Како свештеник, можете да си замислите колку несоодветно се чувствувам. Се чувствувам како риба на суво, или можеби, како був без воздух.
Пред некое време проповедав во Сан Хосе, и мојот пријател Марк Квами, кој ми помогна да се претставам на оваа конференција, донесе неколку извршни директори и лидери од неколку компании од Силиконската Долина да доручкуваат со мене, или јас со нив. И јас бев многу поттикнат. И доживеав едно искуство како откровение слушајќи ги како зборуваат за светот кој допрва доаѓа преку технологијата и науката. Знам дека се ближиме кон крајот на оваа конференција, и некои од вас можеби се прашуваат зошто има излагач од областа на религијата. Ричард може да го одговори тоа, затоа што тој ја донесе таа одлука.
Но, пред неколку години, бев во лифт во Филаделфија, слегував надолу. Требаше да се обратам на една конференција во еден хотел. И во тој лифт, еден човек рече: „Слушнав дека Били Грахам престојува во овој хотел“. А еден друг човек погледна кон мене, и рече: „Да, еве го. Тој е во овој лифт со нас“. И првиот човек, ме одмери со погледот околу 10 секунди, и рече: „Боже, какво разочарување!“
Се надевам -- дека вие нема да ги сметате овие мигови со мене како разочарување; после сите овие извонредни говори кои ги слушавте, и обраќања, кои планирам да ги ислушам. Но, јас бев во авион на Истокот пред некоја година, и човекот кој седеше спроти мене беше градоначалникот на Шарлот, Северна Каролина. Неговото име беше Џон Белк. Некои од вас, најверојатно го познаваат. Имаше и еден пијан човек, кој стана од своето седиште два или три пати вознемирувајќи ги сите со она што се обидуваше да го направи, а тоа е - плескање на стјуардесата и нејзино штипење, како што таа поминуваше, и секој беше вознемирен од него. Конечно, Џон Белк му рече, „Дали знаеше кој седи овде?“ А човекот му одговори: „Не, кој?“ Тој рече: „Били Грахам, проповедникот“. Овој му рече: „Не збори!“ И се сврти кон мене, и ми рече: „Дојди овде!“ Ми рече, „Твоите проповеди навистина ми помогнаа.“
И верувам дека тоа е вистина за илјадници луѓе.
Знам дека како што гледате кон иднината, и како што слушнавме нешто од тоа овде, вечерва, би сакал да живеам во тоа време и да видам како ќе биде. Но, тоа нема да се случи, затоа шти имам 80 години; ова е мојата осумдесетта година, и знам дека моето време е кратко. Моментално имам флебит на двете нозе, и тоа е причината поради која ми требаше мала помош да се искачам овде, затоа што имам Паркинсонова болест како додаток на тоа, и некои други проблеми за кои нема да зборувам.
Но, ова не е прв пат да имаме технолошка револуција. Сме имале и други. Има една за која сакам да зборувам. Во едно поколение, Израелскиот народ поминал низ една извонредна и драматична промена која го претворила во голема сила на Блискиот Исток. Еден човек по име Давид седнал на тронот, и кралот Давид станал еден од великите водачи на неговото поколение. Тој бил извонреден лидер. Тој ја имал Божјата благонаклоност кон него. Бил брилијантен поет, философер, писател, војник, со стратегии во битките и конфликтите кои луѓето ги проучуваат дури и денес.
Но, околу два века пред Давид, Хетитите ја откриле тајната на топење и обработка на железото, и полека, таа вештина се раширила. Но тие не дозволувале Израeлците да ја дознаат или поседуваат оваа тајна. Но Давид го променил сето ова, и го вовел Израeл во Железното Доба. И Библијата вели дека Давид собрал големи залихи на железо, кои археолозите ги пронашле во денешна Палестина, а кои сведочат за тоа поколение. Значи, наместо груби алатки изработени од колови и камења, Израел сега имал железни плугови, и српови и мотики, и воени оружја. И во текот на едно поколение, Израел бил целосно изменет. Воведувањето на железото, на еден начин, имал влијание речиси исто како она кое микрочипот го имаше на нашата генерација. И Давид открил дека постојат многу проблеми кои технологијата не можела да ги реши.
