Follow TED
Be the first to know about new TEDTalks, TED news and other announcements.
Click on any phrase to play the video from that point.
Пред околу четири години, списанието Њујоркер објави статија за куп од коски од птицата додо кој бил пронајден во јама на островот Маурициус. Маурициус е мал остров источно од Мадагаскар во Индискиот Океан и е местото каде што птицата додо беше пронајдена и истребена во период од 150 години. Сите беа возбудени за овој археолошки пронајдок, бидејќи значеше дека постои шанса најпосле да се состави единствен целосен скелет од додо.
Видете, иако музеите ширум светот имаат скелети од додо во своите колекции, никој - дури ни Природонаучниот музеј на островот Маурициус - нема скелет што е направен од коските од единствена додо птица. Всушност, ова не е сосема точно. Британскиот Музеј имал комплетен примерок на додо во својата колекција до XVIII век - бил мумифициран, со кожа и се друго - но, при ревносно расчистување за ослободување на простор тие ги исекле главата и стапалата, а остатокот го изгореле на клада Ако ја погледнете нивната веб страница денес, тие се уште ги имаат овие делови на списокот, а за остатокот пишува дека е изгубен во пожар.
Не е баш целата вистина. Сепак. Главниот дел од овој натпис беше сликава, и јас сум еден од оние што мислат дека Тина Браун беше одлична во избирање слики за списанието Њујоркер, зашто сликава потполно ми го разниша светот. Станав опседнат со предметот - не само прекрасната фотографија сама за себе, туку и бојата, малата длабочина на поле, видливите детали, жицата што се гледа таму на клунот што ја користел конзерваторот да го состави скелетот, може да се состави цела приказна. И си помислив, нели би било одлично да имам свој додо скелет? (смеа)
И така -- овде сакам да нагласам дека го поминав животот опседнат од предмети и приказните што тие ги раскажуваат, и дека оваа беше најновата. Така почнав да барам наоколу - да видам дали некој продава некава опрема за изработка, или некаков модел на птицата и успеав да најдам многу податоци, многу убави слики - но немав среќа - нема скелет од додо за мене. Но, веќе не можев да се откажам. Веќе бев зачувал неколку стотици слики на скелети од додо во мојата папка „Креативни проекти“ - таа е ризница за мојот мозок, полна со се што би можело некогаш да ме интересира. Секогаш кога ќе се поврзам на интернет, ставам сешто во неа, од убави прстења до слики од кабини на авиони. Клучот што Маркизот од Лафает му го испратил на Џорџ Вашингтон да го прослави падот на Бастиља. Руски клуч за нуклеарно лансирање. Горната слика е од оној што го најдов на eBay; а долната е слика на клучот што самиот го направив, затоа што не можев да си го дозволам оној од eBay. Костуми на стормтрупери. Карти на Средната Земја - оваа самиот рачно ја нацртав. И еве ја папката за додо скелетот. Во неа има 17 000 фотографии - преку 20 гигабајти информации - и постојано се зголемува. Еден ден, неколку недели подоцна, или можеби дури и по една година, бев во продавница за уметнички реквизити со децата, купувавме алатки за обликување на глина - требаше да имаме Креативен ден. Купив глина Супер Скалпи, жица за арматура и други материјали. И погледнав во глината и си помислив, можеби, можеби би можел да направам сопствен додо череп.
Овде треба да нагласам - не сум скулптор. Јас правам макети со цврсти рабови. Дајте ми цртеж, дајте ми реквизит да реплицирам, дајте ми кран, скеле, делови од „Војна на ѕвездите“ - посебно делови од „Војна на ѕвездите“ - тоа можам да го работам по цел ден. Токму така заработував за живот цели 15 години. Но, ако ми дадете нешто вакво - мојот пријател Мајк Мјурнејн го има извајано ова, тоа е кукла од „Војна на Ѕвездите - Епизода втора“ - тоа не е мој домен, тоа го прават други луѓе - змејови, меки нешта.
Сепак, чувствував дека сум видел доволно слики од черепи од додо за да можам вистински да ја разберам неговата топологија и можеби да го репродуцирам - мислам, не би требало да биде премногу тешко. Така, почнав да ги барам најдобрите слики што можев да ги најдам, Го земав целиот референтен материјал, и ја најдов оваа прекрасна фотографија. Некој го продаваше ова на eBay. Очигледно, тоа е женска рака. Барем се надевам дека е женска. Претпоставив дека е приближно голема како раката на мојата жена. Го измерив нејзиниот палец и го споредив со сите димензии на черепот. Ја зголемив сликата до природна величина и ја користев заедно со останатиот референтен материјал. Ги споредував сите податоци за големина за да одредам колку точно голем треба да биде клунот, колку треба да биде долг и слично.
