се како "кучињата кои си ги јадат своите повраќаници и маториците кои се валкаат во својот измет." Ова се одвратни особини кои тие се обидуваат директно да ги поврзат со социјалната група што не треба да ја сакате.
Кога за првпат ја истражувавме улогата на одвратноста кај моралното расудување, една од работите за која се заинтересиравме беше дали ваквиот вид инсинуации подобро поминуваат кај индивидуите кои полесно се згрозуваат. Иако одвратноста, заедно со другите основни емоции, се универзални феномени, сепак некои луѓе полесно се згрозуваат за разлика од други. Ова веројатно го видовте кај присутните во оваа публика, кога ви ги покажав одвратните слики. Овој феномен го меревме со помош на една скала која беше конструирана од едни други психолози и која едноставно низ различни ситуации ги прашува луѓето колкава е веројатноста дека би им се згадило. Еве неколку примери. "И да сум гладен, јас не би ја изел мојата омилена супа доколку била промешана со користена, но темелно измиена тепалка за муви." "Дали се согласувате или не се согласувате?" (Смеа) "Додека поминувате низ тунелот под пругата, насетувате урина. Дали многу ќе ви се згади или воопшто нема ви се згади?" Доколку ви одговорат на повеќе од овие, ќе добиете вкупен глобален скор кој говори за склоноста кон згрозување. Се покажа дека овој скор всушност има значење. Кога ќе доведете луѓе во лабораторијата и ги прашате дали би сакале да учествуваат во безбедни, но одвратни активности како јадење колач кој е испечен да изгледа како кучешко лајно, или во овој случај да јадат ларви кои се потполно здрави, но прилично одвратни, вашиот скор од оваа скала всушност предвидува дали ќе сакате да учествувате во овие активности.
Првиот пат кога се решивме да прибереме податоци за ова и да ги поврземе со политичките или морални верувања, пронајдовме еден генерален образец -- ова е со психолозите Јоел Инбар и Пол Блум -- всушност, во три студии постојано доаѓавме до тоа дека луѓето кои изјавуваат оти лесно се згрозуваат исто така изјавуваа дека се политички поконзервативни. Или поинаку, луѓето кои се многу либерални е многу тешко да им предизвикате гадење. (Смеа)
Во една понеодамнешна студија, имавме можност да испитаме многу поголем примерок, многу поголем. Во овој случај, имавме близу 30,000 Американци, и дојдовме до истиот образец. Како што може да видите, луѓето кои се наоѓаат на многу конзервативната страна според одговорите на скалата за политичка ориентација исто така поверојатно е да кажат дека лесно се згрозуваат. Овие податоци исто така ни дозволија статистички да ги контролираме оние работи за кои знаевме дека се поврзани и со политичката ориентација и со склоноста кон згрозување. Можевме да ги контролираме полот, возраста, приходот, образованието, дури и некои основни личносни варијабли, а резултатите си останаа исти.
Кога ја набљудувавме политичката ориентација не само преку изјавите за истата, туку и преку фактичкото гласање, бевме во можност да направиме географска анализа. Увидовме дека во регионите во кои луѓето изјавија дека се многу склони кон згрозување, всушност, МекКејн доби повеќе гласови. Значи не само што го предвиде политичкото себе-декларирање, туку и фактичкото гласање. Исто така бевме во можност, со овој примерок, да направиме светска анализа, во 121 земја ги поставивме истите прашања, и како што може да видите, ова се 121 земја сведени на 10 различни географски региони. Каде и да погледневме, овде графички е претставена големината на поврзаноста помеѓу склоноста кон згрозување и политичката ориентација, и каде и да погледневме, доаѓавме до многу слични ефекти. И други лаборатории го испитувале ова, притоа користејќи поинакви мерки за склоноста кон згрозување, па наместо да ги прашуваат луѓето колку лесно се згрозуваат, тие ги приклучуваат за физиолошки мерни инструменти, во овој случај спроводливоста на кожата. И тие покажаа дека луѓето кои себеси се декларираат како политички поконзервативни истовремено доживуваат поголема физиолошка возбуденост кога ќе им бидат покажани одвратни слики, како оние пред малку. Интересно, во еден наод до којшто и ние постојано доаѓавме во претходните истражувања, тие демонстрираа дека едно од најсилните влијанија овде се однесува на фактот што индивидуите кои имаат многу голема склоност кон згрозување не само што себеси се декларираат како политички конзервативни, туку тие многу повеќе се противат на геј браковите и хомосексуалноста и се против речиси сите социо-морални прашања во сферата на сексуалноста. Значи во оваа студија, физиолошката возбуденост ги предвиде ставовите во однос на геј бракот.
