Мислам дека треба да преземеме нешто во врска културата, со дел од медицинската култура којшто нужно е да се промени. И мислам дека тоа отпочнува со еден лекар - а тоа сум јас. А можеби дека доволно долго сум во таа област, та можам да си приуштам да се одречам од дел од грешниот престиж за да можам да го отпочнам тоа.
Пред да навлезам во сржта на усново излагање, ајде да начнеме дел од бејзболот. Еј... што да не? Близу сме до крајот на сезоната, наближува и светското првенство. Сите сакаме бејзбол, нели? (смеа) Кај бејзболот има некои неверојатни статистики. А има стотици такви. Наскоро ќе излезе филмот „Манибол“ (Moneyball), а во него сè се врти околу статистиката и како преку статистика да изградите одличен бејзбол тим.
Ќе се фокусирам на една статистика за која, се надевам, многумина од вас чуле. Се нарекува „просечен погодок“ (batting average). Па така, зборуваме за 300, за играч кој погодува 300 пати. Тоа значи дека играчот гаѓал „на сигурно“, на сигурно удрил 3 од вкупно 10 удари. Тоа значи: ја одбива топката надвор од теренот, таа паѓа, не бива фатена, па кој и да се обидел да ја дофрли до првата база, не стигнал навреме и тркачот е безбеден (ја освоил базата). Три од вкупно 10 пати. Знаете ли како го нарекуваат играчот со просек 300 во Главната Бејзбол Лига (MLB)? Добар играч, навистина добар, можеби супер-ѕвезда. А знаете ли како го нарекуваат оној со просек 400? Тоа е оној кој, патем речено, на сиругно гаѓа 4 од вкупно 10 пати. Л е г е н д а р е н — како Тед Вилијамс легендата — последниот играч од Главната Бејзбол Лига со просек над 400 во рамки на една регуларна сезона.
Е сега, ајде ова да го пресликаме во мојот свет на медицината каде ми е далеку поудобно, а можеби и не така удобно со оглед на она за кое ќе ви зборувам. Претпоставете си дека имате воспаление на слепото црево и дека сте упатени до хирург кој има просечен погодок 400 во однос на воспаленија на слепо црево. (смеа) Како да шкрипи нешто тука, нели? Сега, претпоставете си дека живеете на некое си далечно место и дека имате љубена која страда од блокади во две коронарни артерии и дека вашиот семеен лекар ја упатува до кардиолог кој има погодок 200 во полето на ангиопластиката. Арно ама... знаете што? Оваа година ѝ е многу подобро. Се враќа во форма. Како да има просечен погодок 257. Некако... и ова да не оди...
Но, ќе ви поставам прашање: Што мислите? Во однос на просекот на погодоци кај кардиохирург или кај медицинска сестра или кај ортопедски хирург, кај акушер и гинеколог, кај болничар... Колкав треба да биде? 1.000? Баш фино... ОК... Е сега... вистината за проблематикава е дека во светот на медицината НИКОЈ НЕ ЗНАЕ за добар хирург или за лекар или за болничар КОЛКАВ ТРЕБА ДА Е ПОГОДОКОТ. Она што го знаеме е дека сите нив ги лансираме (вклучително и мене) во реалноста со предупредувањето: Биди перфектен! Никогаш, баш никогаш не прави грешка, но... секирај се околу деталите, околу тоа како би се случила грешка.
Е, тоа беше пораката што ја впив кога бев на медицински факултет. Бев опсесивно-компулсивен студент. Во средно школо, соученик еднаш рече: Брајан Голдман (Brian Goldman) би го студирал и тестот за анализа на крв. (смеа) И точно тоа и го правев. Учев во малечко ми поткровје во резиденцијата за сестри во Општата болница - Торонто, недалеку од тука. И меморирав сè. Од часовите по Анатомија меморирав за потеклото и за силата на секој мускул, сите разграноци од секоја артерија што се разгранува од аортата, диференцијални дијагнози, и недистинктивни и вообичаени. Ги знаев дури и диференцијалните дијагнози за како да класифицираш ренална тубуларна ацидоза. И за целото тоа време акумулирав сè повеќе и сè повеќе знаење.
