Побарав слајдови... и не попуштав сè до последните неколку дена, но не ми беше одобрен пристап до проектор на слајдови. (смеа) За мене тие се многу поемотивни... (смеа) и поинтимни. Убавата работа кај проекторот на слајдови е што можете да ја фокусирате работата, за разлика од PowerPoint и некои други програми. Се согласувам дека... има одредени отстапки. На пример, ако користите проектор, тогаш слајдовите не може да ви се појавуваат од позадина, од страните, одозгора или одоздола. Но, можеби тоа е фер размена... да го добиете тоа во замена за фокусот. (смеа) Така барем јас мислам. А, има нешто убаво и во тоа кога ќе се заглави слајдот. Понекогаш, дури и се надевате дека некој од нив ќе изгори, од време на време. Но, тоа нема да го видиме вечерва.
Ајде, одиме со првиот слајд. Како што многумина од вас веќе погодија, ова е... една штотуку испразнета лименка од пиво во Португалија. (смеа) Штотуку бев пристигнал во Барселона, за прв пат, и си помислив... после цела ноќ помината во авион, погледнав нагоре и си помислив „Види, колку едноставно“. Пристигнувате на огромен аеродром, а тие имаат само едно Б. Колку е тоа прекрасно? Сите нешта имаат поедноставен дизајн. Го имате овој мега-аеродром... Веднаш го сликав. Си помислив: „Боже, ова е најлудото нешто што сум го видел на еден аеродром“. Сè додека, по неколку месеци, повторно се вратив на истиот аеродром, дури мислам дека беше и истиот авион, и кога погледнав пишуваше Ц. (смеа) Дури тогаш сфатив дека се работи за ознаката на терминалот на кој пристигнував. (смеа)
Јас сум голем верник во емоциите на дизајнот и пораката која се пренесува уште пред некој да почне да чита, уште пред да ја примат целата информација, и емоционалната реакција која ја имаат кон производот, кон приказната, кон сликата... што и да е. Таа област од дизајнот најмногу ме интересира. И, според мене, ова е една многу јасна и многу поедноставена претстава на она за што зборувам. Ова се две врати од гаража, кои се офарбани идентично и се наоѓаат една до друга. Ева ја првата врата. Пораката е јасна. Прилично е јасно. Погледнете ја втората врата и видете дали пораката е различна. Пред која врата би паркирале вие? (смеа) Иста боја, иста порака, исти зборови. Се разликува само начинот на изразување кој сопственикот го применил. Значи? Кој од нив двајцата е психопатски убиец? (смеа) Тоа не го пишува на вратата. Не ни мора да го пишува. Јас, сепак, би паркирал пред другата врата.
Сигурен сум дека многумина од вас се свесни дека графичкиот дизајн станува сè поедноставен во последните пет години. Толку е поедноставен што веќе почнува да се врти во круг и да станува поекспресивен. Бев во Милано кога го видов овој уличен знак и баш се израдував кога видов дека овој минимализам очигледно се пренел и на графитите. (смеа) Овој графити уметник дошол, само малку го подобрил знакот и си продолжил. (смеа) Не го пренатрупал како што тоа обично го прават. (смеа)
Ова е за една книга од Метрополис, за која направив неколку фотографии. Ова е еден билборд во Флорида. Или не го платиле закупот или не сакале да го продолжат закупот, а луѓето од агенцијата биле премногу мрзливи за да го отстранат целиот знак, па отстраниле само еден дел од него. Мислам дека вака има поголем ефект од оригиналниот билборд во однос на тоа да ви го привлече вниманието и да ве натера да погледнете во тој правец. Само се надевам дека нема да застанете и да го купите тој ужасен производ...
Ова е од мојата втора книга. Првата книга се вика „Крајот на печатењето“, а со неа беше снимен и филм, на кој работев заедно со Вилијам Буроуз. Сега се печати петтото издание на „Крајот на печатењето“. (смеа) Кога прв пат го контактирав Буроуз за да учествува во снимањето, тој ме одби и ми рече дека не верува дека на печатењето ќе му дојде крај. Јас реков: „Во ред е тоа, само сакам да работиш со мене на филмот и книгата“, и тој најпосле се согласи. На крајот на филмот, со оној прекрасен глас, кој не можам да го имитирам, но сепак ќе се обидам... тој вели: „Еднаш бев на изложба која се викаше ,Фотографија: Крајот на сликањето‘, а, се разбира, тоа воопшто не беше така.“ Очигледно кога фотографирањето било усовршено, некои луѓе велеле: „Ете, толку. Го уништивте сликањето. Луѓето сега само ќе прават фотографии.“ Но, секако, тоа не се случи.