Многу од нив и денес постојат. И тие се сеуште со нас, и вие ги немате решено и јас не слушнав ниту еден тука да зборува за тоа. Како да ги решиме овие три проблеми кои би сакал да ги споменам? Првиот проблем кој го видел Давид било човечкото зло. Од каде доаѓа? Како да го решиме? Повторно и повторно во Псалмите, за кои Гледстоун рекол дека се најважната книга на светот, Давид го опишува злото на човечкиот род. А сепак тој вели, „Тој ја обновува мојата душа“. Сте помислиле ли некогаш колку сме контрадикторни? Од една страна, ние можеме да ги истражуваме најдлабоките тајни на универзумот и драматично да ги потиснуваме границите на технологијата, како што оваа конференција живо ни опишува. Сме виделе под морето, три милји подолу, или во галаксии стотици милијарди години во иднината.
Но од друга страна, нешто е погрешно. Нашите воени бродови, нашите војници, се на фронт сега речиси подготвени да влезат во војна со Ирак. Значи, што го предизвикува ова? Зошто мора да ги имаме овие војни во секое поколение, и во секој дел од светот? И револуции? Ние не можеме да се согласиме со другите луѓе, дури ни со нашите сопствени семејства. Се наоѓаме во парализирачки костец на само-уништувачки навики од кои не можеме да се одвикнеме. Расизмот и неправдата и насилството земаат замав во нашиот свет, давајќи ни трагична жетва на тага во срцето и смрт. Дури и најсофистицираните помеѓу нас изгледаат немоќни да излезат од овој круг. Би сакал да видам како Изворот се соочува со ова. Или некои други технолошки генији како работат на ова. Како да го смениме човекот за тој да не лаже и не мами и нашите весници да не се полнат со приказни за измами во бизнисот или трудот или спортот или било што друго?
Библијата вели дека проблемот е во нас, во нашите срца и души. Нашиот проблем е што сме одделени од нашиот Создател, кого го нарекуваме Бог, и треба да ги возобновиме нашите души, нешто што само Бог може да го стори. Исус рекол: „Оти од срцето доаѓаат злите мисли: убиства, сексуални изопачености, кражби, клевети, озборувања“. Британскиот философ Бертранд Расел не бил религиозен човек, но рекол: „Во нашите срца лежи злото, и од нашите срца треба да биде искорнато“. Алберт Ајнштајн -- Зборував со некого - кога говорев во Принстон, и го запознав г-дин Ајнштајн. Тој немаше докторски степен, затоа што рече дека никој не бил квалификуван да му даде еден.
Но, тој го рече следново. Тој рече: „Полесно е да се денатурира плутониумот одошто да се денатурира човечкиот зол дух“. И многумина од вас, сигурен сум, размислувале и биле зачудени од ова. Сте виделе како луѓето ги земаат благотворните технолошки успеси, како Интернетот, за што слушавме вечерва, и ги извртуваат во нешто расипано. Сте виделе брилијантни луѓе кои развиваат компјутерски вируси кои уништуваат цели системи. Бомбардирањето во Оклахома Сити беше едноставна технологија, употребена на грозен начин. Проблемот не е во технологијата. Проблемот е во личноста која ја користи. Крал Давид рекол дека ги познава длабочините на сопствената душа. Тој не можел да се ослободи од личните проблеми и личните злодела кои вклучувале убиство и прељуба. Сепак, крал Давид барал прошка од Бога и рекол: „Ти можеш да ја обновиш мојата душа“.
Видете, Библијата учи дека ние сме повеќе од едно тело и ум. Ние сме душа. И има нешто внатре во нас што е над нашето разбирање. Тоа е делот од нас што копнее за Бога, или нешто повеќе од она што го наоѓаме во технологијата. Вашата душа е делот од вас што копнее за смисолот на животот, и што бара нешто над овој живот. Тоа е делот од вас што навистина копнее по Бога. Гледам дека млади луѓе низ целиот свет се во потрага по нешто. Тие не знаат што е тоа. Говорам во многу универзитети, и имам многу минути за прашања и одговори, и - без разлика дали е Кембриџ, или Харвард, или Оксфорд - сум говорел на сите тие универзитети. Ќе бидам на Харвард за три или четири - не, за два месеци од денес, да одржам предавање. И ќе ми ги постават истите прашања кои ми ги поставија последните неколку пати кога бев таму. А тоа ќе бидат следниве неколку прашања: Од каде доаѓам? Зошто сум тука? Каде одам? Што е животот? Зошто сум тука?