И поминав добро - дипломирав со признанија, со почести (латински: cum laude). И излегов од медицински факултет со впечатокот дека ако меморирам сè и ако знам сè, или што е можно повеќе, што е можно поприближно до сè, дека тоа би ме имунизирало од правење грешки. И тоа функционираше... извесно време... сè дур не наидов на г-ѓа Дракер.
Бев резидент во наставната болница, тука во Торонто, кога г-ѓа Дракер беше донесена во ургентниот центар во болницата каде работев. Тој период бев назначен за кардиолошките услуги во смени на Одделот за кардиологија. И моја работа беше, кога на персоналот од ургентното му треба кардио-консултација, да го посетам пациентот во ургентното и да поднесам извештај до претпоставениот. И ја видов г-ѓа Дракер... таа немаше здив. Кога ја слушнав, испушташе астматичен звук. А кога ѝ ги слушав градите со стетоскоп можев да слушнам напукнувачки звук на обете страни што ми укажа дека таа е во состојба на конгестивна срцева слабост. Тоа е состојба во која срцето застанува со работа и, наместо да може да ја испумпува крвта, дел од крвта се враќа во белите дробови, тие се полнат со крв и затоа доаѓа до недостаток на здив.
А тоа и не беше тешко да се дијагностицира. Дијагностицирав и почнав со терапија. Ѝ дадов аспирин. Ѝ дадов лекарства за ублажување на притисокот врз срцето. Ѝ дадов лекарства кои ги нарекуваме диуретици, водени апчиња, за да го измокри вишокот течност. И, во тек на наредните час и половина или два, таа се почувствува подобро. И јас се почувствував навистина добро. И тука ја направив мојата прва грешка — ја испратив дома.
Всушност, направив уште две грешки. Ја испратив дома без да зборувам со претпоставениот. Не дигнав телефон и не го направив она што требаше да го направам — да му се јавам на претпоставениот и да му ја пренесам приказната за самиот тој да може да ја согледа. А тој ја знаеше г-ѓа Дракер... Ќе можеше да даде и дополнителни информации за неа. Можеби така постапив поради добра причина. Можеби не сакав да бидам толку изразено надгледуван. Можеби сакав да бидам дотолку успешен, па така, и способен да преземам одговорност дека... дека би постапил така, па би бил способен да водам грижа и за пациентите на претпоставениот, дури и без да има потреба да го контактирам.
Втората грешка која ја направив беше полоша. Кога ја испратив дома, го занемарив гласчето длабоко одвнатре кое се обидуваше да ми каже: „Голдман, не е добра идејата. Не прави така“. Всушност, имав толкав недостаток на самодоверба што, реално, ја прашав сестрата која ја надгледуваше г-ѓа Дракер: „Сметаш ли дека е во ред да си оди дома?“ И сестрата подразмисли и прилично апатично ми рече: „Па да... мислам ќе ѝ биде добро“. Можам да се сетам како да беше вчера.
Така, ја потпишав отпусната листа, дојде амбулантно возило, дојдоа болничари да ја водат дома. И се вратив на работа врз задолженијата. Сиот остаток од денот, тоа попладне, имав чувство на разбуричканост и грчеви во стомак. Но си продолжив со работата. На крајот од денот, се спакував за да си одам од болницата, отидов до паркингот да си ја земам колата и да се одвезам дома, кога направив нешто што, вообичаено, не го правам. Поминав низ ургентното (на патот кон дома)
и таму беше онаа другата сестра... Не сестрата која ја надгледуваше г-ѓа Дракер, туку друга сестра која ми кажа три збора — тоа се тие три збора коишто повеќето лекари од ургентниот ги преплашуваат. Во медицината и други зборови ги преплашуваат, но постои нешто специфично околу ургентната медицина зашто, ние, пациентите ги гледаме кусо време. Трите зборови се: СЕ СЕЌАВАШ ЛИ? „Се сеќаваш ли на пациентката која ја испрати дома?“, праша другата сестра, онака апатично. „Е па се врати“, низ истиот тон во гласот.
Е па... се вратила. Се вратила и скоро да била мртва. Отприлика 1 час откако стигнала дома, откако ЈАС ја пратив дома, колабирала, семејството повикало итна помош, а болничарите ја вратиле во ургентниот оддел каде таа веќе имала крвен притисок 50, што значи во тежок шок. Едвај дишела и била помодрена. Персоналот од ургентниот направил сè што е можно. Ѝ дале лекови за кревање на крвниот притисок. Ја ставиле на вентилатор.