Значи, ова е од „Вториот поглед“, книга која ја напишав на тема интуиција. Мислам дека тоа не е единственото нешто во дизајнот, но најверојатно е најважното нешто. Тоа е нешто што секој го поседува. Не се работи за нешто што може да се научи. Всушност, поголем дел од училиштата интуицијата не ја сметаат за дел од работниот процес, бидејќи не можат да ја сублимираат. Многу е тешко да ги учите луѓето за четирите чекори кон интуитивниот дизајн, но можеме да ве научиме на четирите чекори кон изработка на убава визит-карта или на добар билтен. Па, затоа таа е запоставувана. Ова е цитат од Алберт Ајнштајн, кој вели: „На патот кон откритијата, интелектот игра мала улога. Доаѓа до поместување во свеста - ако сакате, наречете го тоа интуиција - и решението едноставно ви доаѓа, а не знаете од каде или зошто.“ Како кога некој ќе ве праша: „Кој ја пее оваа песна?“. Колку повеќе се обидувате да се сетите, одговорот толку повеќе ви бега, и во моментот кога ќе престанете да мислите на тоа, вашата интуиција ви го дава одговорот, на некој начин.
Ова ми се допаѓа од неколку причини. Доколку сте биле на некој курс за дизајн, ќе ви кажат дека ова не може да се прочита. Мислам дека кога-тогаш ќе го прочитате, и што е поважно, мислам дека ова е точно. „Не поистоветувајте ја читливоста со комуникација“. Само затоа што нешто е читко, не значи дека кажува нешто. Што е уште поважно, не значи дека ја кажува вистинската работа. Која е пораката што се пренесува пред некој да се задлабочи во материјалот? Мислам дека ова понекогаш се занемарува.
Ова е кога работев со Маршал Меклуан. Работев заедно со неговата сопруга и неговиот син, Ерик. Собравме близу 600 цитати од Маршал, кои се просто неверојатни во однос на нивната безвременост, предвидувајќи голем дел од она што се случи во светот на маркетингот, телевизијата и медиумите. Насловот на оваа книга е „Пасус“, што е уште еден термин за цитати. Голем дел од нив до тогаш не беа објавени, а јас, во основа, ги толкував различните цитати. Ова беше оригиналната страница со содржината. Кога ја завршивме книгата, таа имаше 540 страници, а подоцна издавачот, Гинко Прес, реши значително да ја намали, па сега има нешто помалку од 400 страници. Но, на мене ми се допадна оваа страница и како таа изгледа, па ја задржав. (смеа) Сега никако не е поврзана со книгата, но мислам дека има убав распоред. (смеа)
Ова се неколку цитати од книгата. Овде Меклуан вели: „Новите медиуми не се мостови помеѓу човекот и природата. Тие се природата.“ „Појавата на печатењето ја отстрани анонимноста, раѓајќи ја идејата за литературна слава и навиката за гледање на интелектуалниот напор како приватна сопственост.“ Што не било случај пред печатењето. „Кога новите технологии се наметнуваат врз општества навикнати на старите технологии, се појавуваат секакви нетрпеливости.“ „Додека луѓето се зафатени со создавање на сосема поинаков свет, секогаш формираат јасна слика за веќе постоечкиот свет.“ Го мразам ова. Тешко е за читање. (смеа) (аплауз) „Во дигиталното доба, луѓето немаат друга средина освен земјината топка и немаат друга професија освен собирањето информации.“ Тоа е тоа. Тој само тоа го гледал како опција. Не згрешил многу.
Ова е проект изработен за групата Најн Инч Нејлс (Nine Inch Nails). Го покажувам само затоа што одеднаш се здоби со големо значење. Изработен е нешто по нападите од 11 септември. Непосредно пред тоа, открив засолниште во дворот на куќата која ја купив во Лос Анџелес, кое агентот за недвижнини не ми го спомена. (смеа) Засолниште кое очигледно е изградено во 60-тите, за време на Кубанската криза. Еднаш кога поминувавме покрај него, го прашав агентот што е тоа, а тој ми рече дека е нешто поврзано со канализацијата. Добро, си реков. Најпосле се симнав долу и видов дека се работи за стара рѓосана кружна градба, со два кревети и беше многу морничаво и чудно. Изненадувачки, беше изработено од ефтин метал, кој веќе целосно беше рѓосан, и имаше вода и пајаци насекаде. Си помислив: „Што ли си мислеле?“. Би очекувале да употребат цемент или нешто слично. Како и да е, ова го искористив како насловна страна за албумот на групата. Инаку, засолништето го поправив со селотејп, па сега е подготвено. Мислам дека и јас сум подготвен.
