Return to the talk Return to talk

Transcript

Select language

Translated by ALEKSANDAR MITEVSKI
Reviewed by Charlie Psy

0:11 Долго време во животот, имав чувство дека водам два различни животи. Постои животот за кој сите знаат, но и животот за кој само јас знам. Во животот за кој сите знаат, јас сум пријател, син, брат, стенд-ап комичар и тинејџер. Тоа е животот за кој сите знаат. Ако побарате од моите пријатели и семејство да ме опишат, токму тоа ќе ви го кажат. И тоа е голем дел од мене. Тоа сум јас. Ако од мене побарате јас самиот да се опишам, веројатно би кажал некои од тие работи. И нема да ве излажам, но и нема да ви ја кажам целата приказна, бидејќи тоа е само животот за кој сите знаат. Во животот за кој само јас знам, јас сум всушност човек кој води тешка борба со депресијата. Тоа го правам изминативе шест години и продолжувам секој ден.

1:19 Е сега, некој кој никогаш не доживеал депресија или пак не знае што значи тоа, можеби малку ќе се изненади, бидејќи има една многу популарна заблуда дека депресијата е да бидеш тажен кога нешто во животот ти тргнало наопаку, кога ќе раскинеш со девојката, кога ќе изгубиш некој сакан, кога нема да ја добиеш посакуваната работа. Но тоа е тага. Тоа е природно. Тоа е нормална човечка емоција. Вистинската депресија не е да бидеш тажен кога нешто во животот ти тргнало наопаку. Вистинската депресија е да бидеш тажен кога сè во животот ти оди како што треба. Тоа е вистинската депресија, и токму од тоа страдам.

1:54 И да бидам целосно искрен, тешко ми е да го кажам тоа тука пред вас. Тешко ми е да зборувам за тоа, и се чини дека и на другите им е тешко, толку многу што никој не зборува за депресијата. Никој не зборува за депресијата, но би требало, оти во моментов таа претставува огромен проблем. Огромен проблем. Но не ја гледаме на социјалните медиуми, така? Ја нема на Фејсбук. Ја нема на Твитер. Ја нема на вестите, бидејќи не е радосна вест, не е забавна, не е позитивна. И бидејќи ја нема, не можеме да видиме колку е сурова.

2:25 Но нејзината суровост и сериозност се рефлектира вака: на секои 30 секунди, секои 30 секунди, некаде, некој во светот си го одзема животот поради депресија, можеби е два блока одовде, можеби две земји или два континенти одовде, но се случува, и се случува буквално секој ден. А ние како општество, честопати ќе се осврнеме на тоа и велиме, "Па што?" Па што? Ќе погледнеме кон тоа, и велиме, "Тоа е твој проблем. Тоа е нивни проблем." Велиме дека сме тажни и дека ни е жал, но истовремено велиме, "Па што?"

3:01 Пред две години јас имав таков проблем, кога седнав на работ од креветот каде сум седел милион пати претходно и сакав да извршам самоубиство. Имав намера да се самоубијам, но ако погледневте на површината од мојот живот, немаше да забележите дете со таква намера. Ќе видевте дете кое е капитен на кошаркарски тим, ученик на годината по драма и театар, ученик на годината по Англиски, некој на кого постојано му оддаваат признанија и кој е постојано на забавите. И би рекле дека не сум депресивен, би рекле дека немам намера да се самоубијам, но ќе погрешите. Ќе згрешите. И така седнав таму таа ноќ, до мене имав шишенце со апчиња. Во раката држев лист и пенкало, размислував да си го одземам животот, и бев олку близу до тоа. Малку фалеше.

3:49 Но не го направив тоа, и тоа ме прави еден од оние среќниците, еден од луѓето кои застанале на работ, погледнале надолу, но не скокнале, еден од среќниците кои преживуваат. И така, преживеав, и ми останува само приказната, а мојата приказна е оваа: Во четири едноставни зборови, јас страдам од депресија. Јас страдам од депресија, и долго време, мислам дека живеев два тотално различни животи, каде едната личност секогаш беше исплашена од онаа другата. Ми беше страв дека луѓето ќе откријат кој сум всушност, дека не сум совршеното, популарно дете од средно училиште, дека зад мојата насмевка, се крие борба, зад мојата светлина, лежи мрак, и дека под мојата голема личност, се крие уште поголема болка.