По неколку часови некако успеав да направам нешто што беше личеше на прилично добар череп на додо. И немав намера да продолжам, тоа е, знаете, како кога чистите многу нечиста соба почнувате со средување на работите една по една, не можете да размислувате за целината. Не размислував да правам додо скелет, само забележав кога го завршив черепот дека арматурата што ја користев да го придржува излегуваше од задната страна на черепот токму на местото каде што би требал да биде ’рбетот А една од другите работи кои ме интересирале и со кои сум бил опседнат низ годините се ’рбети и скелети, и бидејќи бев собрал неколку стотици веќе доволно ја разбирав механиката на пршлените за да можам да почнам да ја имитирам. И така дел по дел, пршлен по пршлен, го моделирав ’рбетот надолу И така, на крајот на денот, имав разумно добар череп, средно добар ’рбет и половина од карлица.
И повторно, продолжував, барав повеќе референтен материјал. секое делче од референца што би можел да го најдам - цртежи, прекрасни фотографии. Овој човек - го сакам човеков! Тој ставил коски од нога на додо во скенер со размерник. Ова е токму нивото на точност што го сакав, и јас само ја ископирав секоја коска и ги составив. И после околу, мислам, шест недели, го завршив, обоив и наместив мојот сопствен скелет на додо. Можете да видите дека дури направив и музејска етикета за него на која е испишана кратка историја на додото. И ТАП Пластикс ми направи - иако не ја сликав - музејска витрина. Немам простор за ова во мојата куќа, но морав да го завршам започнатото.
Ова всушност претставуваше значајна промена за мене. И како што веќе реков, целиот мој живот се состоеше од фасцинираност од предмети и приказните што тие ги раскажуваат, и правење на истите за да ги задржам за себе, да ги ценам и да ме обземат во себе. И во оваа папка, „Креативни Проекти“ има милиони проекти на кои моментално работам, проекти на кои веќе сум работел, нешта на кои би сакал да работам некој ден, и нешта што можеби би сакал само да ги најдам и имам и да ги гледам и допрам. Но сега, таму се појави потенцијал за оваа нова категорија на нешта кои би можел да ги вајам тоа беше различно, дека јас - знаете, јас имам сопствен Арту Диту (R2D2), но тоа искрено, споредено со вајањето, за мене тоа е лесно.
И така се навратив и ја разгледав мојата папка „Креативни Проекти“ и налетав на Малтешкиот сокол. Видете, ова е интересно за мене: да се вљубам во предмет од роман на Хамет, затоа ако е точно дека светот е поделен на два типа на луѓе - оние кои го сакаат Чендлер и оние кои го сакаат Хамет, јас апсолутно сум за Чендлер. Но во овој случај, не е - нема врска со авторот, нема врска со книгата или филмот или приказната, се работи за самиот предмет таков каков што е. И во случајов, предметов е - постои на повеќе нивоа.
Прво, предметов постои во реалниот свет. Ова е „Соколот Кипхаусен“ Тој е церемонијален сад направен околу 1700 год. за шведски гроф и многу веројатно е предметот од кој Хамет ја црпел својата инспирација за Малтешкиот сокол. Потоа постои птицата која Хамет ја создал за книгата. Создадена од зборови, таа е моторот кој го движи дејството во неговата книга и во филмот, во кој е создаден друг предмет: реквизит кој треба да го претставува она што Хамет го создал со зборови, инспириран од Нипхаузерскиот сокол, што го претставува соколот во филмот. И на крај постои четврто ниво, кое е сосема нов објект во реалноста, реквизитот направен за филмот, репрезентација на оригиналниот сокол, станува, сам за себе, сосема ново нешто, сосема нова опсесија.
Сега беше време да истражувам. Всушност, пред неколку години бев истражувал затоа и постоеше папката. Бев купил реплика, многу лоша реплика, на Малтешкиот Сокол на eBay, и бев собрал доволно слики така што имав доста референтен материјал. Но открив, преку понатамошно истажување, барајќи навистина прецизни референци, дека птицата - една од оригиналните оловни птици - била продадена од Кристис во 1994 год, и така контактирав со една антикварница која го имаше оригиналниот каталог на Кристис и во него ја најдов оваа величествена слика, на која се прикажани и димензиите на птицата. Успеав да ја скенирам сликата и да ја зголемам точно до вистинската големина.