Ова е еден експеримент за клиентот Квиксилвер, каде употребивме серија од шест фотографии. Сакавме со помош на печатен медиум да ги натераме луѓето да користат интернет. Значи, се работи за серија од шест фотографии. Една од фотографиите ја пресеков на неколку различни начини. Ситниот натпис вели: „Доколку сакате да ја погледнете целата фотографија, и како изгледаше ова сурфање, посетете ја интернет страницата.“ Претпоставувам дека голем дел од децата кои сурфаат ја посетиле страната, за да ја видат целата слика. Нема како да го докажам ова, па може и да грешам. (смеа) Ја немам интернет страната, туку само оваа фотографија.
Една организација од Њујорк, која се вика „Коалиција за средина без пушачи“, ме замоли да направам неколку постери. Постерите беа залепени низ целиот Њујорк. Не може да се види убаво, едвај се гледа, но поентата, на некој начин, лежи во вториот ред. Вели: „Доколку производителите на цигари можат да лажат, можеме и ние.“ (смеа) (аплауз) И јас излажав. Постерите беа залепени преку ноќ низ цел Њујорк, и луѓето се вртеа за да ги видат. Луѓе кои пушат застануваа... (смеа) Намерно беше направен за да изгледа навистина сериозно. Не се работеше за некој чуден постер, туку навистина изгледаше дека е вистински.
Ова е постер за Атлантскиот центар на уметност, едно училиште во Флорида.
Ова ме чуди. Ова е еден производ кој го најдов. Бев на Карибите за време на Божиќ. И не можев да поверувам дека и во денешно време сè уште се продава - не само што се продава - туку дека, всушност, луѓето имаат потреба да си ја избелат кожата. Или се работеше за стар производ во ново пакување, или за сосема нов производ, и само си помислив: „Леле! Како е можно ова?“.
Водам многу работилници низ целиот свет, а за оваа задача требаше да смислам нови симболи за вратите на тоалетите. (смеа) Мислам дека ова беше едно од поуспешните решенија. Вечерта, студентите ги исекоа знаците и ги исполепија низ баровите и рестораните. Низ главата ми се врти сликата на некој постар пар, како одат кон тоалетите... (смеа)
Пред неколку години соработував и со Мајкрософт. Се работеше за светска кампања за нивниот бренд. Ми беше доста интересно. Моето образование е во областа на социологијата. Немам обука за дизајн. Некогаш луѓето си велат: „Сега ни е јасно“. Но, ова беше многу интересен експеримент, бидејќи не се работеше за производ, кој требаше да го продадам, туку само за имиџот на Мајкрософт, кој се обидуваа да го подобрат. Мислеа дека има луѓе кои не ги сакаат. (смеа) Дознав дека биле во право, откако почнав да работам на оваа кампања.
Нашата првична цел беше да направиме да изгледаат почовечно, па затоа во рекламата додадов луѓе, што претходната кампања го немаше, и никој не се сеќаваше на неа и не можеше да се поистовети со неа. Се обидовме да кажеме дека некои од вработение се, всушност, добри момци. Некои од нив имаат пријатели и семејство, и не се лоши луѓе. Мотото на кампањата беше „Фала Богу што е понеделник“. Се обидовме да го земеме она што се смета за негативно - нивната прекумерна компетитивност, работењето прекувремено - и тоа да го претвориме во нешто позитивно, а не да бегаме од него. Нешто како „Фала Богу што е понеделник“, денот кога одам во малата канцеларија со лажни сиви ѕидови, од каде можам да ги слушнам разговорите на сите околу мене, работам 10 часа и потоа си одам дома.