А-а-а... јас.... јас.... јас бев шокиран, и.... и потресен до коска. И... и... се навратив на оваа турбуленција, зашто откако ја стабилизирале, отишла во одделот за интензивна нега, и, контра надежите, се надевав дека ќе закрепне. После 2 или 3 дена беше јасно дека никогаш нема да се разбуди. Имала неповратно оштетување на мозокот. Фамилијата се собрала. И во тек на наредните 8 или 9 дена се предале на она што се случувало. И некаде на 9-тиот ден се простиле од неа — г-ѓа Дракер, жена, мајка и баба.
Велат: никогаш не ги забораваш имињата на оние кои умираат. И ова беше мое прво соочување со такво нешто. Во тек на следните неколку недели се измачував себе си и првпат го доживеав „нездравиот срам“ кој постои во нашата медицинска култура — се почувствував сам, изолиран, не чувствувајќи го „здравиот срам“ кој го чувствувате вие... зашто не можеш да зборуваш за тоа со колегите. Знаете, оној здравиот срам, кога оддавате тајна за која најдобриот пријател ве натерал да ветите дека никогаш нема да ја откриете и потоа сте фатени на дело, па најдобриот пријател ве соочува со тоа и водите ужасни дискусии, но.. на крајот од сето тоа, она тегобно чувство ве води и си велите: „никогаш повеќе нема да ја направам таа грешка“. Па правите промени и никогаш повеќе не ја правите таа грешка. Тоа е оној вид срам кој е учител.
Нездравиот срам, за којшто зборувам, е оној кој ве прави толку болни однатре. Тоа е оној кој вели: не дека тоа што сте го направиле било лошо, туку дека вие сте лоши. И.... и.... тоа беше она што го чувствував. А тоа не беше заради мојот претпоставен. Тој беше срце. Зборувал со семејството и, прилично сум сигурен, дека ги измазнил работите и се осигурал да не бидам тужен. И продолжив да си ги поставувам овие прашања. Зошто не го побарав претпоставениот? Зошто ја испратив дома? А во моите најлоши моменти и: Зошто направив така глупава грешка? Зошто влегов во медицината?
Полека но сигурно ми помина. Почнав да се чувствувам нешто подобро. И во еден облачен ден имаше пукнатина кај облаците и Сонцето почна да се наѕира, па се запрашав: можеби би можел повторно да се чувствувам подобро. И направив договор со самиот себе: ако го удвојам напорот за да бидам перфектен и ако никогаш повеќе не направам друга грешка, те молам направи гласовите да престанат. И престанаа. Па, се вратив назад на работа. И тогаш... повторно се случи.
Две години подоцна јас бев претпоставениот во ургентен оддел во месната болница, северно од Торонто. И видов 25 годишен човек со воспаление на грло. Имаше гужва. Јас бев во брзање. Тој продолжуваше да посочува тука. Му го погледнав грлото... беше розевкасто. Му препишав пеницилин и го испратив. А дури и кога излегуваше низ вратата како сеуште да посочуваше кон неговото грло.
Два дена подоцна, дојдов да ја сработам мојата следна смена во ургентно кога шефицата ме побара да позборуваме на раат во нејзината канцеларија. И ги изусти трите збора: СЕ СЕЌАВАШ ЛИ? „Се сеќаваш ли на пациентот кој го виде, со воспаленото грло?“ Е па, излезе дека немал стрептокока во грло. Боледувал од потенцијално опасна по живот состојба, наречена епиглотитис. Можете да проверите на Google, но се работи за инфекција, не на грлото, туку на горните дишни патишта, која, всушност, може да предизвика нивно затварање. И, за среќа, тој не умре. Бил ставен на интравенозна антибиотска терапија и заздравел по неколку дена. И поминав низ истиот период на срам и обвинувања, па се почувствував олеснет, па се вратив назад на работа. сè додека не се случи повторно и повторно и повторно...