Најдов уште материјали. Ави (Ара) Чекмајан, уредник од Њу Џерси, всушност го најде овој Малтешки сокол на еден пазар во 1991, му требаа пет години да ја потврди автентичноста на птицата да одговара на спецификациите на аукционерите, бидејќи имаше многу контроверзии околу неа. Беше направена од смола, која не била чест материјал за филмски реквизити во времето на снимањето на филмот. Чудно ми е што требаше толку време да се потврди автентичноста на птицата ја видов споредена со ова и можам да ви кажам дека е вистинската, направена е од потполно истиот калап како оваа. За оваа, бидејќи самата аукција беше контроверзна, Профили низ историјата, куќата за аукции што ја продаде - мислам дека беше во 1995 за околу 100 000 долари - тие вклучија - можете да видите овде долу - не само изглед од напред, туку и страничен изглед, изглед од назад и изглед од другата страна.
И така сега ја имав целата топологија која ми беше потребна за да направам реплика на Малтешкиот Сокол. Што се прави, како се почнува нешто такво? Навистина не знам. Она што јас го направив беше истата постапка како кај скелетот од додо. Го зголемив референтниот материјал до природна големина, и почнав да ги отсекувам негативите и да ги користам за да ја одредам формата на соколот. Направив голем блок од Скалпи глината и ги следев шаблоните додека не ги добив вистинските профили, И тогаш полека, пердув по пердув, детаљ по детаљ, ја обработував и постигнав - работејќи пред телевизорот - со помош на Супер Скалпи - еве ме до жена ми - ова е единствена слика што ја имам од целиот процес. Како што напредував успеав да направам доста веродостоен факсимил на Малтешкиот Сокол. Но ќе повторам, не сум скулптор,
и затоа не знам многу трикови како на пример, не знам како другар ми Мајк добива убави, сјајни површини со неговата Скалпи глина, јас секако не успеав во тоа. И така, отидов во мојата работилница и направив калап за соколот и го излеав во смола бидејќи со смолата можев да го добијам мазниот, стаклест завршен слој. Постојат многу начини да го пополните калапот и да добиете убав, мазен финиш. Јас претпочитам да нанесам околу 70 слоеви од оваа црна мат боја за автомобили. Ја нанесувам некаде околу 3 до 4 дена, прска насекаде, но се добива навистина мазна, нежна површина која можам да ја направам мазна како стакло, на крај ја обработувајќи ја со челична волна. Кога стигнав до оваа точка, бидејќи во филмот, кога ја изнесуваата птицата на крајот, ја поставуваат на масата и ја вртат, можев да ја стопирам сликата на екранот, кадар по кадар за да бидам сигурен. Ги следев сите удари на светлина, и се обидував - држејќи го светлото на исто место, да го добијам истиот вид на рефлексија - тоа беше нивото на деталност што го барав од себеси. И крајниот резултат беше следниов: мојот Малтешки Сокол. Прекрасен е. Можам да тврдам со сигурност дека во тој момент, кога ја завршив, од сите реплики кои постоеја - а ги има малку - оваа е далеку најпрецизна репрезентација на оригиналниот Малтешки Сокол што некој ја извајал. Оригиналната, би требал да ви кажам,
е извајана од тип кој се вика Фред Секстон. Тука работите стануваат чудни. Фред Секстон бил пријател со Џорџ Ходел. Страшен човек - многу веруваат дека е убиецот на Црната Далија. Џејмс Елрој верува дека Фред Секстон, скулпторот на Малтешкиот Сокол, ја убил мајкара на Џејмс Елрој. Но станува уште почудно. Во 1974 год., за време на снимањето на чуден комичен продолжеток на „Малтешкиот Сокол“ кој се викал „Црната птица“ со Џорџ Сигал во главната улога, Обласниот музеј за уметност на Лос Анџелес имал гипсан оригинал од Малтешкиот Сокол - еден од шесте оригинали направени за филмот - кој бил украден од музејот. Многу луѓе мислеле дека е маркертиншки потег за промоција на филмот. Во ресторанот Џонс Грил, кој се појавува на кратко во филмот „Малтешкиот Сокол“ и е сеуште познато место за јадење во Сан Франциско, редовен муштерија бил Елиша Кук, кој го играл Вилмер Кук во филмот. Тој им подарил еден од оригиналните гипсани реквизити од Малтешкиот Сокол. Тие го чувале во витрина околу 15 години кога им бил украден во Јануари 2007 година. Се чини дека посакуваниот објект го добива своето значење единствено со постојано исчезнување.