Ова е една од рекламите со која сум најзадоволен, бидејќи сите беа темелно изрежирани, а мислам дека кај оваа реклама изгледа како девојчето да гледа во компјутерот. Вели „Разгледајте“. Потоа се гледа дел од софтверот. Вака изгледаше рекламата низ целиот свет. Во Германија направија една мала измена без да ме консултираат - не дека мораа, бидејќи се работеше преку агенции - но, погледнете дали можете да ја воочите разликата. Вака изгледаше рекламата низ светот. Германија направи една мала разлика. (смеа)
Има два проблеми со ова. Доколку ставате дете на реклама, одберете некое кое изгледа живо. (смеа) Имам чувство како детево да седело така цела недела. Се надева дека компјутерот наскоро ќе се подигне. (смеа) Од агенцијата ми објаснија „Во нашата држава нема зелени човечиња, па зошто би ставиле зелени човечиња во нашите реклами?“ Ја разбирам нивната логика, но воопшто не се согласувам со неа. Мислам дека тој пристап е многу ограничен. Светот е многу поглобален и сигурен сум дека на луѓето во Германија немаше да им пречи да видат мало црнче пред компјутерот. Но, никогаш нема да дознаеме.
Ова се дела од „Реј Ган“. Целта на списанието е да ги прочитате написите, да ја слушнете музиката и да се обидете да ја разберете. Нема шема, нема систем и ништо не е смислено однапред. Ова е најава за Брајан Ино, а воедно и мое лично гледиште за неговата музика. Ова се рокери како зборуваат за учителките по кои копнееле во училиште. Има многу добри написи во „Реј Ган“. Имав среќа да најдам фотографија од учителка како седи врз книги. (смеа)
Еден напис за Брајан Фери, кој навистина е здодевен, па затоа целиот напис го дадов во шифри. (смеа) Можете да го смените фонтот. Сепак се работи за оригиналниот напис. Претпоставувам дека би можеле и да го дешифрирате, но навистина не е добро напишан, па нема да ви вреди. (смеа)
Со оглед на тоа што имам работено со многу списанија, ме интересира како големите списанија се однесуваат кон големите приказни, и сакав да видам како Тајмс и Њузвик ќе ја пренесат веста за нападите од 11.09. Бев навистина разочаран кога видов дека решиле да покажат фотографија која веќе ја имаме видено безброј пати, а тоа е моментот на ударот. Според мене, списанието Пипл ја имаше најдобрата фотографија. Изгледа како да е застарена, но заради нејзината текстура и сликата на вториот авион како скоро се судира, има нешто навистина попривлечно - доколку тоа е вистинскиот збор, но не е - во оваа насловна страна, отколку оние на Тајмс и Њузвик.
Но, кога го разгледав списанието, наидов на нешто непријатно. На лево гледаме луѓе што умираат и се борат за својот живот, а на десно дознаваме дека има нов начин да ги стегнете вашите гради. Привлечната слика на десната страна се провлекуваше низ целото издание. Погледнете ја сликата со оваа жена - кој знае низ што сè поминува - а на рекламата вели: „Таа знае како да ме наежи.“ Тој скока од зграда... Ова, за жал, функционира како една приказна.
Ова го има низ целото списание. Не стана ништо подобро. Тука вели: „Сите ги собира во чистата облека“. Тој ден многу деца станаа сирачиња. Гледаме како изнесуваат мртовец. Според мене, дури и да ја оставеле страницата празна, ќе било посоодветно отколку ова. Мислам дека ова е најлошото. Две жени, и двете се свртени на иста страна, и двете носат фармерки. Едната - кој знае низ што поминува, а другата сака да позира и да пие млеко.
И... Неколку месеци после ова, одржав предавање во Њујорк. После некој ми пријде и ми рече, всушност, ми пратија мејл - и рекоа дека им се допаднал говорот, и дека откако се вратиле во својот автомобил нашле писменце кои ги натерало да помислат дека можеби Њујорк повторно се враќа по старо, откако поминаа неколку месеци по овој настан. Ова е писменцето кое го нашле на колата. (смеа) Не секогаш би биле среќни да го најдете ова на вашата кола, но ова е знак дека луѓето се враќаат на старо.
Ова е мојот десктоп. Денеска некој ми кажа дека постоеле папки, но јас не знам што е тоа. Ова се моите белешки за предавањето. Можеби постои некоја поврзаност. Привршуваме...
Ова го видов на авионот, кога доаѓав наваму. Нови производи. Не сум многу сигурен дека ова е подобрување или добра идеја. Ако не поминувате доволно време пред компјутерот, сега можете да јадете од тастатурата. Повеќе не можете да лажете дека не сте цел ден пред компјутер и дека работите и јадете во исто време. Сега имате чинија и навистина е згодно да си ставите парче пица, па малку да пишувате, малку... Не сум сигурен дека се работи за подобрување.