Но дури и со сите овие податоци кои ги поврзуваат склоноста кон згрозување и политичката ориентација, сепак останува едно прашање, во која насока е каузалноста? Дали навистина одвратноста влијае врз политичките и морални верувања? За да одговориме на ова мораме да користиме експериментални методи, па така можеме да ги донесеме луѓето во лабораторијата и да ги згрозиме, а потоа ќе ги споредиме со контролна група која не била згрозена. Излезе дека изминативе пет години повеќе истражувачи го направиле токму ова, и во глобала сите резултати се исти, се покажа дека кога луѓето чувствуваат одвратност, нивните ставови се поместуваат кон десниот крај од политичкиот спектрум, т.е. стануваат морално конзервативни. Без оглед дали користите гаден мирис, лош вкус, видео клипови, пост-хипнотски сугестии за одвратност, слики какви што ви покажав, дури и само ако ги потсетите луѓето дека е присутна болест и дека затоа треба да бидат внимателни и да се измијат, да бидат чисти, сите овие имаат слични ефекти врз расудувањето.
Ќе ви покажам еден пример од една неодамнешна студија што ја спроведовме. Од учесниците баравме едноставно да ни дадат мислење за повеќе различни социјални групи, во услови кога собата мирисаше одвратно и во нормални услови. Кога собата мирисаше одвратно, увидовме дека индивидуите имаа понегативни ставови кон геј мажите. Одвратноста немаше влијание врз ставовите кон другите социјални групи за кои прашавме, вклучувајќи ги Афро-Американците, постарите. Сè се сведуваше на ставовите кои тие ги имаа кон геј мажите. Во едни други истражувања едноставно ги потсетивме луѓето -- ова беше во времето кога свинскиот грип беше актуелен -- ги потсетивме луѓето дека за да го спречат ширењето на грипот, ќе треба да си ги мијат рацете. Од некои испитаници, побаравме да пополнат прашалник веднаш до знак којшто ги потсетуваше да си ги измијат рацете. И увидовме дека самото пополнување на прашалник веднаш до овој потсетник за миење на раце, придонесе индивидуите да се декларираат како политички поконзервативни. И кога ги прашавме за повеќе прашања кои се однесуваа на исправноста на одредени однесувања, исто така увидовме дека едноставното потсетување дека треба да си ги измијат рацете ги направи морално поконзервативни. Особено, кога им поставивме прашања за едни сексуални активности кои беа безопасни, но сепак табуа, едноставното потсетување дека треба да си ги измијат рацете придонесе да мислат дека направиле грев. Ќе ви дадам еден пример за безопасна, но сепак сексуална активност која е табу. Им дадовме сценарија. Едно од нив вели дека еден маж ја чува куќата на неговата баба. Кога баба му е излезена, тој има секс со неговата девојка на креветот на неговата баба. Во едно друго, рековме, една жена ужива да мастурбира гушната со нејзиното омилено мече. (Смеа) Луѓето сметаат дека ова е морално одвратно доколку претходно ги потсетите да си ги измијат рацете. (Смеа) (Смеа)
Во ред. Фактот дека емоциите влијаат врз нашето расудување не треба да нè изненадува. Мислам, на тој начин функционираат емоциите. Тие не само што ве мотивираат да се однесувате на одреден начин, туку и го менуваат начинот на кој размислувате. Кога станува збор за одвратноста, она што изненадува е опсегот на ова влијание. Сосема е очекувано, и многу е добро што ја имаме оваа емоција, дека одвратноста ќе ме натера да го променам начинот на кој го восприемам физичкиот свет секогаш кога има можност од заразување. Но не е логично тоа што емоција која настанала за да ме спречи да не се отрујам, истовремено и точно предвидува за кого ќе гласам на следните претседателски избори.
Прашањето за тоа дали одвратноста нужно влијае врз нашите морални и политички расудувања сигурно е сложено, и можеби зависи од тоа за кои расудувања поточно зборуваме, а како научници мораме да заклучиме дека понекогаш научниот метод едноставно не е соодветен за да одговори на ваквите прашања. Но за една работа сум прилично убеден, а тоа е дека со ова истражување барем ќе можеме да ги пронајдеме вистинските прашања. Ви благодарам. (Аплауз)
You can share this video by copying this HTML to your clipboard and pasting into your blog or web page. This video will play with subtitles.
You either have JavaScript turned off or have an old version of the Adobe Flash Player. To view this rating widget you
need to get the latest Flash player.
If your browser allows only "trusted sites" to execute Javascript, you should add the "googleapis.com" domain to your whitelist to allow our Flash detection to work properly.
Got an idea, question, or debate inspired by this talk? Start a TED Conversation.
Каква врска има одвратната слика со начинот на кој гласате? Поткрепен со анкети и експерименти, психологот Дејвид Пизаро ни ја демонстрира поврзаноста помеѓу осетливоста на одвратни работи -- фотографија со измет, непријатен мирис -- и моралниот и политички конзервативизам. (Снимено на TEDxEast.)
David Pizarro is a psychologist interested in how certain emotions (disgust, fear, anger) affect our moral judgment. Full bio »
Translated into Macedonian by ALEKSANDAR MITEVSKI
Reviewed by Charlie Psy
Comments? Please email the translators above.
17:26 Posted: May 2009
Views 2,172,000 | Comments 224
16:23 Posted: Mar 2009
Views 1,247,100 | Comments 222
18:42 Posted: Sep 2008
Views 1,578,482 | Comments 595
Just follow the guidelines outlined under our Creative Commons license.
This comment will be attributed to . Not ? Sign Out.