Двапати во една ургентна смена утнав воспаление на слепо црево. Е па тоа си бара и грижа и труд и напор, особено кога работите во болница која, во времето, прегледуваше 14 души на вечер. Значи, во двата случаја... знаете... не ги пратив дома и не мислам да имало пропуст во грижата. Едниот мислев дека има камен во бубрег. Побарав рентген на бубрези. Кога излезе дека снимката е нормална, мојот колегата кој повторно го прегледуваше пациентот забележа осетливост во долниот десен квадрант, па ги повика хирурзите. Другиот имаше изразена дијареја. Порачав одредени течности за да го рехидрирам и побарав од колегата повторно да го прегледа. Тој го стори тоа и кога забележа осетливост во долниот десен квадрант, ги повика хирурзите. Значи, во двата случаја, луѓето ги добија своите операции и поминаа добро. Но, во обата наврати, тоа ме гризеше, ме јадеше.
А би сакал да можам да ви кажам дека моите најлоши грешки се случиле само во првите 5 години практика (како што многу од колегите велат), што е апсолутно бесмислено. (смеа) Дел од моите „бисери“ се имаат случено во последниве 5 години. Сам, засрамен и неподдржан. Еве го проблемот: Доколку не можам да се исповедам и да зборувам за моите грешки, доколку не можам да го изнајдам внатрешното гласче кое ми кажува што, навистина, се случило, како можам ова да го споделам со колегите? Како можам да ги поучам околу она што сум го направил, за тие да не ја направат истата работа? Да бев тргнат да влезам во соба, баш како сега, ќе немав претстава што се мисли за мене.
Кога последен пат сте чуле некого да зборува за неуспех после неуспех после неуспех? О да... одите на коктел-забава и би можеле да слушнете за некој друг доктор, но нема да слушнете некого како зборува за свои грешки. Да бев тргнат да влезам во соба полна со мои колеги и да побарам нивна поддршка баш сега и да почнам да им го кажувам она кое вам штотуку ви го кажав, најверојатно не би ни стигнал до оние две приказни, а пред да им стане навистина непријатно. Па, некој би плеснал шега, би ја смениле темата и би продолжиле понатаму. А, заправо, да знаев јас, да знаеја колегите дека колега-ортопед ја извадил погрешната нога кај мене во болница, верувајте, би ми било проблем да остварам контакт очи со очи со таа личност.
Тоа е системот кој го имаме: КОМПЛЕТНО НЕГИРАЊЕ НА ГРЕШКИТЕ. Тоа е систем во кој постојат два типа позиции: 1. оние кои прават грешки 2. оние кои не грешат; 1. оние кои не поднесуваат несоница 2. оние кои поднесуваат; 1. оние кои бележат лоши резултати 2. оние кои бележат одлични резултати. И тоа е, речиси, како идеолошка реакција, како антитела кои почнуваат да ја напаѓаат таа личност. И ја имаме онаа идеја дека ако ги истераме луѓето кои грешат надвор од медицината, она што ќе преостане е безбеден систем.
Но, тука има 2 проблема. Во моиве 20 години (или така нешто) емитување и новинарство за медицина, изготвив студија за медицински небрежности и грешки за да научам сè што можам — од една од моите први статии која ја напишав за „Торонто стар“, па сè до мојата емисија „Бел мантил, црна уметност“. И она што го осознав е тоа дека грешките, апсолутно, се сеприсутни. Живееме во него... работиме во систем каде грешки се случуваат секој ден. Каде 1 од 10 лекови или се погрешно препишани од болницата или се погрешно дозирани. Каде инфекциите добиени во болница се сè побројни и побројни, предизвикувајќи пустош и смрт. Во оваа земја 24.000 канаѓани умираат од превентибилни медицински грешки. Во САД, Институтот за медицина ова го испечати на 100.000 страни. Во двата случаја, ова се бруто потценувања во проценките затоа што ние, ама стварно, не го третираме и расветлуваме проблемот како што би требало.