4:35 Видете, некои луѓе се плашат дека девојките ќе ги одбијат. Некои луѓе се плашат од ајкули. Некои можеби се плашат од смрт. Но јас, најголемиот дел од животот, ми беше страв од самиот себе. Се плашев од мојата вистина, од мојата искреност, од мојата ранливост, а тој страв направи да се чувствувам ко да сум приклештен во ќош, ко да сум приклештен во ќош од кој има само еден излез, а за тој излез размислував секој ден. Размислував секој ден, и да бидам целосно искрен, стоејќи овде повторно размислував, бидејќи таква е болеста, таква е борбата, тоа е депресија, а депресијата не е сипаници. Не можеш да ја победиш еднаш и да си замине засекогаш. Со неа живееш. Во неа живееш. Таа ви е цимер кој не можете да го исфрлите. Глас кој не можете да го игнорирате. Тоа се чувства од кои не можете да избегате, а најстрашно е што после некое време, отрпнувате на нив. Се навикнувате на нив, а најмногу ви е страв не од страдањето кое е во вас. Туку од стигмата која е во другите, од срамот, од резилот, од осудувачкиот поглед на лицето на вашиот пријател, од шепотите во ходникот дека сте слаб, од коментарите дека сте луд. Тоа не ви дозволува да побарате помош. Тоа ве тера да ја држите во себе и да ја криете. Тоа е стигмата. Ја криете депресијата во себе, ја држите и ја криете, иако ве приковува за кревет секој ден и ви го прави животот празен без оглед колку и да се обидувате да го пополните, ја криете, бидејќи стигмата во нашето општество околу депресијата е многу голема. Многу е голема, а ако мислите дека не е така, запрашајте се ова: Како повеќе сакате да гласи вашиот следен Фејсбук статус, дека ви е тешко да станете од кревет оти ви е повреден грбот или дека ви е тешко да станете од кревет секое утро оти сте депресивни? Тоа е стигмата, бидејќи за жал, живееме во свет во кој ако си ја скршите раката, сите трчаат да ви се потпишат на гипсот, но ако им кажете дека сте депресивен, сите бегаат од вас. Тоа е стигмата. Можеме да прифатиме пореметување на било кој дел од телото, освен на мозокот. А тоа е незнаење. Тоа е чисто незнаење, а тоа незнаење има создадено свет кој не ја разбира депресијата, кој не го разбира менталното здравје. А тоа е иронично за мене, бидејќи депресијата е еден од проблемите кој се најдобро утврдени во светот, но сепак проблем за кого најмалку дискутираме. Едноставно ја туркаме под тепих, се преправаме дека не е тука и се надеваме дека ќе се реши сама од себе.

6:54 Но, нема, тоа се нема случено и нема ни да се случи, оти тоа е само фантазирање, а фантазирањето не ни треба, со него само одолговлекуваме, и не можеме да одолговлекуваме толку важна работа. Првиот чекор за решавање на проблем е да го препознаете проблемот. Но, тоа го немаме направено, и не можеме да очекуваме одговор доколку и понатаму ни е страв од прашањето.

7:18 И не знам што е решението. Би сакал да знам, но не знам, но мислам дека мора да почне одовде. Мора да почне од мене, мора да почне од вас, мора да почне од луѓето кои страдаат, од оние кои се скриени во сенките. Мораме да зборуваме и да ја прекинеме тишината. Токму ние треба да се охрабриме за она во што веруваме, бидејќи ако има една работа што ја сфатив, ако има една работа за која сметам дека е најголем проблем, тоа не градење на свет во кој ќе го искорениме незнаењето на другите. Туку градење на свет во кој ќе учиме како да се прифатиме самите себе, во кој ќе бидеме океј со тоа кој сме, бидејќи кога сме искрени, можеме да видиме дека сите се бориме и страдаме. Дали со нас, дали со нешто друго, сите знаеме како е кога си повреден. Сите знаеме како е да имаш болка во срцето, сите знаеме колку е важно таа да заздрави. Но во моментов, депресијата е длабока расекотина врз која лепиме фластер и се преправаме дека не постои.

8:16 Но таа е тука. Тука е, и знаете што? Во ред е. Депресијата е океј. Ако имаш депресија, знај дека си океј. И имај на ум дека си болен, не си слаб, таа е проблем, а не идентитет, оти кога ќе го надминеш стравот, исмејувањето, осудата и стигмата од другите, ќе можеш да ја видиш депресијата онаква каква што è , а таа е само дел од животот, само дел од животот, и колку и да ги мразам, колку и да ги мразам некои од местата, некои од моите животни епизоди кои ми ги приреди депресијата, на многу начини сум и благодарен за тоа. Бидејќи да, ме турна по надолнина, но само за да ми покаже дека има врв, и да ме влечеше по темнината, но само за да ме потсети дека има светлина. Мојата болка, повеќе од било што во текот на овие 19 години, ми даде перспектива, мојата повреда, мојата повреда ме натера да имам надеж, да имам надеж и верба, верба во себе, верба во другите, верба дека може да биде подобро, дека можеме да го промениме ова, дека можеме да се побуниме и да се бориме против незнаењето, да се бориме против нетолеранцијата, и највеќе од сè, да научиме да се сакаме самите себе, да научиме да се прифатиме онакви какви што сме, а не онакви какви што светот сака да бидеме. Бидејќи светот во кој јас верувам е свет во кој прифаќањето на сопствената светлина не значи игнорирање на сопствената темнина. Светот во кој јас верувам е свет во кој ќе бидеме оценувани според нашата способност да ги надминеме тешкотиите, а не да ги избегнеме. Светот во кој јас верувам е свет во кој ќе можам да погледнам некого во очи и да речам, "Поминувам низ пекол," а таа ќе ме погледне назад и ќе рече, "И јас," и тоа да биде океј, и океј е бидејќи депресијата е океј. Ние сме луѓе. Ние сме луѓе кои се борат, страдаат, крварат и кои плачат, и ако мислите дека вистинската сила значи никогаш да не покажеш слабост, тогаш морам да ви кажам дека грешите. Грешите, бидејќи е токму спротивното. Ние сме луѓе, и имаме проблеми. Не сме совршени и тоа е океј.

10:14 Значи мораме му ставиме крај на незнаењето, на нетолеранцијата, на стигмата, на тишината, и мораме да ги отстраниме табуата, да ја погледнеме вистината, и да проговориме, бидејќи проблемот со кој луѓето се борат сами, ќе го победиме само ако застанеме сите заедно, ако бидеме сите сложни.

10:44 И верувам дека можеме. Верувам дека можеме. Дечки ви благодарам многу. Ми се оствари сонот. Ви благодарам. (Аплауз) Ви благодарам. (Аплауз)