Дури и да немате никакво религиозно убедување, постојат моменти кога се прашувате дали има нешто друго. Томас Едисон рекол исто така, „Кога ќе го видите сето она што се случува во светот на науката, и функционирањето на универзумот, не можете да одречете дека има капетан на бродот“. Еднаш, се сеќавам, стоев покрај г-ѓа Горбачов на вечера во Белата Куќа. Појдов до амбасадорот Добринин, кого добро го познавав, и сум бил неколку пати во Русија за време на комунизмот, и тие ми дадоа чудесна слобода на која не се надевав. Знаејќи го г-дин Добринин многу добро, му реков: „Вечерва ќе седам покрај г-ѓа Горбачов. За што да зборувам со неа?“ И тој ме изненади со неговиот одговор. Тој рече: „Зборувај со неа за религија и философија. Таа е вистински заинтересирана за тоа.“ Бев малку изненаден, но таа вечер говоревме токму за тоа, и имавме инспиративен разговор, а подоцна таа ми рече: „Знаете, јас сум атеист, но знам дека има нешто таму горе повисоко од нас“.
Вториот проблем за кој крал Давид сфатил дека не може да го реши бил проблемот на човечкото страдање. Најстарата книга на оваа тема во светот е книгата Јов, во која се вели: „Човекот се раѓа, за да страда, како и искрите - за да летаат угоре.“ Сепак, сигурно дека науката многу придонела за да отстрани одредени типови на човечко страдање. Но, јас - за неколку месеци ќе наполнам 80 години. Признавам дека сум многу благодарен за сите медицински достигнувања кои ме одржаа во релативно добро здравје сите овие години. Моите доктори од клиниката „Мајо“ побараа од мене да не патувам до овде - за да бидам тука. Не сум одржал говор речиси четири месеци. А кога зборувате толку многу колку мене, три или четири пати на ден, за’рѓувате. Има причина поради која го користам овој подиум и овие белешки. Секој пат кога ме слушате на телевизија или било каде, јас сум спонтан. Не читам. Никогаш немам прочитано беседа. Никогаш немам прочитано говор или обраќање или лекција. Говорејќи, јас импровизирам. Но вечерва, имам некои белешки тука, за во случај да почнам да заборавам, што понекогаш ми се случува, па имам нешто кон кое можам да се вратам.
Но дури и овде, меѓу нас, најмногу - во најнапредното општество во светот, имаме сиромаштија. Имаме семејства кои се само-уништуваат, пријатели кои не предаваат. Неподносливи психолошки притисоци се спуштаат врз нас. Никогаш не сум запознал човек во светот кој немал проблем или грижа. Зошто страдаме? Тоа е древно прашање кое не сме го одговориле. Сепак Давид, пак и пак, велел дека ќе се сврти кон Бога. Тој вели: „Господ е пастир мој“. Последниот проблем за кој Давид знаел дека не може да го реши била смртта. Многу говорници имаат речено дека смртта е забранета тема за нашето поколение. Повеќето луѓе живеат како никогаш да нема да умрат. Технологијата го проектира митот за контрола над нашата смртност. Гледаме луѓе на нашите екрани. Мерлин Монро е толку убава на екранот, колку што била во живо, и нашите - многу млади луѓе мислат дека сеуште е жива. Тие не знаат дека таа е мртва. Или Кларк Гејбл или кој и да е. Старите ѕвезди. Тие оживуваат. И тие се - тие се подеднакво големи на екранот, колку што биле во живо. Но, смртта е неизбежна.