А работата е во ова: во болничкиот систем, каде медицинското знаење се удвојува на секои 2 до 3 години, не можеме да бидеме во òд со истото. Несоницата, апсолутно, се омасовува. Не можеме да се ослободиме од неа. Си ги имаме и спознајните предрасуди така што можам да дојдам до одлична анамнеза за пациент со болка во гради. Сега... земете го истиот пациент со болка во гради, замислете си го мокар и зборлив, додадете му алкохол во здивот и, одеднаш, мојата анамнеза би била прекриена со предрасуди. И, не ја добивам истата анамнеза. Не сум робот. Не ги правам работите секојпат на ист начин. А моите пациенти не се возила; тие не ми ги соопштуваат симптомите секојпат на ист начин. Со сето ова предвид, грешките се неизбежни. Така, ако го прифатите системот, како што јас бев научен, и ако ги апстрахирате сите здравствени професионалци склони на грешки, е па... нема да преостане никој.
А ја знаете онаа финта во врска со луѓето кои не сакаат да зборуваат за нивните најлоши грешки? Во мојата емисија, „Бел мантил, црна уметност“, создадов навика од кажувањето... „Еве ја мојата најлоша грешка“, им велев на сите, од болничари до шефови на кардио-хирургија. „Еве ја мојата најбедна грешка, бла бла бла бла бла.... Што е со твојата?“ И ќе го вперев микрофонот кон нив. А нивните зеници ќе се раширеа, тие ќе се повлечеа наназад, потоа ќе погледнеа надолу и ќе голтнеа кнедла и ќе почнеа да ми ги кажуваат нивните приказни. Тие сакаа да ги кажат нивните приказни. Сакаа да ги споделат нивните приказни. Сакаа да можат да кажат: „Гледај... не ја прави истата грешка што јас ја направив“ Она што ним им треба е средина во која тоа може да се направи. Она што ним им треба е редефинирана култура во медицината. А тоа отпочнува „лекар по лекар“.
Редефинираниот лекар е човечко битие, тој знае дека е човечко битие, го прифаќа тоа, не е горд на грешките, но стреми да научи една работа од она што се случило: дека може да поучи некого. Го споделува искуството со другите. Дава поддршка кога другите зборуваат за своите грешки. Укажува на туѓите грешки, не на „аха, те фатив“ начин, туку низ љубов, низ поддршка така што сите би имале корист од тоа. А работи во медицинската култура која предочува дека човечките битија го водат системот. А кога човечките битија го водат системот, од време на време тие ќе прават грешки. Така системот еволуира за да создаде поддршка со која полесно ќе се детектираат оние грешки кои луѓето, неизбежно, ги прават. Исто така, низ љубов и поддршка, да промовира места каде секог кој набљудува во здравствениот систем може, реално, да ги посочи работите кои би можеле да бидат потенцијална грешка... И бива награден што прави така. А особено луѓето како мене, кога правиме грешки... Ние сме наградени кога ги признаваме.
Моето име е Брајан Голдман. Јас сум редефиниран лекар. Човек сум. Правам грешки. Жалам за тоа, но стремам кон тоа да научам една работа — дека можам да им пренесам на другите луѓе. И сеуште не знам што мислите за мене, но можам да живеам со тоа.
А дозволете ми да завршам со моите три збора: ЈАС СЕ СЕЌАВАМ.
You can share this video by copying this HTML to your clipboard and pasting into your blog or web page. This video will play with subtitles.
You either have JavaScript turned off or have an old version of the Adobe Flash Player. To view this rating widget you
need to get the latest Flash player.
If your browser allows only "trusted sites" to execute Javascript, you should add the "googleapis.com" domain to your whitelist to allow our Flash detection to work properly.
Got an idea, question, or debate inspired by this talk? Start a TED Conversation.
Секој лекар прави грешки. Но, Брајан Голдман вели дека медицинската култура на порекнување (и срам) ги спречува лекарите да зборуваат за тие грешки или да ги применат за учење и за подобрување. Кажувајќи случки од неговата долга практика, тој ги повикува лекарите да започнат да зборуваат за своите грешки.
Brian Goldman is an emergency-room physician in Toronto, and the host of CBC Radio’s "White Coat, Black Art." Full bio »
Translated into Macedonian by Сања Богоева
Reviewed by Apostol Karovski
Comments? Please email the translators above.
17:51 Posted: Apr 2011
Views 1,397,154 | Comments 364
10:05 Posted: Dec 2010
Views 631,324 | Comments 261
18:07 Posted: Jul 2011
Views 1,056,538 | Comments 241
Just follow the guidelines outlined under our Creative Commons license.
This comment will be attributed to . Not ? Sign Out.