Доколку некогаш се сомневате во моќта на графичкиот дизајн, ова е обичен знак кој вели: „Гласајте за Хитлер“. Ништо друго. За мене ова е ектремен случај на моќта на емоциите во графичкиот дизајн. Иако, во тоа време ова бил многу чест постер.
Што е следното? На ред се луѓето. Технологијате сè повеќе е наш двигател, па значењето на луѓето е поголемо од кога и да е. Во својата работа мора да го употребите она што навистина сте. Никој друг не го може тоа. Никој друг не може да го искористи вашето минато, вашите родители, семејството, целото ваше животно искуство. Ако дозволите тоа да се случи, само така можете да постигнете уникатна работа, а и повеќе ќе уживате во вашата работа.
Ја сакам случајната уметност, рачно напишаните писма се во мода, и мислам дека ова е одличен пример за двете работи. Оваа госпоѓа дава оглас за изгубениот питбул. Дружељубив е - го има подвлечено тоа. Најверојатно затоа го крстила Херкул или Херкле. Не знае да пишува. (смеа) Но, она што е поважно, таа е подготвена да му даде 20 долари на оној кој ќе го најде нејзиниот питбул. Си мислам, како да не... Сигурно ќе станам да барам изгубен питбул за 20 долари. Замислувам луѓе како одат да го бараат по некои улички, го довикуваат Херкле, и одеднаш кон нив се стрчува огромно куче и тие си мислат: „Те молам, ова нека е Херкле. Те молам, биди дружељубив.“ (смеа) Сигурен сум дека никогаш не го нашла кучето затоа што јас го симнав постерот. (смеа)
Пред неколку години ме замолија да одржам предавање во Сакраменто. Темата беше храброст и ме замолија да зборувам за тоа колку е потребна храброст за да се биде графички дизајнер. Се присетив дека видов една фотографија од татко ми, кој беше тест-пилот и ми рече дека кога се пријавувате да бидете тест-пилот ви кажуваат дека има 40-50% шанса да погинете на работното место. За повеќето професии ова е прилично висок процент. (смеа) Владата ќе произведе авион и ќе ви рече: „Оди види дали ќе лета“. Некои од нив летаат, но некои не.
Почнав да размислувам за дел од одлуките кои морам да ги донесам, како, на пример, кој фонт да го употребам. (смеа) Поголемиот дел од нив не се опасни по живот. Зошто да не експериментирам? Зошто да не се забавувам? Зошто да не внесеме дел од себе во работата? Додека предавав секогаш ги прашував студентите „Која е дефиницијата за добра работа?“. Како професор, откако ќе ги добиете сите одговори, сакате да им го дадете точниот одговор. Најдобриот кој го имам слушнато, а сигурен сум дека и дел од вас го имаат слушнато, за дефиницијата на добра работа е „Доколку можете да си дозволите, доколку парите не се проблем, дали сè уште би ја работеле таа работа?“. Доколку е одговорот е „да“, тогаш имате прекрасна работа. Но, доколку одговорот е „не“, тогаш што правите? Ќе бидете мртов навистина долго време. Благодарам многу.
You can share this video by copying this HTML to your clipboard and pasting into your blog or web page. This video will play with subtitles.
You either have JavaScript turned off or have an old version of the Adobe Flash Player. To view this rating widget you
need to get the latest Flash player.
If your browser allows only "trusted sites" to execute Javascript, you should add the "googleapis.com" domain to your whitelist to allow our Flash detection to work properly.
Got an idea, question, or debate inspired by this talk? Start a TED Conversation.
Добриот дизајн е постојан пат на откритија - за кој добро е ако сте си спакувале здрава смисла за хумор. Социологот и сурфер, а сега дизајнер, Дејвид Карсон, нè носи низ прекрасниот (и, доста често, прилично смешен) куп слајдови од неговите дела и некои случајни слики.
David Carson is the "grunge typographer" whose magazine Ray Gun helped explode the possibilities of text on a page. Full bio »
Translated into Macedonian by Irena Dijanisieva
Reviewed by Biljana Dijanisieva
Comments? Please email the translators above.
Just follow the guidelines outlined under our Creative Commons license.
This comment will be attributed to . Not ? Sign Out.