Пред некое време говорев пред заедничката сесија во Конгресот, минатата година. Се сретнавме во таа соба, Собата на статуите - во неа имаше околу 300 присутни. И јас реков, „Има едно нешто кое ни е заедничко во оваа соба, на сите нас заедно, без разлика дали сме Републиканци или Демократи, или било што“. Реков, „Сите ние ќе умреме“. И тоа ни е заедничко со сите овие големи луѓе од минатото кои гледаат во нас. И, често пати е тешко за младите луѓе да го разберат тоа. За нив е тешко да разберат дека ќе умрат. Како што древниот писател на Еклезијастот напишал, вели, има секаква активност под небесата. Има време кога ќе се родиш, и време кога ќе умреш. Сум стоел над смртната постела на неколку познати луѓе кои ги знаете. Зборував со нив. Сум ги видел во тие моменти на агонија кога беа преплашени до смрт.
А сепак, неколку години порано, смртта воопшто не им паднала на ум. Минатава недела зборував со една жена чиј татко бил познат доктор. Таа рече дека тој никогаш не помислел на Бога, никогаш не зборувал за Бога, не верувал во Бога. Тој бил атеист. Но, таа ми рече дека пред да умре, еден ден седнал на креветот, и ја прашал сестрата дали може да го види капелскиот свештеник. Рекол дека прв пат во неговиот живот помислил на неизбежното, и на Бога. Постои ли Бог? Пред неколку години, еден универзитетски студен ме праша „Кое е најголемото изненадување во вашиот живот?“ Јас му одговорив дека најголемото изненадување во мојот живот е краткотрајноста на животот. Минува многу брзо. Но, не мора да е така. Ворнер фон Браун, во повечерјето на Втората светска војна заклучил, цитирам: „Науката и религијата не се противници. Напротив, тие се сестри.“ Тој го кажал ова на лична основа. Го познавав д-р. фон Браун мошне добро. Тој велеше: „Говорејќи од мој аспект, можам да кажам само дека величественоста на космосот служи само да го потврди верувањето во сигурноста на Создателот“. Тој исто така велеше: „Во нашата потрага за познавање на Бога, верувам дека животот на Исус Христос треба да биде фокусот на нашите напори и инспирација. Реалноста на тој живот и Неговото воскресение е надеж за човештвото“.
Одржав многу говори во Германија и Франција, и во различни делови од светот - имав привилегија да говорам во 105 држави. Еден ден бев поканет да го посетам канцеларот Аденауер на кого се гледаше како на еден вид создател на современа Германија по војната. И еднаш - тој ми рече: „Млад човеку“, рече, „Дали веруваш во воскресението на Исус Христос?“ Јас реков: „Верувам, господине“. Тој рече: „И јас верувам“. „Кога ќе ја напуштам должноста, ќе го поминам моето време пишувајќи книга за тоа зошто Исус Христос воскреснал, и зошто е толку важно да се верува во тоа“. Во едно од неговите дела, Александар Солженицин опишувал еден човек кој умира, и кој им вели на оние кои се собрале околу неговиот кревет: „Моментот кога е ужасно да се чувствува покајание е моментот кога се умира“. Како треба да се живее за да не се жали кога се умира?
Блез Паскал го поставил истото прашање во 17 век во Франција. Паскал е наречен архитект на современата цивилизација. Тој бил брилијантен научник на полето на математиката, дури и како тинејџер. Од многумина е гледан како основа на теоријата на веројатност, и создател на првиот модел на компјутер. И секако, сите сте запознаени со компјутерскиот јазик наречен според него. Паскал длабоко ги истражувал нашите човечки дилеми за злото, страдањето и смртта. Тој бил вџашен пред феноменот кој го разгледувавме: дека луѓето може да постигнат извонредни височини во науката, уметноста, човеката решителност, а сепак, исто така, тие се исполнети со бес, хипокризија, и имаат - и себе-омраза. Паскал гледал на нас како на значајна мешавина од генијалност и себе-залажување. На 23 ноември 1654 година, Паскал доживеал длабоко религиозно искуство. Во неговиот дневник ги запишал овие зборови: „Себе си се предавам, апсолутно, на Исус Христос мојот Искупител“.