И така го имав овој Сокол, тој беше убав. Одлично изгледаше. Светлото паѓаше многу убаво на него, беше подобар од било што што би можел да го постигнам или добијам било каде во светот. Но постоеше еден проблем. Тој проблем беше: Го сакав предметот во целина, сакав да ја има истата тежина. Ова што го направив беше од смола и беше премногу лесно. Има една група на интернет на која често ја посетувам чии членови се луди по реквизити исто како и јас. Таа се вика Replica Props Forum и нејзините членови прават филмски реквизити и разменуваат податоци за нив. Излезе дека еден од нив, пријател кој всушност и никогаш не сум го сретнал, но се спријателивме преку некои размени на реквизити, е менаџер на локална леарница. Ја зема мојата оригинална шема за соколот, направи бронзан модел излеан во восок и ми ја даде таа бронза. Ова, после малку гравирање со киселина, е крајниот резултат.
И со овој резултат сум многу, многу задоволен. Еве, ќе го ставам овде. подоцна и ќе можете... Сакам да го земете и да го разгледате. Сакате да знаете - колку сум опседнат. Овој проект е само за моја душа но сепак отидов толку далеку, што на eBay купив кинески весник од Сан Франциско од 1941 година, за да птицата биде соодветно замотана... како во самиот филм (смеа) Да, знам! (смеа)(аплауз) Како што можете да видите, тежи околу 12,5kg. Тоа е половина од тежината на моето куче Хаксли.
Но, има еден проблем. Еве ја прогресијата на соколите. Најлево е ѓубрето - лошата реплика што ја купив на eBay. Еве го донекаде уништениот сокол од Скалпи глина, затоа што морав да го извадам од калапот. Ова е првата излеана птица, еве го моделот за леење и еве ја бронзената птица. Има една работа која се јавува кога правиш калапи и лееш предмети. Секогаш кога ќе го извадиш до калапот, се губи дел од волуменот, се губи дел од големината. Кога го поставив бронзениот сокол до оној од скалпи глина, видов дека е помал за околу 1,9cm. Реакцијата ми беше ааах - зошто не ми текна на ова? Зошто не го направив поголемо на почетокот? Но што да правам? Имав две можности. Прво, можам да му насочам ласер, нешто што сум го правел претходно за да го скенирам во 3D - направив 3D скен на овој сокол. Го пресметав точниот сооднос на смалување што го добив при преоѓање од восочен на бронзен модел, и го зголемив доволно за да направам 3D литографски модел, кој ќе го измазнам, па ќе го пратам кај мајсторот за калапи и потоа ќе го излеам во бронза.
Или - има неколку луѓе кои ги имаат оригиналите а јас са обидував да дојдам до нив и да ги контактирам, надевајќи се дека ќе ми дозволат да поминам неколку минути со една од вистинските птици, можеби за да ја фотографирам, или дури да го извадам рачниот ласерски скенер што го имам, кого го собира во кутија за цереалии, и можеби, дури и без да ја допрам нивната птица, се колнам, да добијам совршен 3Д скен. Дури и сум подготвен да потпишам дека нема да дозволам да ја добие никој друг, дека ќе стои само кај мене во канцеларијата, ветувам. Би им дал една и на нив ако сакаат. И тогаш, можеби, тогаш ќе стигнам до крајот оваа вежба. Но вистина, да бидам искрен, морам да признаам дека доаѓањето до крајот на вежбава никогаш не беше нејзината цел, нели. Ви благодарам.
Got an idea, question, or debate inspired by this talk? Start a TED Conversation.
На EG'08, Адам Севиџ зборува за фасцинираноста од птицата додо, и како тоа го поттикнало до чудна и изненадувачка двојна потрага. Ова е интересна авантура низ еден креативно опсесивен ум.
Adam Savage, the host of "MythBusters" on the Discovery Channel, is a longtime special-effects artist and a minor obsessive. Full bio »
Translated into Macedonian by Ivana Stoilkovska
Reviewed by Zoran Blazevski
Comments? Please email the translators above.
17:14 Posted: Jun 2008
Views 200,888 | Comments 49
17:18 Posted: Feb 2007
Views 223,807 | Comments 45
20:02 Posted: Mar 2009
Views 643,149 | Comments 136
Just follow the guidelines outlined under our Creative Commons license.
This comment will be attributed to . Not ? Sign out.