Еден француски историчар рекол, два века подоцна: „Ретко кога толку моќен интелект се предал, со такво смирение, во власта на Исус Христос“. Паскал верувал не само дека љубовта и благодатта Божја можат да не вратат во хармонија, но верувал дека неговите сопствени гревови и беззаконија може да бидат простени, и дека кога ќе умрел, ќе одел на едно место наречено Рај. Тој го искусил ова на начин кој бил над научното набљудување и разум. Токму тој ги сковал добро познатите зборови, „Срцето има свој ум, за кој разумот не знае“.
Подеднакво познат е и Паскаловиот Облог. Во основа, тој рекол: „Доколку се обложиш на Бога, се отвораш себе си за Неговата љубов, и не губиш ништо, дури и да си погрешил. Но обратно, доколку се кладиш дека нема Бог, тогаш губиш се’, во овој и во животот што доаѓа“. За Паскал, научното знаење бледее покрај знаењето на Бога. Знаењето на Бога е далеку над било што, што некогаш му паднало на ум. Тој бил подготвен да се соочи со Него кога починал на 39 годишна возраст. Крал Давид поживеал 70 години - долговечно за негово време. А сепак, и тој требало да се соочи со смртта, и ги напишал овие зборови: „Кога би тргнал и по долината на смртната сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене.“
Ова бил одговорот на Давид на трите дилеми на злото, страдањето и смртта. Може да биде и ваш, исто така, доколку Го барате живиот Бог и Му дозволите да го исполни вашиот живот и да ви даде надеж за иднината. Кога имав 17 години, бев роден и одгледан на една фарма во Северна Каролина. Молзев крави секое утро, и требаше да ги нахранам истите крави секоја вечер кога се враќав од училиште, а тие беа 20 - и за нив јас бев одговорен, и работев на фармата и се трудев да бидам добар ученик. Немав добри оценки во средно. Немав ниту на колеџ, додека нешто не се случи во моето срце.
Еден ден, бев соочен лице-в-лице со Христа. Тој ми рече: „Јас сум патот, вистината и животот“. Можете ли да го замислите тоа? „Јас сум вистината, Јас сум олицетворение на сета вистина“. Тој беше лажго. Или беше луд. Или Тој беше тоа, што велеше дека е. Што беше Тој? Јас морав да одлучам. Не можев да го докажам тоа. Не можев да го одведам во лабораторија и да експериментирам со тоа. Но, преку вера реков, јас поверував во Него, и Тој дојде во моето срце и го измени мојот живот. И сега сум подготвен, кога ќе го чујам повикот, да одам во Божјото присуство. Ви благодарм, и Бог да ве благослови сите.
Ви благодарам за привилегијата. Беше прекрасно.
You can share this video by copying this HTML to your clipboard and pasting into your blog or web page. This video will play with subtitles.
You either have JavaScript turned off or have an old version of the Adobe Flash Player. To view this rating widget you
need to get the latest Flash player.
If your browser allows only "trusted sites" to execute Javascript, you should add the "googleapis.com" domain to your whitelist to allow our Flash detection to work properly.
Got an idea, question, or debate inspired by this talk? Start a TED Conversation, or join one of these:
Обраќајќи се на TED во 1998, отец Били Грахам се восхитува на моќта на технологијата во подобрувањето на животот и менувањето на светот - но вели дека крајот на злото, страдањето и смртта ќе дојде дури откако светот ќе го прифати Христос. Еден легендарен говор од архивите на TED.
The Rev. Billy Graham is a religious leader with a worldwide reach. In his long career as an evangelist, he has spoken to millions and been an advisor to US presidents. Full bio »
Translated into Macedonian by Milan Jakovcevski
Reviewed by Rozeta Pavlova
Comments? Please email the translators above.
21:02 Posted: Jul 2006
Views 1,223,598 | Comments 757
19:32 Posted: Apr 2007
Views 274,863 | Comments 489
12:06 Posted: Jun 2007
Views 617,652 | Comments 188
Just follow the guidelines outlined under our Creative Commons license.
This comment will be attributed to . Not ? Sign Out.